Грчкиот министер за надворешни работи, Коѕиас поднесе оставка


Атина, 17 октомври, 2018 - 14:44 (META) 

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, денеска поднел оставка, еден ден по напната средба на владиниот кабинет кога избила расправија со министерот за одбрана, Панос Каменос, во врска со Договорот од Преспа, пишува грчкиот весник „Катимерини“.

Според извори на весникот, Коѕиас бил незадоволен што премиерот Алексис Ципрас не го поддржал за време на нападите од Каменос, кој е помал коалициски партнер во владата.

Според истите извори, за време на вчерашниот состанок на кабинетот, Каменос го обвинил Коѕиас за лошо управување со тајните фондови на Министерството за надворешни работи и како човек на американскиот милијардер Џорџ Сорос.

Помошниците блиски до министерот за надворешни работи рекоа дека Коѕиас бил „длабоко навреден” од наводите.

Не е познато дали премиерот Ципрас ќе ја прифати неговата оставка.


Еден убиен и тројца повредени во пукање пред ноќен клуб во Берлин


Берлин, 16 септември, 2017 - 10:23 (META) 

Едно лице е убиено, а три се повредени во пукотници што ноќеска се случиле пред ноќен клуб во Берлин, јавуваат светските медиуми.

На пукањето му претходела расправија во близина на ноќниот клуб во берлинскиот кварт Ноехохешонхаузен.

Засега не се познати мотивите за расправијата и за пукањето, а нема информации од полицијата ниту за идентитетот на настраданите.


Завршната сметка на буџетот во сенката на дуелот Џафери – Тевдовски


Скопје, 14 јули, 2017 - 17:46 (META) 

Откако во попладневното продолжение по паузата Собранието ја забрза работата експресно изгласувајќи ги, без гласови против, претседателите и членовите, како и нивните заменици, на комисиите на Собранието и составот на делегациите на Собранието, почна расправата за завршната предлог-сметка на буџетот на Република Македонија за 2016 година.

Неа ја образложи министерот за финансии, Драган Тевдовски, кој го надмина времето од 15 минути, па беше предупредуван од претседателот на Собранието, Талат Џафери, да престане, по што уследи препирка, а Џафери, сепак, му даде уште една минута на говорникот.

По неколку реплики од пратениците на опозицијата, кои гo oспоруваа тоа што тој го рече на сметка на претходната власт, Џафери ја прекина осмата седница и прогласи пауза до 17 часот, кога, како што рече, ќе се почне со деветтата седница, на која единствена точка на дневен ред е ребалансот на буџетот.

Тевдовски рече дека економскиот пораст од 2,4 отсто во 2016 година е најслаб од земјите во опкружувањето и дека инвестициите во 2016 г. забележале пад од 4,3 проценти. Министерот за финансии рече и дека јавниот долг лани бил зголемен за 484 милиони евра во однос на 2015 година.

Џафери неколкупати го предупреди министерот дека времето од 15 минути му истече, а потоа му го исклучи и микрофонот и долго му објаснуваше на Тевдовски дека нема ништо лично против него, туку дека го прекинал поради надминување на времето.

Уследија реплики од неколку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои контрираа на заклучоците на Тевдовски за клучните настани во поглед на буџетот и на БДП, а беше речено и дека за месец и половина власта на СДСМ ги задолжила граѓаните со 32 милиони евра, па ако продолжи со ова темпо, до крајот на годината ќе дојде до 650 милиони евра дополнително задолжување.


Кривичен суд: Имаше инцидент меѓу двајца вработени, но Панчевски не е инволвиран


Скопје, 15 ноември, 2016 - 20:01 (META) 

Во Основниот суд Скопје 1 попладнево се случила расправија, а потоа и физички напад меѓу двајца вработени, потврдија за „Мета“ од судот.

Оттаму информираат дека вработен во судот првин почнал расправија со колега, упатувајќи му закани по животот, а потоа и физички го нападнал. Случајот бил пријавен во полиција, која дошла во судот и направила записник. Од судот, сепак, не откриваат која била причината за кавгата меѓу двајцата колеги.

„Во судот денеска имало настан во кој еден од вработените најпрво вербално нападнал друг вработен со закани по неговиот живот, а потоа и физички го нападнал, по што нападнатиот ги известил претпоставените во судот дека за истото ја информирал полицијата, која пристигнала во судот и го документирала настанот, а целиот настан се случил пред друг вработен кој бил сведок“, велат од Кривичниот суд.

