!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Со месеци раскопана една од најпрометните улици во Тетово


Тетово, 5 февруари, 2017 - 16:09 (META) 

И по речиси три месеци, улицата Иво Лола Рибар во Тетово, која води кон граничниот премин кон Косово, не е санирана.

Под оваа улицата, градските власти поставуваа атмосферска канализација, но овој коловоз сè уште е раскопан поради градежните работи што се изведуваа за реализација на овој проект.

Возачите се жалат. Велат дека досега неколкупати ги носеле своите возила на поправка, кои се расипуваат од огромните дупки и кратери на самата улица.

– Треба дупките да се пополнат и улицата да се санира. Плаќаме за одржување на патиштата и даноци и сè, а види какви услуги добиваме – се жали една возач од Тетово.

Од секторот за сообраќај и патишта при Општина Тетово, се согласуваат дека улицата Иво Лола Рибар е во многу лоша состојба. Велат дека задоцниле со санирање на дупките и со асфалтирање на улицата поради техничко-објективни причини.

– Кога ја поставувавме атмосферската канализација, наидовме на главен цевковод, кој поминува под улицата Иво Лола Рибар. Исто така, наидовме и на фекална канализација. И затоа оваа атмосферска канализација моравме да ја поставуваме под овие два инфраструктурни објекти, па задоцнивме со овие градежни активности – вели Хусеин Демири, раководител на секторот за сообраќај и патишта, при Општина Тетово.

Минатата година се реконструираше улицата Иво Лола Рибар во долниот дел на Тетово. Но, и тие градежни активности се оддолжуваа и траеја една година.


ВМРО-ДПМНЕ: Коце Трајановски одговорно и посветено работи за Скопје


Скопје, 16 август, 2016 - 15:12 (META) 

СДСМ продолжува да бара оставка од најуспешниот градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски, бидејќи СДСМ не сака кога во Скопје се подобруваат условите за живот, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ во кое се бара градоначалникот Коце Трајановски да одговара морално, политички и кривично.

Од партијата на власт велат дека „градоначалникот Коце Трајановски веќе два мандати одговорно и посветено работи за Скопје и тоа е oчигледен проблем за СДСМ.“

– Градоначалникот Коце Трајановски со многу труд и грижа работи за доброто на жителите на Скопје. Тоа е нешто што СДСМ никогаш не го направи и е непознато за функционерите на оваа партија. Затоа СДСМ и на наредните локални избори нема да добие шанса од граѓаните ниту да се доближи до позицијата градоначалник на Град Скопје – се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

 


ЕВН Македонија на сопствен трошок ја санира мрежата во поплавените подрачја


Скопје, 12 август, 2016 - 17:52 (META) 

Екипите на ЕВН Македонија со сите расположливи капацитети работат на терен за што побрзо да се санираат штетите и да се обезбеди електрична енергија до сите корисници од поплавените подрачја, информираат од компанијата.

– ЕВН Македонија не само што не ги наплатува новите броила, туку во интерес на безбедно и навремено снабдување со електрична енергија нашите екипи ја санираат и внатрешната инсталација на корисниците, повторно без никаков надомест – велат оттаму.

Тие информираат дека екипите на компанијата од почетокот на кризата се во поплавените подрачја и постојано работат на отстранување на дефектите и пуштање под напон на што поголем број корисници.

– Досега се вклучени над 13.000 корисници, односно над 95 проценти од вкупниот број на корисници во критичниот регион и интензивно се работи да се приклучат сите. Без напојување во моментов се неколку стотици корисници кои се напојуваат од трафостаници кои се под вода и корсниците кои не сакаат да бидат приклучени поради уништената внатрешна инсталација. Екипите остануваат на терен сè додека не се нормализира во целост снабдувањето со електрична енергија – информираат од ЕВН Македонија.


Град Скопје ќе им додели по 3.000 евра помош на семејствата на загинатите во невремето


Скопје, 7 август, 2016 - 16:12 (META) 

Советот на Град Скопје на денешната вонредна седница одлучи на семејствата на загинатите во невремето кое вчера попладне го зафати Скопје и околината, да им биде дадена еднократна парчина помош од 3.000 евра (180.000 денари).

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, на седницата која започна со едноминутно молче за загинатите лица во невремето, ги презентираше мерките што градските власти ги преземаат за санирање на штетите и справувањето со последиците.

Трајановски посочи дека најпогодена од невремето е општината Гази Баба, од каде се жртвите, а големи штети се пријавени и во општините Аеродром и Кисела Вода.

