fbpx

Илинден – Денот на Републиката се одбележа со церемонии во Скопје, Пелинце, Смилево и Крушево

-

Почнувајќи од Скопје, преку Пелинце и Смилево, до Крушево – центарот на Илинденското востание, денеска во земјава се одбележуваа двата јубилеја – 118 години од Крушевската република (1903 година ) и 77 години од Првото заседание на АСНОМ (1944 година) – како двата клучни настани за воспоставувањето на македонската државност.

 

Џафери говореше пред Собранието

Програмата во Скопје, во организација на Собранието на Република Северна Македонија, започна со положување цвеќе на спомениците на Методија Андонов – Ченто, на президиумот на АСНОМ и на Никола Карев, а потоа продолжи со обраќање на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери и со празнична културно-уметничка програма.

Собранискиот спикер Џафери во својот говор пред собраниската зграда рече оти е небитно каде ќе се обрати до граѓаните, бидејќи празникот не е „врзан со конкретно место“, но е одлична можност да се потсетиме на мултиетничноста и на мултикултурата кои се во срцевината на Крушевскиот манифести и документите од АСНОМ.

„Празникот не е врзан со одредено место во Република Северна Македонија, тој живее, се раѓа повторно и повторно, со секој нов ден, со секоја нова генерација на млади кои секојдневно се справуваат со нови предизвици, секој ден ги бијат своите лични и колективни битки за подобро утре, за поквалитетен живот, професионален развој и надградба и сигурна и безбедна иднина. Нашата држава е спој на различности, уникатен мозаик во кој секој уникатен дел растел и се развивал врз своите корени кои биле и се потврда на долговечноста и истрајноста на народите кои што живееле и биле дел од ова поднебје.

Ако го погледнеме Крушевски Манифест, ако ги погледнеме и документите на АСНОМ од 1944 година, ќе согледаме дека се јасно дефинирани општите и посебни човекови права и слободи, во кои јасно се дефинира мултиетничкиот, мултикултурниот и мултиконфесионалниот карактер на нашата држава, и ќе се увериме дека историјата, настаните низ неа, сами го детерминирале патот по кој треба да се чекори ако се следи разумот кој ја наметнал потребата од сплотување кон единствената, природна и остварлива крајна цел, а тоа е заеднички дом за сите со јасна визија, мудрост и разум, за сите кои ја надминале тесната и себична рамка, го отвориле умот и силно ги прегрнале благодатите кои ги нуди взаемната почит и соработка, прифаќајќи го изразувањето на особеностите и карактеристиките на секоја етничка заедница, на културата, јазикот, идентитетските обележја како природно право кое е нова додадена вредност на нашата земја, меѓутоа, имајќи ја предвид и структурата во соседството и регионот, додадена вредност и во регионот и пошироко“, порача Џафери.

На одбележувањето во Скопје, цвеќиња пред спомениците положија делегации на Собранието, Кабинетот на претседателот, Владата, Град Скопје…

 

Заев во Пелинце: Нашиот Илинден не е завршен и нема да заврши

Во Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце пак одбележувањето беше во организација на Владата.Свечената програма за одбележување на државниот празник 2 Август – Ден на Републиката започна со полагање венци свежо цвеќе на спомен обележјето на Првото Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), од страна на владината делегација. Неа ја предводеше премиерот Зоран Заев, а ја сочинуваа и вицепремиерите Артан Груби и Љупчо Николовски, како и министрите за одбрана и внатрешни работи, Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски.

Во говорот по културно уметничката програма и исполнувањето на државната химна , премиерот Заев во својот говор порача дека се одбележуваат дел од корените на македонската државност, како „генетски записи во кои се збрани вредностите на кои се повикуваме и на кои ја градиме иднината“.

„Во овој ден што го одбележуваме денеска, се дел од корените на нашата државност и на нашата иднина. Илинден 1903 и 1944 се дел од низата големи историски случувања коишто го одразуваат континуитетот на државотворната историја и стремежот на граѓаните, на народите на нашата земја да создадат сопствена држава, еднаква во друштвото на народите. Тоа се генетски записи пренесени од сите наши претходници. Тоа се генетски записи во кои се збрани вредностите на кои се повикуваме и на кои ја градиме иднината. Тоа е континуитет на вредности какви што се вградени и што ги негуваат сите модерни европски држави“, истакна премиерот.

Премиерот Заев во своето обраќање рече дека светлината на Илинден блеснала два пати во нашата историја – Првиот пат во 1903 година со Илинденската епопеја, која заврши со Крушевската Република и втор пат Илинден во 1944 година, во манастирот Свети Прохор Пчињски, каде што се одржа Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ.

