Крим-техничари ја обија бравата на „опелот“ од „Монструм“ за да се направи увид


Скопје, 11 септември, 2018 - 13:57 (META) 

Во депото на Агенцијата за управување со одземен имот денеска беше извршен увид во црвениот „опел омега“ кој беше посочен како автомобилот со кој се превезувале сторителите на петкратниот масакр кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година.

Судиите од скопскиот Кривичен суд, Огнен Ставрев и Осман Шабани, заедно со обвинителите од СЈО, Фатиме Фетами и Гаврил Бубевски првин, заедно со новинарите,  чекаа да се најде клучот од автомобилот, а потоа луѓе од Крим-техника на МВР мораа да ја обијат бравата. Потоа се утврди дека бројот на шасијата е ист со оној од вештачењето. На задното седиште имаше оставена црвена торба и две монети.

„Опелот” бил донесен во ова депо на 1 ноември 2012 година, а сега ќе биде преместен во депо на МВР. Судењето за „Монструм“ продолжува на 19 октомври.


Ристовска: Мијалков бил организатор на прислушувањето, имаме и докази и сведоци


Скопје, 31 август, 2018 - 13:49 (META) 

Сашо Мијалков, тогашен директор на Управата за безбедност и разузнавање (УБК) во МВР, е креатор на идејата за масовно прислушување, воден од политички и бизнис интереси. СЈО за да ја докаже неговата вина, има обезбедено многу докази, но и сведоци, кои помогнаа во обелоденувањето на аферата и расветлувањето на мотивите, порача специјалната обвинителка Ленче Ристовска на денешното рочиште за случајот „Таргет – Тврдина“.

– Ќе докажеме дека Сашо Мијалков, Горан Грујевски и Надица Николиќ, раководени од желбата за сеопфатна контрола на протекот на информациите, за да стекнат предност во политичка и бизнис сфера, формирале злосторничко здружување, кое преку континуирана злоупотреба на системите за следење на комуикациите, во УБК, вршеле масовно незаконско прислушување – рече Ристовска.

Во тој круг, според обвинителката, се вклучиле и обвинетите Владимир Варелов, Васил Исаковски, Маријан Шумуликовски и сведоците, Маријан Јанкуловски и Звонко Костовски. Тие биле под директна контрола на Мијалков, кој и самиот прислушувал, рече Ристовска

– Обвинетиот Мијалков како директор на УБК бил организатор на групата и ги држел под контрола и надзор сите учесници, а воедно и самиот незаконски ги следел комуникациите на дел од граѓаните, а имал и преглед на сите броеви кои биле следени. Грујевски како негов најблизок соработник ги проследил барањата и намерите на Мијалков до Николиќ, која ги распоредувала улогите на другите учесници. Таа давала и задачи кои телефонски вроеви треба да бидат таргетирани и транскрибирани – објасни специјалната обвинителка.

Инаку, беше одбиено барањето на обвинтите Сашо Мијалков и  Валентина Симоновска да не им се суди за делото за кое се товарат. Тоа го побараа адвокатите на обвинетите кои се повикаа на амнестијата што претседателот на државата, Ѓорге Иванов, во 2015 ја издејствува за педесетина лица, тогаш под лупа на СЈО во врска со аферата.

Судијката Џанета Беговиќ, пак, образложи дека барањето е одбиено бидејќи при оцена на обвинителниот акт веќе било одлучено за оваа околност, односно дека обвинетите не се амнестирани.


Судењето на Јанкулоска за блиндираниот мерцедес продолжува утре


Скопје, 29 август, 2018 - 17:04 (META) 

Раздвоената судска постапка против поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден околу 580.000 евра продолжува утре со сослушување на сведоци.

Таа беше издвоена од почнатиот судски процес поради нејзината ризична бременост. Пролетва за набавката на блиндираниот автомобил поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски доби шест години и шест месеци затвор, а поранешниот премиер Никола Груевски, како поттикнувач за извршување на делото, доби две години затвор.

Специјалниот јавен обвинител Стефчо Донев, во воведен говор на денешното рочиште, наведе дека Јанкулоска сторила злоупотреба на службената положба и овластување.

