Предлогот за заштита на Осоговските планини на јавна расправа во четири општини

Фото: Дарко Николовски / CC BY-SA

Министерството за животна средина и просторно планирање ги објави термините за јавните расправи за предлогот за прогласување на дел од Осоговските планини за заштитено подрачје. Почнувајќи од 18 па до 26 август ќе бидат организирани четири отворени средби, на кои јавноста ќе може да ги даде своите забелешки и коментари во врска со актот со кој ќе се заштитат Осоговските планини во категоријата V, како заштитен предел.

Првата јавна расправа ќе се одржи во Кочани, на 18 август, во 18 часот кај споменикот на слободата, следната е во Македонска Каменица, на 20 август, во 18 часот, во паркот пред Домот на Културата, на 25 август, јавноста со предлогот ќе се запознае во Пробиштип, на секундарниот плоштад на амфитеатарот и последната јавна расправа е во Крива Паланка, на 26 август, во 18 часот во паркот на училиштето „Ѓорче Петров“.

„Предлог актот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи во Република Северна Македонија (www.ener.gov.mk) и на веб страната на Министерство за животна средина и просторно планирање (www.moepp.gov.mk) за доставување на коментари, забелешки и консултации со засегнати страни. Коментари, мислења и сугестии заинтересираната јавност може да достави на [email protected]./p=-hmnbvgft “, информираат од Министерството.

Според нацрт-одлуката, Осоговските планини се прогласуваат за заштитен предел заради разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, природни убавини, како и специфичната интеракција на луѓето и природата. Предлогот предвидува заштита на дел од Осоговските планини во три зони на заштита, зона за строга заштита, зона за активно управување и зона за одржливо користење. Зоната за строга заштита ќе опфати 12 помали локалитети кои ги вклучуваат најзначајните и најрепрезентативни живеалишта како што се високопланинските пасишта, репрезентативните шумски заедници од габер, крајречните заедници со врба, топола и евла и мали површини од букова шума, тресетишта, изворишни делови на реките, карпести предели и дел од вриштините. Во зоната за строга заштита, нацрт-одлуката забранува секакви активности со кои би се загрозила изворноста на природата и нарушувањето на природната рамнотежа и предлага постојан мониторинг.

Зоната за активно управување опфаќа 13 делови кои се наоѓаат околу строго заштитените површини и на кои им требаат интервенции за реставрација, ревитализација или рехабилитација на живеалиштата, екосистемите и другите елементи од пределот. Зоната за одржливо користење е над 90 отсто од заштитениот предел на Осоговските планини и не поседува високи вредности за заштитата, каде што се наоѓаат инфраструктурни објекти, објекти на културното наследство, типови на шумски насади коишто не се карактеристични за подрачјето, како и населени места со околното земјоделско земјиште.

„Биолошката разновидност на Осоговските Планини претставува мешавина на живеалишта (хабитати) и видови кои се карактеристични за различни региони од Европа. На највисоките делови се среќаваат алпски и бореални елементи, каде се наоѓаат и најголемиот број ендемични видови. Континенталниот карактер најдобро се забележува во појасот на букови шуми. Покрај шумските екосистеми, тука се забележуваат и други типови екосистеми како пасишта, чистини, вриштини кои значително ја зголемуваат биолошката разновидност. На Осоговските Планини има богат растителен и животински свет со 1.073 видови, од кои габи се 437 видови, дијатомејски алги 391, дневни пеперутки се 105, вилински коњчиња 39, правокрилци 77, тркачи 246, пајаци 450 и други. Голем број од овие видови се меѓународно значајни, а голем дел се ендемити, ретки и национално значајни видови кои се значајни за зачувување (конзервација)“, констатира Нацрт-одлуката за прогласување на дел од Осоговските Планини за заштитен предел.