fbpx

Порталб: Сите ветувања за целосно санирање на патот Струга-Ќафасан остануваат празни зборови

-

Магистралниот пат Струга-Ќафасан, кој ги поврзува Северна Македонија со Албанија е изграден во времето на поранешна Југославија. Санирањето на овој пат, чии дупки се само површно санирани, се ветуваа со години од политичките партии, но никогаш не е направен конкретен и сеопфатен чекор за подобрување на состојбата, пишува Порталб.мк.

Со години, изградбата на патот Струга-Ќафасан останува празно изборно ветување. И покрај стратешкото значење што ја поврзува Македонија со Албанија, магистралата Струга-Ќафасан продолжува да биде во мизерна состојба. Освен крпење на десетици дупки и пукнатини на асфалтот, магистралата изградена за време на поранешната југословенска федерација досега никогаш не била реконструирана целосно. Патот нема дури и сигнализација и основно осветлување, што не само што го отежнува движењето, туку честопати е причина за многу сообраќајни несреќи.

Крпење на дупки „Пошто – зашто“

Беше ветено дека во септември годинава ќе започне целосната изградба на патниот правец Струга-Ќафасан, но ова ветување не беше исполнето. Машините што застанаа на патот само ги закрпија гигантските дупки во магистралата.

Состојбата на патиштата пред да се покријат дупките / Фото: Faktoje.al

Состојбата на патиштата по санирање на дупките. Фотографиите се направени на 18 септември годинава.

Состојбата на патиштата по санирање на дупките (18.9.2020 година) / Фото: Faktoje.al

За изградбата на овој пат се зборуваше и ветуваше со децении, а сепак никогаш немало конкретен проект и акција. Дури и процесот на рехабилитација и пополнување на јамите се одолговлечи премногу од релевантните власти.

Поранешниот министер за транспорт и врски на Северна Македонија, Горан Сугарески, пред една година рече дека се започнати работи на санација на патот Струга-Ќафасан. Неколку дена подоцна, жителите на таа област ја демантираа изјавата на поранешниот министер. Жителите на селата кои гравитираат кон патниот правец Струга-Ќафасан изјавија дека нема активност за изградба на патот и дека машините на патот едноставно ги чистат водните канали покрај патот.

Три месеци подоцна, на крајот на декември, Јавното претпријатие за државни патишта објави дека државата нема да го обновува патниот правец, туку само дека ќе ги санира дупките. Жителите од овие села, уморни од ветувањата и иритирани од небрежноста на властите се заканија со протести.

Во март годинава, директорот на Претпријатието за Државни Патишта, Зоран Китанов рече дека за 20 дена ќе се објави тендерот. Меѓутоа, и во наредните месеци немаше никакво движење. Кон крајот на мај годинава од оваа институција рекоа дека тендерот сè уште не е готов и дека за 10 дена ќе биде готова документацијата. Дури и по 10 дена немаше ниту еден тендер за подобрување на состојбата за предметниот пат.

Во јули годинава, на новинарско прашање кога ќе се објави тендерот за рехабилитација на магистралата Струга – Ќафасан, Горан Сугарески, поранешен министер за транспорт и врски, рече дека тендерот се очекува да се објави наскоро.

„Проектот е при крај и очекуваме што побргу да биде распишан тендерот за да започне неговата изградба. Стоиме зад она што го кажавме. Може да има одредено доцнење, но тоа ќе се случи во овој период. Нема да дадам рок“, рече Сугарески.

Иако неодамна беше ветено дека работите за изградба на овој пат ќе започнат наесен, на 6 септември 2020 година, новиот министер за транспорт и врски, Благоја Бочварски, за новинарите изјави дека сè уште не е информиран за состојбата на патниот правец Струга – Ќафасан.

„Кога правилно ќе се запознаам со овој дел, ќе ве информираме за состојбата со овој дел и ќе сториме сè за да продолжиме со реализација и да работиме за започнување на изградбата на овој дел“, изјави Бочварски.

Во програмата на Јавното претпријатие за државни патишта две години се зборува само за документација. И покрај бројните ветувања на Владата, во годишната програма на Јавното претпријатие за државни патишта, не е предвиден фонд за изградба на патниот правец Струга – Ќафасан. За последните две години, предметниот пат влегува само во категоријата проекти за кои е изготвена потребната документација.

Во годишната програма на Јавното претпријатие за државни патишта за 2020 година, меѓу другото, се наведува:

„Доколку се обезбедат средства во 2020 година, се планира да се започнат овие проекти: Подготовка на проектна документација за автопатот А2, дел Струга- Ќафасан. (Годишна програма за 2020 година, стр. 24).

Додека пак, во годишната програма од пред една година (2019) на оваа институција се споменува и патот Струга- Ќафасан страна 14. (Годишна програма за 2020 година, стр. 14)

Оние кои се најмногу погодени од тоа што не е изграден овој пат се граѓаните како на РСМ така и на Албанија, кои честопати го посетуваат овој пат за разни потреби.

„Патот Струга-Ќафасан рекоа дека е патот на срамот на Владата. Овој пат е доста голем и сериозен проблем, Владата само не исмева со санирање на дупките и дава празни ветувања. За последен пат беше ветено дека овој пат ќе започне да се гради во март месец, поминаа 8 месеци и ништо. Овој проблем е загрижувачки и за Албанија и нејзините граѓани кои поминуваат оттука многу често, без разлика дали е за бизнис или за одмор или шетање. Се сеќавам дека пред 2 години овој пат беше опасен, носеше многу проблеми и штети, од тие ударни дупки беа оштетени околу 100 автомобили, јас лично имам оштетени 3 гуми“, рече Шкелзен Ајрулаи, жител на областа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...