Кривична пријава за обид за убиство против пет лица од Скопје

Петмината, во петокот околу 19 часот, со остар и тврд предмет го нападнале 33-годишниот М.А. од Скопје и му нанеле тешки телесни повреди

Фото: МВР

Поднесена е кривична пријава за обид за убиство против пет лица во врска со инцидент што се случил во петокот вечерта на подрачјето на Бит Пазар во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Петмината во петокот околу 19 часот со остар и тврд предмет го нападнале 33-годишниот М.А. од Скопје и му нанеле тешки телесни повреди.

Од МВР велат дека веднаш по добиената пријава биле преземени соодветни мерки од страна на полицајци од СВР Скопје. Полицијата истиот ден ги привела С.Е. (30), И.Е. (27), Х.Е. (48) и Б.Е. (23) – сите од Скопје. Утрово лишен од слобода бил и 20-годишниот Ј.Б., исто така од Скопје.

Единицата за насилен криминал – Одделението за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје, во координација со Јавното обвинителство, поднела кривична пријава, а судија на претходна постапка на С.Е. и Х.Е. им определил мерка притвор во траење од 30 дена, додека пак на лицата И.Е. и Б.Е. им е определена мерка домашен притвор.