МЗШВ: Штетата од царината на Косово за земјоделските производи е околу 180.000 евра


Скопје, 7 август, 2018 - 11:42 (META) 

Одлуката на Косово, со која царините за овошјето и зеленчукот од Македонија беа зголемени за 30 отсто, предизвика штета од околу 180.000 евра или 2.000 тони нереализиран извоз, одговори денеска на новинарско прашање, шефот на кабинетот во Министерството за земјоделство, Трајан Димковски.

Тој додаде дека штетите се пресметани врз основа на извозот реализиран лани од 18 до 31 јули, период во кој годинава важеше одлуката на Владата на Косово.

– Косово ја воведе одлуката со која ги зголеми царините на 18 јули годинава, по што донесе делумно укинување, а потоа одлуката беше и целосно повлечена. Лани во овој период, од 18 до 31 јули Македонија на Косово извезла околу 2.000 тони земјоделски производи во вредност од 180.000 евра – рече Димковски.


Невремето во прилепско 100 проценти ги уништи тутунот, пиперката, пченката и житото


Прилеп, 24 јули, 2018 - 16:47 (META) 

Невремето кое вчера зафати повеќе населени места од прилепско, зад себе остави катастрофални последици, информираат од Општина Прилеп.

Огромни се штетите на земјоделските површини во атарот на селата Мало и Големо Коњари, Кадино Село, Галичани, населбата Варош и повеќе други населени места.

„На површина од околу 600 хектари, речиси целосно се уништени насадите со тутун, пиперки, пченка и жито. Жителите од овој дел на Прилепското поле, велат дека во последните 25 години не паметат вакво невреме. Нагласуваат дека штетите на земјоделските производи се 100 проценти и бараат во најбрзо што може, Комисијата за утврдување на настанатите штети да излезе на терен. Очекуваат помош од државата, во спротивно, како што велат, во прашање ќе биде доведена нивната егзистенција. Покрај тоа, поучени од искуствата во годините наназад, земјоделците се плашат дека повторно можат да бидат изиграни и да не ги добијат парите од проценетета штета“, се вели во соопштението.

Градоначалникот Илија Јованоски апелираше до земјоделците да ги достават потребните документи за обесштетување.

– Од утре, во Општина Прилеп треба да доставите трансакциска сметка, копија од лична карта и имотен лист – изјави раководителот на подрачната единица за земјоделство, Зоран Пачешкоски.

Инаку, ова е втор пат во овој месец, силно невреме да зафати дел од Прилепско поле. Според информациите од Комисијата за проценка на штети, формирана по првото невреме што се случи на 9 јули, до Општина Прилеп се доставени 105 барања за обесштетување.


МЗШВ: Штетите на јаболковите насади во Преспанскиот регион се до 80 проценти


Ресен, 10 јули, 2018 - 16:30 (META) 

Според првичните проценки на претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и локалните власти штетите од невремето во ресенскиот регион се 80 проценти, информираат од МЗШВ.

„Преспанскиот регион е дури шест пати опфатен од невреме од мај до денес. Токму затоа, Комисијата за проценка на штети е веќе формирана и активна. Според првичните информации поројниот дожд и град во регионот предизвикал најголеми штети во село Јанковец, Ресен, делови од селата Златари и Сопотско. Општината комисија веќе е излезена на терен и врши проценка на штетите предизвикани од невремето, а прецизни проценки на оштетените јаболка ќе можат точно да се соопштат следната недела. Сепак, според првичните проценки штетите врз насадите се од 70 до 80 отсто“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека „штети од невремето се забележани и во прилепскиот регион, поточно во Големо и Мало Коњари“.

„Општината Прилеп и таму формираше Комисија за проценки на штети, која ќе биде задолжена за проценка на материјалните штети на објекти и приватни имоти, по што ќе следува постапка за обештетување“, информираат од МЗШВ.