Градоначалникот посочи дека за дваесетина минути наврнале 93 литри дожд на квадратен метар, што како што рече е како водена бомба да паднала врз Скопје.

Во справувањето со невремето, Трајановски рече дека имале голема помош од Министерството за внатрешни работи и Армијата на Република Македонија (АРМ) кои интервенирале со џипови, камиони, хермелини, а во функција била ставена и целата механизација на јавните претпријатија во градот.

Тој информираше дека за помош на настраданото население е направен прифатен центар во средното училиште „Панче Арсовски“, каде биле згрижени околу илјада лица чии куќи биле оштетени во невремето, а пунктови за дистрибуција на храна, вода и облека се отворени и во Основното училиште „Наум Наумовски Борче“ во Маџари и во Основното училиште „25 Мај“ во Сингелиќ.

Скопскиот градоначалник најави дека претставници од градот Скопје и од Владата ќе бидат назначени во комисијата за проценка на штетите, која ќе ја формира општината Гази Баба.

За попладнево во 16.30 часот е закажана вонреда седница на Владата за последиците од поплавите, а на која според информаците треба да биде донесена и одлука за прогласување на кризна состојба во Скопско и Тетовско, кои беа најмногу погодени од вчерашната елементарна непогода.


Советот на Град Скопје денеска ќе одржи вонредна седница за невремето


Скопје, 7 август, 2016 - 10:51 (META) 

Советот на Град Скопје за денеска во 14 часот закажа вонредна седница по синоќешното големо невреме кое го погоди Скопје и околината, информираат од Градот.

На седницата единствена точка на дневен ред ќе биде информацијата во врска со вчерашното невреме и мерките и активностите за санирање на штетите.

Во невремето, како што првично информираа од Министерството за внатрешни работи, животите ги загубиле 15 лица од североисточниот дел на Скопје, поточно Стајковци, Арачиново и околината.

Засега нема официјални информации за вкупниот биланс на штети предизвикани од поројниот дожд, грмежи и силниот ветер кои вчера попладне го зафатија главниот град и околината.


Штетите од невремето што го зафати Тетовско сè уште не се санирани


Тетово, 23 јануари, 2016 - 14:02 (META) 

Штетите од поплавите што го зафатија тетовскиот регион на 3 август минатата година, ќе се санираат парарелно со акцискиот план за превенција од нови поплави, изработен од домашни и од странски експерти.

Според градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, реализацијата на планот ќе зависи од финансиите што треба да ги одвојат Владата и меѓународните организации.

– Се предвидуваат долгорочни и краткорочни мерки, како урбанизација на средините зафатени од поплавите и проектирање на речните корита, нешто што мора да се направи за Шипковица, за реката што минува таму да не предизвикува толкави проблеми. Во однос на Тетово, неопходно е расчистување и обнова на браните. Мора дa се работи и на подигнување на свеста за правилен однос кон срединатa и нејзина заштита. Но, сето ова мора да се прави по институционален пат, врз основа на проектирање со долгорочни ефекти, а не со привремени парцијални решенија – изјави Арифи.

Вкупната штета од поплавите изнесува околу 23 милиони евра. За санирање на штетите, но и за реализација на акциониот план, помош понудија од УНДП.

– УНДП ќе ги стави на располагање своите ресурси, вклучувајќи ги и финансиските можности за поддршка во реализацијата на овој акционен план. Ова е и во согласност со политиката на Обединетите нации според која, секој долар вложен во спречување на штетите заменува седум долари што се трошат во справувањето со последиците од природна непогода – изјави претставничката на УНДП, Луиза Винтон.

Во големотo невреме што го зафати Тетовско на 3 август минатата година, загинаа пет лица, многу семејства останаа без домови, а земјоделската површина беше целосно поплавена.


Природните катастрофи светот го чинеа 90 милијарди долари


Минхен, 4 јануари, 2016 - 13:58 (META) 

Светот потрошил околу 90 милијарди долари за санирање на последиците од природни катастрофи за време на 2015 година, што е најниска сума од 2009 година, соопшти германската осигурителна група „Минхен ре“, во својот годишен извештај.

Многу тропски бури минатата година ги погодиле слабо населените подрачја, при што 27 од 90 милијарди долари се потрошени за санирање на штетата.

Најскапа и најсмртоносна природна катастрофа беше земјотресот во Непал во април 2015 година. Загинаа 9.000 лица, а штетата е проценета на 4,8 милијарди долари.