Јанкулоска, во воведен говор пред судот, рече дека иако постапката се одвива во сложени услови, како издвоена од предмет за кој веќе има донесена одлука, сепак ќе ги побијат тврдењата дека со набавката се исполнувани нечии „лични желби“ и ќе докажат дека набавката е согласно стандардите за работа на Министерството.


Загрозениот сведок во „Монструм“ лаже, тврдат адвокатите


Скопје, 24 август, 2018 - 13:50 (META) 

Тензична ситуација на моменти се случуваше во судницата 1 во Основниот суд Скопје 1 на сослушувањето на загрозениот сведок во случајот „Монструм“ на СЈО, бидејќи тој за првпат кажа дека видел четири тела критичната вечер на 12 април 2012 на Смиљковско Езеро, известува „СДК“

– На 19.04. 2012 пред истражен судија сте рекле дека сте дознале за настанот утредента од телевизија и од Интернет. Денеска рековте дека сте виделе 4 тела. Што е точно, која е вистината? – бурно реагираа обвинетите и одбраната.

– Реков дека на критичниот ден бев на лице место, видов 4 тела, а што точно се случило дознав утредента од медиумите – рече загрозениот сведок.

Во еден момент одбраната се посомнева дека сведокот од друга просторија ги чита одговорите, па обвинителката Фатиме Фетаи праша како тој знае дека „ние овде заедно со адвокатите и обвинетите ќе му ги поставиме сите овие прашања и тој во истата секунда ќе прочита готов одговор?“

Судењето продолжува на 31 август, кога судијата Огнен Ставрев ќе му поставува прашања на загрозениот сведок.


Продолжува судењето за насилствата и упадот во Собранието на 27 април


Скопје, 24 август, 2018 - 9:53 (META) 

Судењето на 33. обвинети за насилствата при упадот во Собранието на 27 април 2017 година денеска е во третото продолжение, а исто како и на вчерашното рочиште, во Основен суд Скопје 1, денеска ќе продолжи давањето воведни говори од адвокатите на обвинетите.
Судскиот процес започна во средата кога воведен говор даде обвинителката Вилма Рускоска.

Обвинителката Русковска во воведниот говор истакна дека има докази со кои ќе ги потврди наводите од обвинението за сторено кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок, а одбраната тврди дека не постојат докази кои укажуваат на тоа. Според дел од адвокатите, обвинетите сториле тероризам, но само со зборови, а не и со дела.

Вкупно обвинети се 33 лица од кои 31 за терористичко загрозување на уставниот поредок, а две за помагање.  На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Сашко Марковски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски, алијас „Бетмен велит“, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.

Судијката Кацарска закажа вкупно 37 термини за главна расправа.


За 7 од 1.063 бомби во „Титаник”, СЈО побара исклучување на јавноста


Скопје, 16 август, 2018 - 14:20 (META) 

Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протоѓер и другите обвинети во случајот „Титаник“ се вратија на обвинителните клупи во Kривичниот суд.

Адвокатите на обвинетите во случајот „Титаник“ на денешното рочиште побараа од СЈО да достави доказ за тоа како се обезбедени „бомбите“ кои СЈО ги користи како доказ. Еден од шесте адвокати на Груевски, Еленко Миланов, рече дека „бомбите“ не се доказ што е предаден до судот во оригинал, туку биле преснимувани. Тој го побара и записникот за предавање на „бомбите“ од СДСМ на СЈО за периодот од 2008 до 2015 година.

Обвинителката од СЈО Лиле Стефанова истакна дека ваквото барање е недозволено.

– Барањето на адвокатите на обвинетите да се изведе доказ како се обезбедени доказите е недозволиво. Исто така и останатите приговори поврзани со „бомбите“ се стари и по нив веќе е одлучувано – истакна Стефанова.

Во седум од 1.063 „бомби“ има приватни разговори и за нив СЈО побара јавноста да биде исклучена откако претходно во судницата ќе бидат пуштени сите други.

