МВР: Приведени се 26 лица, демонстрантите фрлија солзавец во угостителски објект


Скопје, 18 јуни, 2018 - 13:05 (META) 

Седум лица побарале лекарска помош, повредени се 10 полициски службеници, а приведени се 26 лица, соопштуваат денеска од МВР за ескалацијата на вчерашните протести пред Собранието, против Договорот постигнат помеѓу Македонија и Грција.

Од МВР велат дека дел од демонстрантите, од кои голем број биле маскирани, насилно ја турнале заштитната ограда и почнале да фрлаат камења и пиротехнички средства и други предмети кон зградата на Собранието и полицискиот кордон, воедно обидувајќи се насилно да влезат во Собранието.

Со цел спречување на понатамошно нарушување на јавниот ред и мир и насилен упад во Собранието, а постапувајќи согласно процедурите, од Министерството потенцираат дека полицијата спровела соодветни мерки и активности.

Според полицијата, околу 21.30 часот околу 50 демонстранти, движејќи се во група се упатиле кон Плоштад Македонија и насилно упаднале во два угостителски објекти, каде искршиле дел од инвентарот и предизвикале паника и страв кај присутните гости, а во еден објект демонстрантите врз гостите фрлиле солзавец. Во близина на хотелот „Холидеј ин“ запалено било комбе „Фиат“, а огнот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита.

„Во врска со новинарот на порталот Инфомакс, ја информираме јавноста дека тој одбивал да се легитимира, а притоа дал активен отпор. Постапувајќи согласно процедурите, лицето е однесено во полициска станица и по утврдувањето на неговиот идентитет, истото веднаш е пуштено. Министерството за внатрешни работи уште еднаш апелира новинарите и снимателите кои ги извршуваат своите работни задачи во текот на известувањето да го почитуваат етичкиот кодекс на однесување и со своите постапки да не ги попречуваат службените лица во извршувањето на своите задачи, при заштитата на јавнот ред и мир“, велат од МВР.


На вчерашниот протест пред Собранието приведени десетмина


Скопје, 14 јуни, 2018 - 12:47 (META) 

На вчерашниот протест пред Собранието поради фрлање разни предмети, меѓу кои и еден Молотов коктел, кон зградата на законодавниот дом и кон полицијата, биле приведени 10 учесници на протестите, соопшти МВР.

На протестот против потпишување на Договорот со Грција со кој земјава треба да добие ново име за сеопшта употреба, кој се одржуваше од 19.30 до 23 часот, во еден момент група од демонстрантите, од кои дел биле со фантомки на главите, почнале кон Собранието и кордонот полицајци да фрлаат шишиња, пиротехнички средства, шипки, конзерви и еден молотов коктел, кој не се запалил.

Полицијата интервенирала и во Полициската станица Центар биле приведени 10 лица.

Протестот преку социјалните мрежи вчера го организираа навивачката група „Комити“, потоа Семакедонски национален совет – Македониум, Христијанско братство и граѓанската иницијатива „Став“, се извикуваше „Едно име имаме – Македонија“ и „Оставка“ и се пееја патриотски песни.

Според дел од новинарите што го следеа протестот, дел од демонстрантите кон нив извикувале навреди и закани.


Полицијата открила 15 мигранти во близина на Гевгелија


Гевгелија, 3 февруари, 2018 - 12:44 (META) 

Патрола од Полициска станица за Граничен премин и граничен надзор Богородица открила 15 мигранти кај селото Милетково, гевгелиско, информираат од МВР.

Мигрантите биле откриени во товарно моторно возило „фиат-дукато“ со бугарски национални ознаки управувано од М.Д.(28) од Струмица.

„Од страна на полициските службеници бил извршен  преглед на возилото при што се пронајдени 15 мигранти, од кои осум сириски, пет пакистански и двајца ирачки државјани, кои биле приведени. За настанот бил известен Јавен обвинител. М.Д. бил лишен од слобода и предаден во Полициска станица Гевгелија, а мигрантите се задржани во Полициската станица за Граничен премин и граничен надзор Богородица, за понатамошна постапка“, се вели во билтенот на МВР.


Приведени 15 малолетници кои учествувале во тепачка и каменувале автобус на ЈСП во Ченто


Скопје, 1 февруари, 2018 - 22:38 (META) 

Петнаесет малолетници вечерва се приведени поради учество во тепачка меѓу две групи на улицата Алија Авдовиќ во скопската населба Ченто, потврди Министерството за внатрешни работи.

Едната група, која учествувала во тепачката каменувала автобус на Јавното сообраќајно претпројатие „Скопје“ број 65 б, кој сообраќал на релација Транспортен центар – Брњарци, при што се искршени четири стакла од автобусот.

Случајот во полиција го пријавил возачот на автобусот околу 19.30 часот.

Полициски екипи веднаш излегле на терен и во полициската станица Гази Баба привеле петнаесетина лица од двете групи за целосно расчистување на случајот.


Приведени странски државјанки кои работеле како танчерки во тетовски локали


Тетово, 30 декември, 2017 - 13:49 (META) 

Полициски екипи на СВР Тетово и на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија, вчера извршиле контрола во угостителските објекти „Ориентал Ас“ и „Баци“ во селата Жеровјане и Боговиње, Тетовско

Во акцијата, како што соопшти МВР, биле приведени седум странски државјанки, од кои три од Србија и по две од Косово и од Албанија, поради злоупотреба на туристичкиот престој.

Тие заедно со уште 13 македонски државјанки работеле како танчерки во локалите.

