Исчезнале три тинејџерки, две од нив сестри


Штип, 17 јули, 2018 - 10:41 (META) 

Три тинејџерки, две од нив сестри, биле пријавени за исчезнати вчера во Штип и Пробиштип.

Како што извести СВР Штип, вчера попладнето во СВР Штип, 39 годишниот М.Д. од Штип пријавил дека неговата 14-годишна ќерка околу 14 часот излегла од дома и не се вратила.

Вчера вечерта во полициската станица во Пробиштип, М.Т.(55) пријавил дека во саботата неговите две ќерки Н.Т.(19) и другата ќерка на возраст од 16 години излегле од дома и не се вратил.

Се превземаат мерки за пронаоѓање на лицата, велат од СВР Штип.


Еден загинат, петмина повредени во судир на патот Кратово – Пробиштип


Кратово, 23 ноември, 2017 - 12:34 (META) 

Едно лице починало од повредите што ги добило во тешката сообраќајка што се случила претпладнево на регионалниот пат меѓу Кратово и Пробиштип, велат за „Мета“ од МВР.

Кај местото Жгури дошло до судир на автомобил „рено меган“ со скопски таблички и „фолксваген“ со штипски ознаки. По несреќата пет лица биле префрлени во Клиничката болница во Штип, каде едно лице им подлегнало на повредите. Шестото лице било пренесено со телесни повреди во Здравствен дом Пробиштип.

Увидот на местото на несреќата уште трае, а полицијата ќе го соопшти идентитетот на загинатото лице откако ќе биде известено семејството.


Ниту една закана нема да нè клекне на колена, порача Груевски од Пробиштип


Пробиштип, 7 октомври, 2017 - 20:51 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вечерва од Пробиштип порача дека СДСМ ветува работи кои не зависат од нив, но не и решенија за постојните проблеми на граѓаните.

– Нивниот главен проект е воздух. Благодарение на Бога, поредокот во природата ни обезбедува воздух. Бог дарува и живот, а тие ветуваат и живот. Две работи кои не зависат од нив, токму тие ги ветуваат. Тоа е потценување. Нема да чуете решенија, нема да чуете идеи за подобар живот. Туку флоскули, апстрактни поими – рече Груевски.

Тој истакна дека СДСМ нема да донесат подобар живот за граѓаните, туку ќе ја влошат ситуацијата во земјата.

– СДСМ нема да донесе добро за никого. Тие можат само да затвораат работни места, да ги намалат приходите, да им го земат лебот на луѓето. Да донесат несигурна иднина за нашите деца. Тие се реална пречка. Пречка за подобро образование. Пречка за подобри услуги во здравството. Тие се пречка за повеќе работни места, економски пораст и развој на Република Македонија. Тие се само пречка – рече Груевски, додавајќи дека ниту една закана нема да ги натера да клекнат на колена.

Кандидатот за градоначалник на Пробиштип, Тони Тоневски, вети дека градот ќе инвестира во инфраструктурата на градот, ќе изгради пречистителна станица за отпадни води, нови детски катчиња, а ќе работи и на полето на културата.

– Сите добро ме познавате и добро знаете дека не ги заборавам помалите места. Нови улици ќе добијат жителите на Злетово, Дреново, Турско Рудари, Трмош, Лезово, Трипатанци… Ќе го реконструираме стариот цевковод и ќе ги автоматизираме пумпите во Ратавица, ќе изградиме водоснабдителни системи и во помалите населени места, ќе го довршиме водоводот во Турско Рудари, ќе изградиме и нови за жителите на Јаниште и на Дренак – рече Тоневски, истакнувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш излегува на избори со програма, а потоа со отчет за сработеното.


Градоначалникот на Пробиштип тврди дека нема пријава за силување


Пробиштип, 16 јануари, 2017 - 19:11 (META) 

Вработена во Општината Пробиштип поднела пријава за обид за силување против градоначалникот на Пробиштип, Тони Тоневски, кој, пак, демантира дека такво нешто се случило. Штипската полиција соопшти дека има пријава за настан. За каков, не прецизира.

Секторот за внатрешни работи од Штип даде штуро, кратко известување за медиумите.

„На 13 јануари оваа година во полициската станица Пробиштип од страна на А.П. од Пробиштип пријавен е настан за кој веднаш е известено ОЈО. СВР Штип презема мерки и активности за утврдување на фактичката состојба околу пријавениот настан и постапува по насоките на ОЈО за целосно расчистување, документирање и за правна квалификација на истиот“, соопштија од СВР.

Каков настан е пријавен, не прецизираат од полицијата.

На барањето на „Канал 77“ за изјава околу настанот, градоначалникот Тоневски одговорил со СМС.

– До овој момент немам добиено никаква информација за поднесена пријава против мене за обид за силување и ги демантирам сите шпекулации на оваа тема. Исто така, до овој момент не сум повикан ниту од страна на полицијата ниту од Јавното обвинителство на разговор во врска со каква било пријава против мене – вели Тоневски во врска со случајот.


Пробиштип домаќин на Балканското првенство во одбојка на песок


Штип, 18 август, 2016 - 16:33 (META) 

Пробиштип ќе биде домаќин на Балканското првенство во одбојка на песок за мажи и жени до 22 години, oд утре во наредните три дена. На песокот во „Аква паркот“ треба да се појават репрезентациите на 11 балкански држави, меѓу кои лидерите во овој спорт Романија, Турција, Србија и Грција.

Натпреварувачите попладнево веќе почнаа да пристигнуваат во Пробиштип, додека официјално, натпреварите почнуваат утре.

Според Игор Манов од организацискиот одбор на првенството, ќе бидат одиграни 48 натпревари во трите дена од првенството (петок, сабота и недела) во термините од 9 до 12 часот и попладне од 16-21 часот.

Жребувањето е закажано за вечер.

За потребите на првенството, „Аква паркот“ адаптираше посебен простор со игралиште со песок и дел за публика.

Пробиштип е третиот град од Македонија, домаќин на балканско првенство во одбојка на песок, по Штип и Виница.