Оштетени домови од денешното невреме во Охрид

Сите граѓани кои имаат штети треба да ги пријават до Центарот за управување со кризи на телефонскиот број 112

Фото: Архива на Мета.мк

По пладневното невреме што го зафати Охрид, градоначалникот го свика на состанок општинскиот кризен штаб, при што донесена е одлука комисијата за проценка на штети да излезе на терен, информира охридскиот градоначалник Кирил Пецаков.

„Во моментов се врши проценка каде што имаме сознанија дека се најголеми штетите, односно каде што има големи оштетувања на домовите. Најпогодени се домовите во населбата Видобишта каде на поголем број куќи се оштетени крововите и е дојдено до поплавување. Се постапува и по пријавите за штети кои што се пристигнати и до Територијалната противпожарна единица и јавните претпријатија“, соопшти градоначалникот Пецаков на Фејсбук.

Тој додаде дека екипите се постојано на терен и работат на санација на оштетувањата кои се во голем обем. Сите граѓани кои имаат штети треба да ги пријават до Центарот за управување со кризи на телефонскиот број 112.

Инаку, денеска околу пладне Охрид го зафати силно невреме проследено со град, дожд и електрични празнења, кое траеше околу половина час.

Силно невреме со град и дожд околу пладне го погоди Охрид