Странските државјанки биле задржани во полициската станица во Тетово, а потоа се предадени на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија за натамошна постапка.

Екипи на СВР Тетово вчера извршиле и акциска контрола во селото Врапчиште каде била откриена нелегална обложувалница.

Од објектот, кој работел без регистрана фирма, биле запленети пет телевизори, четири компјутери, четири монитори, два печатачи, еден читач, билтени, тикети и одредена сума пари.

По расчистувањето на случајот од МВР велат дека ќе бидат поднесени соодветни пријави.


Приведени три лица за вчерашното убиство во Чаир, соопшти Спасовски


Скопје, 21 декември, 2017 - 15:24 (META) 

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска соопшти дека се приведени три лица во врска со вчерашното убиство на 24-годишното момче во Чаир.

– Работиме интензивно со групата на СВР Скопје и Обвинителството. Најдено е возилото „застава југо“ од кое е извршено убиството, како и 20 чаури и четири зрна, два мобилни телефона. Се разговара и со роднините, пријателите и луѓето кои биле во контакт со убиениот – рече Спасовски, кој денеска беше во посета на Центарот за обука на МВР во Идризово.

Тој додаде оти се очекува во текот на истрагата да се откријат мотивите за убиството и да се обезбедат докази за сторителот.


ВМРО-ДПМНЕ ќе блокира крстосници кај „Мавровка“, на Рампа и во Влае


Скопје, 4 декември, 2017 - 11:15 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе ги продолжи своите активности со блокирање крстосници и со протест пред Министерство за правда, барајќи ослободување на приведените и на притворените во најновата серија постапки на Јавното обвинителство за расчистување на крвавите настании од 27 април во Собранието на Република Македонија.

„ВМРО-ДПМНЕ бара слобода за патриотите. ВМРО-ДПМНЕ бара да запрат неправдите, хајките и местенките. ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на улиците сè додека ова лудило на власта не престане“, порачува опозициската партија.

Од 15 до 17 часот ќе бидат блокирани крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, крстосницата  меѓу улиците Васил Чакаларов и Ангел Динев во Карпош и крстосницата кај Рампа во Кисела Вода.

Од 18 часот, пак, ќе се одржи протест пред Министерството за правда, на улицата Димитрија Чуповски.


Коцијанчич: Важно е да се утврди одговорноста за 27 април и сите да се однесуваат одговорно


Брисел, 29 ноември, 2017 - 19:59 (META) 

Важно е да се утврди одговорност за настаните во Собранието на 27 април и ги повикуваме сите партии да се однесуваат одговорно, вели во изјава за „Мета“ Маја Коцијанчич, портпаролка на ЕУ.

Според неа, иако ЕУ не сака да коментира судски постапки или истраги, сепак очекува одговорно однесување од политичките партии.

– ЕУ не сака да коментира истраги што се во тек или судски постапки. Внимателно ги следиме случувањата и очекуваме сите партии да се однесуваат одговорно и во склад со законот. ЕУ и претходно ја нагласуваше важноста од утврдување одговорност за настаните на 27 април во Собранието – вели Коцијанчич.


Утрово приведени Чавков, Мукоски и актерот Јовановски


Скопје, 28 ноември, 2017 - 9:15 (META) 

По налог на јавен обвинител, рано утрово приведен е Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност во МВР, дознава „Мета“ од извори на истрагата.

Приведувањето е во рамките на истрагата за насилствата од 27 април годинава во Собранието. Во тој момент, Чавков беше директор на Бирото за јавна безбедност и раководител на штабот на МВР за протестите „За заедничка Македонија“.

Покрај Mитко Чавков, според нецелосно потврдените информации, приведени се уште петнаесетина луѓе, меѓу кои пратеници и граѓани кои се најдоа на 27 април во Собранието. Тоа се, според неофицијални информации, актерот Владо Јовановски, Горан Ангелов – Ќосето од Велес, пратеничката Жаклина Пешевска, пратеникот Крсто Мукоски, пратеникот Љубен Арнаудов од Охрид и други.


Затворени 19 објекти и приведени 26 лица при рација на МВР во Тетово, Битола и во Велес


Скопје, 19 ноември, 2017 - 14:46 (META) 

При спроведени контроли на подрачјата на СВР Тетово, СВР Битола и СВР Велес, приведени биле 26 лица, а привремена забрана за работење добиле 19 угостителски објекти, соопшти денеска на прес-конференција директорот на Бирото за јавна безбедност, Лазе Велковски.

Во некои од локалите бил откриен незаконски престој на лица во Република Македонија, користење наркотици, како и управување возила под дејство на алкохол.

– Во Тетово и во Гостивар, од 31 објект, на 19 објекти од Управата за јавни приходи и од Државниот пазарен инспекторат им се изречени мерки забрана за вршење дејност во траење од 15, односно 30 дена, бидејќи не издавале фискална сметка, не поседувале фискален апарат и имале нерегистрирани вработени. Поради поседување дрога и непоседување документи за идентификација, приведени се вкупно 26 лица, од кои 16 македонски државјани и десет странски државјанки, девет државјанки на Република Србија и една на Република Црна Гора. Кај дел од гостите во објектите се пронајдени пакувања со прашкаста материја – вели Велковски.

Контролата во Битола не покажала посериозни прекршоци и не е констатирано нарушување на јавниот ред и мир. Во Велес, Кавадарци и во Неготино алкотестирани биле 232 возачи, а кај 29 возачи е утврдено присуство на алкохол.

Велковски нагласи дека МВР во соработка со другите институции ќе продолжи со вакви контроли и во следниот период.