Од судот ги отфрлаат како шпекулации информациите дека во инцидентот било превртено биро и бил кршен инвентар, како и тоа дека во случајот бил инволвиран претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски.

Дел од медиумите објавија дека инцидентот избувнал откако вработена во судот, наводно блиска до Панчевски, барала да не се напаѓа и клевети претседателот на судот, на што реагирал нејзин колега, кој се втурнал кон неа и превртел биро.


Судот до Јанева: „Пуч“ досега се одложуваше на Ваше барање


Скопје, 1 ноември, 2016 - 13:21 (META) 

Од вкупно 10 рочишта, колку што досега беа одржани за случајот „Пуч“, шест биле одложени поради отсуство на обвинетите, три на барање на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и „само“ тоа на 16 септември било одложено поради болест на судија поротник, велат од Кривичниот совет, по денешното повторно одложување на судењето.

„За да не дојде до одредени манипулации, ja потсетуваме јавноста дека по конкретниот предмет беа одржани 10 главни расправи од кои шест беа одложени бидејќи обвинетите постојано беа на службени патувања, потоа теи расправи беа одложени по барање на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО), од кои една расправа заради приватна прослава на обвинителката Јанева, а само минатата расправа беше одложена заради болест на еден од судиите поротници, нешто што не може да се предвиди. Оттаму, нејасно е како судот го одолговлекува предметот повеќе од една година, како што обвинуваат странките“, стои во соопштението од Кривичниот суд.

На денешното рочиште дојде до жестока расправија меѓу специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и судијката Љубинка Башеска, која го одложи судењето за „Пуч“ на неопределно време, бидејќи двете нови судијки поротнички сè уште немале добиено безбедносни сертификати. Како што рече Башеска, постапката била во тек, но не се знаело со точност кога сертификатите ќе бидат готови.

На ова жестокот реагираше Јанева, која ја обвини судијката дека ја злоупотребува службената положба. Јанева повеќепати на висок тон ѝ се обрати на судијката, велејќи „На што личи ова. Не може да го одложувате судењето на неопределено време. Како не Ви е срам, цела година го одлагате предметот и ја манипулирате јавноста“.


Гостиварец ја претепал сопругата со сукало


Гостивар, 6 септември, 2016 - 14:27 (META) 

Дваесет и шестгодишна гостиварка вчера пријавила семејно насилство, кое дента, околу 14.30 минути, во заедничкиот дом во Гостивар, го извршил нејзиниот една година помлад сопруг. Според пријавата во СВР Тетово, двајцата најпрвин почнале да се расправаат. Во еден момент, сопругот зел дрвено сукало и повеќепати ја удрил по рацете и по телото, нанесувајќи ѝ притоа видливи повреди.

Според гостиварката, сопругот досега повеќепати психички и физички ја малтретирал и затоа побарала кривичен прогон. Гостиварецот е приведен, а откако ќе се расчистат сите поединости поврзани со овој случај, ќе следува соодветен поднесок.

Според портпаролот на Секторот за внатрешни работи, Марјан Јосифоски, во изминатите седум месеци од оваа година, во Полошкиот Регион поднесени се 70 кривични пријави за случаи на семејно насилство со нанесување телесни повреди, загрозување на сигурноста и со присила, а во кои вкупно биле инволвирани 40 сторители.

Најчести сторители во овој период се сопрузи, а најчести „жртви“ на ваквиот вид насилство се сопруги и поранешни невенчани сопруги. Минатата година во истиот период биле поднесени 31 кривична пријава.

Како најчести причини за семејно насилство, според СВР Тетово, се наведуваат финансиски тешкотии, психички растројства и меѓугенерациски недоразбирања.

Но, најчесто, случаите на семејното насилство не го добиваат правниот епилог. Според тетовската полиција, пријавителите на семејното насилство пред да почне судскиот процес се премислуваат и го повлекуваат кривичниот прогон за ова кривично дело, откако ќе ја сфатат сериозноста на можните тешки законски последици врз нивните најблиски.


Кумановци протестираат и бараат правда за смртта на четиригодишното дете


Куманово, 4 јули, 2016 - 15:52 (META) 

Околу 1.000 граѓани денеска, околу 15 часот, го почнаа протестот на кој бараат правда за четиригодишниот Алмир Алиу, кој пред една недела беше прегазен со автомобил на излезот од болницата во Куманово.

Протестот се одвива во молк, односно демонстрантите не извикуваат никакви пароли, а единствениот транспарент е тој што граѓаните го носат на чело на колоната, а на кој на албански пишува „За правда“.