„Како земја сојузничка во антифашистичката војна, на големиот чин со историски димензии, на Првото државотворно заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија, раѓањето на Демократска федерална Македонија непосредно го сведочеа и воените претставници на големите сојузнички сили – Соединетите Американски Држави и Велика Британија. Тоа се истите денешни наши сојузници во НАТО. Ете толку далекусежно и историски значајно е Првото заседание на АСНОМ“, нагласи премиерот Заев.

Никој не може да го порекне државотворниот концепт на АСНОМ содржан во Декларацијата за основните права на граѓаните на Македонија и во Манифестот на АСНОМ, рече премиерот Заев и потенцираше дека државотворни документи се она што е Европа денес – документи за универзалните слободи и права. Тој посочи и на континуитетот на дефинирањето на македонската држава кој продолжи да се гради на вредностите и принципите утврдени на Илинден 1903-та и на АСНОМ 1944-тата.

„Третиот Илинден е нашиот континуитет во афирмацијата на вредностите на кои е изградена нашата држава и кои светот ги прифати како наша специфика и идентитет според кој Северна Македонија денеска се препознава во светот. Третиот Илинден не познава крај. Третиот Илинден е бесконечноста на нашиот стремеж кон нашата иднина. Затоа нашиот Илинден не е завршен и нема да заврши. Ние го живееме нашиот Илинден. На нашата и на идните генерации останува да го одржуваме и да го шириме пламенот на Илинден. Огнот што го распламтија плејадата македонски просветители, учебникари, револуционери, комити и партизани, граматичари и писатели, како и истакнати видни дејци припадници на другите народи во нашата земја“, истакна во своето обраќање премиерот Заев.

Тој уште додаде дека Континуитетот во остварувањето на нашите стратешки интереси како наш Трет Илинден е и нашето членство во НАТО, и дека во тој дух, овој свечен ден не повикува да продолжиме и понатаму кон остварување и на нашата втора стратешка цел – членството во Европската Унија.

Претседателот на Владата Заев во своето обраќање порача дека Илинден и 2 август 1903-та и 1944-та се длабоко врежани во меморијата на сите нас како наразделни поглавја во процесот на создавање на нашата заедничка држава.

„Денес гласот на граѓаните е слободен, слушнат, разбран и почитуван повеќе од кога било; Денес различностите во Северна Македонија се на пиедесталот, повеќе од кога било; Денес македонскиот глас ечи посилно од кога било; Денес Македонците, Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите, Бошњаците и сите останати, се обединети повеќе од кога било“, рече премиерот Заев.

Свечената државна програма по повод државниот празник 2 Август – Ден на Републиката на Пелинце продолжи со културно-уметничка програма на која настапија хорот на Националната опера и балет, Националната установа за народни песни и игри „Танец“, и на Националната установа за Ансамбл на албански ора и песни во Република Северна Македонија, и ученици од балетскиот оддел на Државниот музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски Луј“.

 

Претседателот Пендаровски го започна одбележувањето во Крушево уште претпладне

Во меѓувреме, во Крушево почнаа церемониите со кои шефот на државата, Стево Пендаровски одаде почит на Илинденците и на првиот миг – Илинденското востание – со кој започнува воспоставувањето на македонската државност. Истовремено, делегации на државниот врв и на политичките партии, оддаваа почест на востаниците и во селото Смилево.

Во црквата „Св. Никола“, претседателот Пендаровски присуствуваше на панихидата за загинатите Илинденци и положи свежо цвеќе на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење, а пред споменичниот комплекс, во рамки на одбележувањето на 118 годишнината од Крушевската Република, беше одржан и музичко сценски настап со изведба на нумери од репертоарот на воениот оркестар на Армијата, како и изведба на воено-акробатска вежба „Егзирцир“ од страна на припадниците на баталјонот за почести.

Претседателот Пендаровски положи свежо цвеќе и пред споменикот на паднатите борци на Слива, симболот на самопожртвуваноста на македонските востаници во одбраната на Крушевската Република.

Инаку, Пендаровски претходно, во својата видео честитка за Илинден, побара во „овие времиња на неизвесност“ да се надминат поделбите и да се зајакнат демократските институции и владеењето на правото, како и овозможување на младите да градат просперитетна иднина во својата земја..

Централната свеченост за чествувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, почна во 18 часот на Мечкин Камен во Крушево, за разлика од претходните години, кога свеченоста почнуваше напладне. На свеченоста, која се состоеше од културно-уметнички точки, покрај премиерот Заев присуствуваше и претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Сепак, говори, за разлика од претходните одбележувања, немаше.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...