Компаниите сѐ уште немаат пресметки за загубите што ги трпат од корона вирусот

Пораст на трошоците на животот е забележан и кај цврстите горива за 2,6%

Трговските и другите производствени домашни компании се уште немаат доставено до Стопанската комора на Македонија, СКМ, пресметки колкави загуби трпат поради состојбата со корона вирусот, односно намалениот промет како и број на вработени. Во каква состојба се најдоа во изминативе недели и дали ќе достават до СКМ конкретни пресметки и барања за интервенција од државата, се уште е неизвесно.

Производствените компании во моментов се плашат единствено да не останат без суровини и репроматеријали, ако потрае ситуацијата со затворањето на границите на земјите кои важат за високоризични од корона вирус. Од СКМ велат само дека домашните фирми се реорганизираат, согласно новонастанатата состојба на пазарот, преземаат мерки после препораките на Владата, да не одат на работа одредена категорија на вработени. Па, нивните отсуства се надополнуваат со замена со други вработени или со делумно реорганизирање на производството, за да се намалат последиците и да се одржи постојаниот производствен циклус.

„Домашните производствени и трговски компании се соочуваат со можни проблеми при увоз на суровини и производи, а најмногу од земјите кои прогласија целосно затворање на границите, како Италија. Согласно најавите, во наредниот период се очекува тоа да се случи и со уште неколку други европски земји со кои Македонија има поголема трговска размена. Компаниите од прехранбениот сектор размислуваат, во случај на целосно затворање на границите, да го приспособат своето производство, а доставата на производите до трговските ланци да тече непречено. Истовремено, прехранбените фирми информираат дека се во активна меѓусебна комуникација и ги преземаат сите мерки за превенција од корона вирусот, во смисла на безбедно производство и дистрибуција на производите, а според насоките од Министерство за здравство. Една од мерките која беше преземена уште на стартот е формирањето на дезинфекциски бариери на влезот во компаниите низ кои минуваат возилата што вршат превоз на луѓе и дистрибуција на производи“, вели Васко Ристовски, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија.

Тој додава дека моментално компаниите реагираат на дефицитот на пазарот од заштитни маски и ракавици за еднократна употреба, кои во објектите се користат како дел од работната опрема во секојдневниот производствен процес.

Инаку, СКМ досега излезе со официјални податоци за последиците од корона вирусот само за туристичката дејност. На прес-конференција туристичките работници кажаа дека до мај се откажани сите групни тури од странство, драстично е намален бројот на туриститите и веќе речиси не постои интерес за посета на државава поради претпазливост. Секторот досега има загуби од 40 до 80 проценти и стравува од можно затворање на капацитетите. Беше побарана помош од Владата, а едно од барањата на туристичките компании беше државата да обезбеди финансиска поддршка, шест месеци ослободување од придонеси и даноци на личен доход, како и намалување на ДДВ од 18 на 5 проценти.

Во однос на барањата за мерки од туристичкото стопанство, Министерството за економија веќе им препорача на туристичките здруженија и комори да достават анализа на штетите до Координативното тело. Тоа е веќе формирано и е составено од претставници на Министерство за економија, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, како и од сите Комори и Здруженија.

Народната банка на Македонија, пак, укажа дека, иако последните макроекономски показатели во домашната економија се движат во согласност со очекувањата, ризиците од окружувањето стануваат се понагласени поради новата вирусна инфекција. Таа се одразува врз глобалната економија, а нејзините економски ефекти во целина се уште се неизвесни врз домашната економија. Како што соопштија од НБРМ, ќе се следат внимателно трендовите и потенцијалните ризици од окружувањето и соодветно ќе се приспособува поставеноста на монетарната политика во земјава.