Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, вечерва од Пробиштип порача дека СДСМ ветува работи кои не зависат од нив, но не и решенија за постојните проблеми на граѓаните.

– Нивниот главен проект е воздух. Благодарение на Бога, поредокот во природата ни обезбедува воздух. Бог дарува и живот, а тие ветуваат и живот. Две работи кои не зависат од нив, токму тие ги ветуваат. Тоа е потценување. Нема да чуете решенија, нема да чуете идеи за подобар живот. Туку флоскули, апстрактни поими – рече Груевски.

Тој истакна дека СДСМ нема да донесат подобар живот за граѓаните, туку ќе ја влошат ситуацијата во земјата.

– СДСМ нема да донесе добро за никого. Тие можат само да затвораат работни места, да ги намалат приходите, да им го земат лебот на луѓето. Да донесат несигурна иднина за нашите деца. Тие се реална пречка. Пречка за подобро образование. Пречка за подобри услуги во здравството. Тие се пречка за повеќе работни места, економски пораст и развој на Република Македонија. Тие се само пречка – рече Груевски, додавајќи дека ниту една закана нема да ги натера да клекнат на колена.

Кандидатот за градоначалник на Пробиштип, Тони Тоневски, вети дека градот ќе инвестира во инфраструктурата на градот, ќе изгради пречистителна станица за отпадни води, нови детски катчиња, а ќе работи и на полето на културата.

– Сите добро ме познавате и добро знаете дека не ги заборавам помалите места. Нови улици ќе добијат жителите на Злетово, Дреново, Турско Рудари, Трмош, Лезово, Трипатанци… Ќе го реконструираме стариот цевковод и ќе ги автоматизираме пумпите во Ратавица, ќе изградиме водоснабдителни системи и во помалите населени места, ќе го довршиме водоводот во Турско Рудари, ќе изградиме и нови за жителите на Јаниште и на Дренак – рече Тоневски, истакнувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш излегува на избори со програма, а потоа со отчет за сработеното.