Започна исплатата на земјоделците за штетите од 2017 година


Скопје, 26 април, 2018 - 16:13 (META) 

Исплатата на обештетувањата за земјоделците од временските непогоди што се случија во 2017 година започна денеска, извести Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска исплати близу 85 милиони денари (1,38 милиони евра) обештетувања за 2.355 земјоделци во Ресен, како регион каде што имаше најголеми штети.

Исплатата ќе продолжи континуирано во следните денови и за останатите региони кои беа погодени од временските непогоди во 2017 година.

Со исплатата ќе бидат опфатени сите 17.500 баратели кои претрпеле загуби во текот на сите пет временски непогоди што се случија минатата година и од сите региони кои беа зафатени со временските непогоди. Вкупната сума која што ќе се исплати по основ на претрпени загуби од петте временските непогоди е во износ од над 4 милиони евра.

Станува збор за временските непогоди што се случија во април, две временски непогоди во јуни, како и во јули и септември 2017 година, проследени со обилни дождови, пороен дожд, силен ветер, електрични празнења, град. Со временските непогоди беа зафатени вкупно 36 општини.


МЗШВ: Не се очекуваат позначителни штети од снегот и студот врз овошките


Скопје, 23 март, 2018 - 13:05 (META) 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) соопшти дека не се очекуваат значителни штети на родот на овошките од снегот и студот.

Од министерството велат дека во соработка со Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), состојбата се следи внимателно и дека според метеоролозите снежниот бран ги затекнал овошките во фаза на полно цветање, во која нивната издржливост кон ниски минимални температури е околу -2 до -3 Целзиусови степени.

„Бидејќи остварените температури беа во тие граници, не се очекуваат значителни оштетувања на родот“, се вели во соопштението од МЗШВ.

Сличните временски услови и облачноста во текот на викендот нема да дозволат драстично опаѓање на утринските температури, а најниските температури се очекуваат в недела наутро, кога ќе се спуштат до -4 степени. Но и тоа нема да предизвика позначителни штети.

„Бидејќи овие температури се блиску до границите на издржливост, може да предизвикаат само проретчување на родот, но не и негово оштетување“, стои во соопштението од министерството.

Според податоците од Подрачните единици на МЗШВ, досега земјоделците немаат пријавено штети од ниските температури и врнежите од снег, но состојбата на терен континуирано ќе се следи, со цел навреме да се преземаат доколку е потребно соодветни мерки.

На почетокот на наредната седмица се очекува променливо време со повремени врнежи од дожд, кои ќе одржуваат позитивни утрински температури, но и покачување на дневните температури до 15 степени. Во втората половина од следната седмица се очекува стабилизирање на времето и пораст на дневните температури и до 20 степени.


Петмина загинати во силното невреме што ги погоди Холандија и Германија


Амстердам, 18 јануари, 2018 - 19:33 (META) 

Пет лица загинаа во силното невреме што ги зафати Холандија и Германија, проследено со ветер кој дувал со брзина од 140 километри на час, соборувајќи стебла и превртувајќи камиони, пренесува „Би-би-си“.

Три лица загинале во Холандија и едно во Германија откако врз нив паднале соборени стебла и гранки. Вториот Германец загинал во сообраќајна несреќа откако поради силниот ветер преминал на спротивната коловозна лента и се судрил со друго возило.

Холандските власти поради силното невреме ги откажаа сите летови од и кон аеродромот „Шипхол“ во Амстердам, а бил прекинат и сообраќајот на повеќето железнички линии.

Во земјата е прогласено „црвено предупредување“ за опасност од невремето.

И германската железница го прекинала железничкиот сообраќај поради силното невреме.


Интензивните дождови поплавиле театри, музеи, библиотеки и културни центри


Скопје, 16 ноември, 2017 - 16:01 (META) 

Министерството за култура констатирало дека при поинтензивни дождови, неколку културни установи во државата се соочуваат со прокиснување на покривите, поплави и со сериозни последици.

Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, денеска направил увид во Музејот на современа уметност во Скопје, а заменик-министерот за култура, Владимир Лазовски, ги посетил објектите на Драмскиот театар и на Музејот на Македонија.

„Во Драмскиот театар уште денеска ќе се преземат мерки за локално санирање на покривот, а во координација со министерот за финансии, Драган Тевдовски, ќе се спроведе ургентна постапка и ќе се алоцираат средства за покривот да се санира и да се создадат елементарни услови за работата на театарот. Во Музејот на Македонија потребни се посериозни реконструктивни зафати на покривот, за кои ќе се обезбедат дополнителни средства од буџетот. Музејот на современата уметност – Скопје се соочува со протекување во објектот на повеќе локации, од кои голем дел се ургентни бидејќи веќе имаат предизвикано штета и бараат итна интервенција. Најургентните состојби ќе се санираат веднаш, но и за овој репрезентативен објект се потребни посериозни реконструктивни зафати“, велат од Министерството.

Од таму информираат дека протекување на покривот и оштетувања од дождот се предизвикани и во објектот на НУ Театар „Комедија“ во Скопје, Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, Центар за култура „Антон Панов“ – Струмица, Центар за култура – Дебар, Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, НУ Конзерваторски центар во Гостивар, Музеј „Западна Македонија во НОВ“ – Кичево, археолошкиот локалитет Стоби каде постои опасност од изливање на Црна Река, како и во други објекти.


Сè поголем бројот на загинати во пожарите на северот на Калифорнија


Сакраменто, 11 октомври, 2017 - 15:37 (META) 

Најмалку 17 лица загинале, а 150 се водат како исчезнати во пожарите што беснеат во северните делови на американската сојузна држава Калифорнија, јавуваат светските медиуми.

Стотици пожарникари се обидуваат да ја стават под контрола огнената стихија во која досега изгореа 1.500 куќи, а десетици илјади лица се евакуирани. Работата на пожарникарите им ја отежнува ветерот, кој на моменти дува со брзина поголема од 80 километри на час.

Според медиумите, пожарите на северот на Калифорнија ќе остават тешки последици за економијата на тоа подрачје, кое е познато по одгледувањето винова лоза.

Од противпожарната служба соопштија дека во пожарите изгореле 46.000 хектари насади во Северна Калифорнија.


Одблокиран процесот на обесштетување на земјоделците за непогодите во 2016 година


Скопје, 26 септември, 2017 - 17:43 (META) 

Владата на Република Македонија денеска го усвоила Акцискиот план за постапување по предметите за настанатите штети од временските непогоди што се случија во 2016 година, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, посочувајќи дека тоа значи дека е одблокиран процесот за исплата на обесштетувањата на земјоделците кои во 2016 година претрпеа штети во земјоделското производство од пролетниот мраз, град и поплави.

Формирана е комисија која ќе ги прегледува барањата за штети и елаборатите, а нејзините членови ќе ги посетуваат општините и заедно со општинските комисии ќе ги обезбедат податоците кои се потребни за довршување на процесот за исплата на обештетувањата на земјоделците.

„Ќе бидат посетени 14 општини,  во кои штети врз земјоделските култури имаат пријавно околу 5.500 земјоделци. Исплатата на обештетувањата ќе се врши согласно Законот за земјоделство и рурален развој. Најмногу барања за исплата на обештетувања има во во општината Ресен, каде што повеќе од 2.300 земјоделци поднеле барања“, соопшти Министерството за земјоделство.


Конгресот одобри 15 милијарди долари за штетите од ураганот Харви


Вашингтон, 9 септември, 2017 - 12:44 (META) 

Претставничкиот дом на САД, а потоа и горниот дом – Сенатот, вчера усвоија закон за доделување 15 милијарди долари за помош на настраданите и за обновување на оштетените објекти од ураганот Харви.

Пратениците го усвоија законот со 316 гласа „за“ и 90 „против“.