Шумските пожари предизвикаа штети од 31,1 милион евра, за пошумување на уништеното ќе требаат две години

Фото: Мета.мк

Покрај тоа што се уништија едни од најубавите шумски предели во земјава и е предизвикана штета од околу 31,1 милиони евра, пожарите што годинава ја зафатија земјата предизвикаа катастрофа на шумскиот фонд, при што само за пошумување на уништените површини ќе требаат барем две години, велат за „Мета.мк“ од ЈП Национални шуми.

Заклучно со 15 август, годинава биле опожарени површини од 9.907 хектари во околу 150 пожари, при што констатирана е опожарена дрвна маса од дури 448.087 метри кубни. Колку за споредба во однос на тоа колку катастрофално загадување на воздухот предизвикале овие пожари и колкави емисии на стакленички гасови се испуштени, во целата 2019 година, сите домаќинства што се греат на огревно дрво во земјава искористиле дрвна маса од 970.715 метри кубни, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

„Стогодишни шуми изгореа во пожарите во Малешевијата, во високите делови на месноста викана Бајаз-Тепе, која се наоѓа на потегот меѓу Делчево и Пехчево. Силниот оган зафати огромен фронт и опустоши голема површина. Станува збор за катастрофа со огромни размери и тоа не само што е предизвикана материјална штета, опожарени се и пчеларници и бројни објекти, туку штетата има и еколошки и биолошки последици“, посочуваат од ЈП „Национални шуми“.

Тие додаваат дека во огромните пожари најмногу е изгорена борова шума и помали делови со даб и смрека. Пожарите беа првенствено сконцентрирани во Малешевијата, а огнот ги зафати еден од најубавите планински предели меѓу Тработивиште и Стар Истевник на север до Мачево и Пехчево на југ, што е оддалеченост од околу 18 километри.

„Експертите велат дека штетите се огромни и дека тие нема да може да се санираат за година или две. Доколку надлежните почнат веднаш со расчистување на опожарените места од пролет веќе ќе може да се почне со пошумување на овие делови. Но, сепак како што велат експертите при пошумувањето ќе треба да се менуваат видовите со кои ќе се пошумува, да се изберат видови што се потешко запаливи, видови што брзо се обновуваат“, објаснуваат од ЈП „Национални шуми“.

Покрај тоа што пожарите исклучително негативно влијаат на климатските промени и на загадувањето на воздухот, пустошењето од огнот доведува до тоа изгорените дрва да се извор за развој на патогени штетници. Исто така, на изгорените површини може да се зголемат ерозивните процеси на земјиштето, да се појави дебалансирање на водниот режим, губење и опустување на вегетацијата.

Службите на ЈП „Национални шуми“ работат на собирање на податоците од сите подружници за да се пресмета точната штета од пожарите, додека Инспекторатот за шумарство и ловство треба да изготви решение со кое ќе го задолжи јавното претпријатие да направи санација на теренот и во рок од две години да изврши пошумување.

„При одредување на дрвните видови за пошумување на опожарените површини предност ќе се даде на автохтоните лисјарски видови со цел во иднина да се намали опасноста од појавување на пожари од вакви размери. Пошумувањето ќе го вршиме под надзор на стручни лица. При пошумувањето приоритет ќе се даде на ерозивните површини, површини во близина на населени места и водните ресурси“, појаснуваат од ЈП „Национални шуми“ околу планот за санирање на опожарените површини.

Тие дополнуваат дека планирана е соработка и со сопствениците на приватни шуми кои беа уништени во пожарите, за да се вклучат и тие во целиот процес за обнова на овој важен природен ресурс.

Инаку, шумите покриваат 9,4 отсто од површината на Земјината топка или 30 отсто од вкупната копнена површина, но некогаш покривале дури 50 отсто. Оваа година бројките уште повеќе ќе се намалат поради големите пожари. Шумарството е еден од клучните сектори што влијаат врз климатските промени.

Во годините кога нема големи шумски пожари, според достапните податоци за Северна Македонија, шумите имаат позитивно влијание преку апсорбирање на штетниот јаглерод диоксид што е испуштен во атмосферата. Наспроти ова, во годините како актуелнава, кога се опустошуваат огромни пространства под шуми, запалените дрвја се извор на аерозагадување и испуштање на огромни количини јаглерод диоксид, кој пак е главниот причинител за зголемување на просечните температури на воздухот.