Тричасовен протест на патот што води кон локацијата каде се уредува теренот за мини хидроцентрала претпладнево одржаа жителите на пробиштипското село Турско Рударе. Ова е нивен втор протест откако започнаа работите за поставување на инсталацијата, која според нив, го загрозува системот за водоснабдување и наводнување и ѝ нанесува штета на животната средина.

Насобраните жители изутрината ги пропуштиле работниците кои работат на уредување на теренот, додека механизацијата е стационирана на локацијата. Очекувале да ги пресретнат и претставниците на инвеститорот, скопската компанија ДИС Енергија, меѓутоа, но тие не дошле.

Ненад Лазаревски, жител на Турско Рударе, рече дека протестите нема да престанат, а за идната недела претстои и средба во Министерството за животна средина и просторно планирање.

„На оваа средба очекуваме да ги кажеме нашите аргументи против изградбата на мини хидроцентралите во пробиштипско и во кочанско“, изјави Лазаревски.

На оваа средба здружено ќе настапат пробиштипски и кочански граѓански активисти, кои најавија заедничко делување, со оглед на тоа дека истата компанија е инвеститор и на мини хидроцентралите во Турско Рударе и на Мала Река во Кочани.

Во меѓувреме, мала надеж за жителите на Турско Рударе е веста дека Општината Пробиштип ја повлекла градежната дозвола. Меѓутоа, и покрај тоа, работите на терен не застанаа.

Од компанијата ДИС Енергија соопштија дека тие ја имаат документацијата и според тоа, ќе продолжат со работа. При тоа, ќе ги почитуваат сите законски одредби кои се пропишани за мини хидроцентралите. Покрај во Кочани и во Пробиштип, овој инвеститор планира изградба на мини хирдоцентрала и во Радовиш.