Специјалното обвинителство во овој предмет има покането 191 сведок и има 5.910 писмени докази.


Заврши судењето за „Труст“, пресудата в петок


Скопје, 17 јули, 2018 - 12:41 (META) 

Со завршни зборови на тројцата обвинети во процесот „Труст“, кој го води Специјалното јавно обвинителство, денеска судењето заврши, а в петок треба да биде изречена пресудата.

Во Кривичен суд Скопје денеска завршни зборови дадоа Сеад Кочан, Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ, обвинети за учество во местење на тендер на „ЕЛЕМ“, за ископ на јаловина од „РЕК Битола“, вреден 1,06 милијарди денари или 17 милиони евра.

Бизнисменот Кочан, сопственик на компанијата „Трансмет“, во завршните зборови рече дека, покрај сувото гори и суровото, а тој не се чувствува виновен.

– Не се чувствувам виновен затоа што не сум имал никаква умисла да прекршам кој билозакон. Единствена цел ми беше да бидам конкурентен на пазарот и да обезбедам работа за моите вработени и нивните семејства – рече Кочан пред судот.

И другите двајца се изјаснија како невини и тврдеа дека не сториле кривично дело, односно дека се што се поврзува со обезбедувањето на тендерот, а во кој како конзорциум настапиле фирмите „Трансмет“, „Силекс Неметали СТ“ и „Вато“, било во склад со законските прописи.


Судење на седмообвинетиот во „Насилство во општина Центар“


Скопје, 10 јули, 2018 - 9:18 (META) 

Во Кривичен суд Скопје денеска треба да се одржи рочиште од издвоениот судски процес против Димче Крстев, седмообвинет во случајот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО),  „Насилство во општина Центар“, односно за насилствата во текот на седница на Советот на Општина Центар во јуни 2013 година.

Судијата на главната расправа за овој предмет одлучи за него да ја раздвои постапката и да му се суди одвоено. Крстев се изјасни дека не е виновен. Тој на последното рочиште на кое присуствуваше рече дека нема адвокат што ќе го застапува пред Судот и побара судењето да се одложи со објаснување дека се чувствува лошо.

Покрај Крстев во овој предмет обвинети се и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица.


Судења за „Тортура“, „Тарифа“, „Тревник“ и „Насилство во Центар“ денеска


Скопје, 9 јули, 2018 - 9:39 (META) 

Во Основен суд Скопје 1, попознат Кривичен суд, за денеска се закажани рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Тортура“, „Тарифа“, „Тревник“ и „Насилство во општина Центар“.

Во „Тортура обвинети се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски – Пуки и уште петтмина припадници на единицата, кои се товарат за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, во врска со апсење на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.

Денеска треба да им се суди и на поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште две други лица, кои се обвинети во случајот „Тарифа“. Обвинети се за незаконска набавка на софтверски систем за потребите на АД ЕЛЕМ, во вредност од околу четири милиони евра.

Ново рочиште денеска ќе се одржи и за случајот „Тревник“, во кој се обвинети Драган Павловиќ – Латас и неговите браќа Срѓан и Звездан за бесправна градба на три викенд-куќи во Зелениково.

Во Основен суд Скопје 1 денеска треба да продолжи судењето и за случајот „Насилство во општина Центар“. Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште девет лица. На претходните рочишта за овој предмет, вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни.


Судењето за „Монструм“ одложено поради немање технички услови


Скопје, 5 јули, 2018 - 11:46 (META) 

Денешното рочиште за случајот „Монструм“, за убиството на четирите момчиња од Радишани и рибарот од Црешево на Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, денеска беше одложено. Како што кажа судијата Огнен Ставрев, нема технички услови да биде сослушан загрозениот сведок Е1, па следното рочиште го закажа за 11 јули.

Ако има соодветни услови сведочењето на Е1 во овој термин ќе се одвива преку монитор во судницата, при што гласот на сведокот, кој ќе биде надвор од судницата, ќе биде изменет а неговиот лик заматен.

Овој случај е во повторено судење, откако во декември лани Врховниот суд ја укина првичната пресуда и наложи повторување на судењето.