Откорнат покрив на зграда на Ул. 23 Октомври во општина Аеродром 31.08.2022 г. | Фото: Мета.мк

Две лица се повредени, повеќе покриви на згради и куќи се откорнати и оштетени, голем број објекти, улици подвозници беа поплавени, стотици дрвја се откорнати и скршени. Ова е билансот од вчерашното невреме кое го зафати главниот град Скопје во попладневните часови со силен ветер, обилен дожд, град и грмотевици. Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) објавија метеоаларм со најава дека и денеска и наредните неколку денови ќе има слично невреме во попладневните часови.

Откорнат покрив на зграда на Ул. 23 Октомври во општина Аеродром 31.08.2022 г. | Фото: Мета.мк

Од Центарот за управување со кризи информираа дека од огромниот број пријави проследиле 180 пријави на телефонските броеви 112 и 195 за настанати штети по вчерашното невреме во Скопје. Проследени се повеќе од 40 пријави за паднати дрва, 80 пријави за поплавени простории во објекти, 20 пријави за оштетени возила, 20 пријави за поплавени улици и подвозници, 15 пријави за оштетени кровни конструкции и 5 пријави за скинати проводници, навалени бандери и други проблеми со струја.

Меѓу поплавените објекти е и новиот трговски центар во Скопје, Ист Гејт Мол.

За санирање на последиците од невремето, до доцна во ноќта интервенирале скопските јавни претпријатија и општинските служби од Центар, Аеродром, Карпош, Кисела Вода, Гази Баба, Чаир и Бутел. Во синоќешното невреме биле повредени и две лица, кога дрво паднало врз нивниот автомобил, но и двајцата се наоѓаат во добра здравствена состојба.

Откорнати дрвја во општина Аеродром по невремето во Скопје, 31.08.2022 г. | Фото: Мета.мк

Од ЕВН известуваат дека вчерашното невреме предизвикало дефекти во електро системот настанати од атмосферските празнења и силниот ветер во повеќе реони од градот. Повеќето од дефектите во текот на ноќта се отстранети, освен кон селата Дворце и Радуша во Општина Сарај каде жителите и во моментов се без електрична енергија.

Опасноста од појава на невреме во попладневните часови продолжува до петок. Управата за хидрометеоролошки најави објави метеоаларм, во кој посочува дека нестабилното време ќе се задржи до 2 септември. Во попладневните часови од среда до петок на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен дожд, силен ветер, електрични празнења и појава на град. Вакво време се прогнозира и за Скопскиот регион, при што максималната дневна температура ќе се искачи до 30 Целзиусови степени.