Демонстрантите бараат осомничениот возач на автомобилот да го добие тоа што го заслужува според законот.

Организаторите, невладината „Зани“ (Глас), побарале од политичарите, кои се присутни на протестот, да се движат во задните редови и да не даваат изјави за медиумите.

Маршот, како што е предвидено, треба да заврши пред зградата на Основниот суд во Куманово.

Четигоришниот Алмир Алиу во саботата почина во Клиничкиот центар во Скопје, како последица од ударот со автомобилот.

Според пишувањата на медиумите, осомничениот удрил во детето намерно, по банална расправија во кумановската амбуланта.

Осомничениот во случајот е уапсен и во моментов се наоѓа на издржување 30-дневен притвор, што му го одреди судот.


Почина четиригодишното дете што беше удрено со автомобил во Куманово


Куманово, 2 јули, 2016 - 11:27 (META) 

Четиригодишно дете што пред една недела беше удрено со автомобил во Куманово, почина во Клиничкиот центар во Скопје, јавуваат медиумите на албански јазик. Според пишувањата, детето било удрено намерно.

Медиумите пренесуваат дека семејството на починатото дете чекало ред пред амбуланта во Куманово и притоа одлучило да пуштат друг човек пред нив, поради тоа што процениле дека станува збор за поитен случај.

Тоа предизвикало револт кај друго машко лице кое чекало во редот, по што почнала расправија. Потоа, лицето го чекало семејството да излезе од болницата и намерно удрило во нив со возилото. Детето било најтешко повредено, по што било пренесено во Клиничкиот центар во Скопје.

Според соопштението на кумановското обвинителство, кумановецот заработил 30-дневен притвор.

– Триесетдневен притвор заработи кумановецот што во саботата прегази тричлено семејство, а најтешки повреди доби детето. Тој ќе одговара за убиство во обид – информираше обвинителството.


Убиен 26-годишен гостиварец, Обвинителството нареди истрага


Гостивар, 28 јуни, 2016 - 13:55 (META) 

Дваесет и шестгодишен гостиварец синоќа бил застрелан, по расправија на улица во градот, и неколку часа подоцна починал во Клиничкиот центар во Скопје додека лекарите се обидувале да му ги санираат повредите.

Надележен јавен обвинител од гостиварското Основно јавно обвинителство издал наредба за спроведување истрага за пукањето, а денеска биле дадени наредби за вештачење на трагите на оружјето и на возилото на осомничениот, кој околу 23 часот самиот се предал во полициската станица во Гостивар.

„Вчеравечер, околу 19.30 часот, сега починатото лице било паркирано со своето возило од левата страна на улицата Седек Костоски во Гостивар, кога од спротивната страна со автомобил наишол осомничениот со своето семејство. Во критичниот момент, настанала расправија и сега починатиот со метален предмет удрил во возилото на осомничениот, а тој извадил пиштол што го поседувал со дозвола и во паника истрелал три куршуми во правец на сега починатото лице. Еден од куршумите завршил во телото на починатиот, кој во контактибилна состојба бил пренесен во Општата болница – Гостивар. Поради сериозноста на повредите, истиот е испратен во Клиничка болница – Скопје, каде при извршување на интервенцијата во текот на ноќта починал. Осомничениот, околу 23 часот, се предал во полициската станица – Гостивар“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.


Крвава тепачка во гимназијата „7 Март“ во Тетово 


Тетово, 5 март, 2016 - 13:07 (META) 

Деветнаесетгодишно момче се здобило со убодна рана во пределот на грбот во крвавата тепачка која се случила вчера во гимназијата „7 Март“ во Тетово. Раната му била нанесена од остар предмет, најверојатно нож. Лицето било префрлено во тетовската болница и е задржано за понатамошно лекување.

Во тепачката во која учествувале седум лица повреден бил и негов врсник кој се здобил со сериозни повреди на раката. Останатите пет лица на возраст од 18 години кои се здобиле со полесни повреди се во добра здравствена состојба.

Учесниците во иницидентот најпрвин започнале вербално да се расправаат, а потоа размениле неколку удари со клоци, тупаници и остри предмети.

Помладите учесници во тепачката, во присуство на родител, биле повикани на разговор во тетовската полиција, а било разговарано и со потешко повредените лица. Во зависност од видот на повредите, од СВР Тетово најавуваат соодветна пријава за учесниците во тепачката.