ВМРО-ДПМНЕ: Со „отворањето“ на сметките граѓаните ќе станат мета на уцени од власта


Скопје, 14 август, 2018 - 9:26 (META) 

Со укинувањето на приватноста на банкарски сметки, власта на Заев дополнително ќе ги оданочува извозниците на интелектуален труд и ја загрозува приватноста на граѓаните. Укинувањето на приватноста на сметките ќе ги направи граѓаните потенцијална мета на уцени, закани и други криминогени дејанија на структури блиски до власта, обвинува ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозициската партија, со ова законско решение „СДСМ уште еднаш бескрупулозно го крши Уставот на Република Македонија поточно членот 25 со кој ,На секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот’.


Елена Трифуновска: Не треба да се меша говорот на омраза со клеветата и навредата


Скопје, 27 април, 2018 - 11:00 (META) 

Станува тренд да се пријавуваат дискриминацијата и говорот на омраза во онлајн сферата за да се спречи да се развиваат, но важна е и техничката неутралност. Поточно, колку брзо се развива информатичката технологија, исто толку брзо треба да се развиваат и да се приспособуваат и тие механизми, но едукацијата на корисниците не ја следи секогаш брзината на технологијата, рече, меѓу другото,  Елена Трифуновска од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, во вчерашното гостување во  „Студио 1“ на ТВ1.

Како што вели Трифуновска, клучна е едукацијата на корисниците на социјалните мрежи. Децата се повеќе и порано почнуваат да ги користат, но и постарите корисници не се научени и потешко ја учат примената на механизмите.

– Состојбата е проблематична со оглед на тоа колкав број од нас секојдневно користиме социјални медиуми и колку време поминуваме на нив и каков тип на информации не интересираат или со какви информации не таргетира оној што ги пласира – смета Трифуновска.

Случаите на говор на омраза на интернет и во медиумите се пријавуваат во Основното јавно обвинителство и во Единицата за борба со компјутерски криминал во МВР. Нивните и извештаите на „Фридом Хаус“ и на „Репортери без граници“ покажуваат дека случаите не се процесуираат на начинот на којшто предвидува законот – појасни гостинката – експерт.

– Ако ја погледнеме статистиката на Советот за етика, на трето место се пријавите од граѓаните за прекршувања на говор на омраза од вкупниот број на пријави што ги имаат добиено и во 30% од решените случаи токму говорот на омраза е причина за пријавата – вели Трифуновска и според неа, не треба да се мешаат говорот на омраза со клевета и навреда.


Прајваси интернешенел: Недоволен е надзорот врз тајните светски разузнавачки мрежи


Скопје, 25 април, 2018 - 17:21 (META) 

Во својот нов извештај, меѓународната мрежа составена од 40 невладини организации „Прајваси интернешенел“ алармира за загрижувачки број пропусти во инструментите за надзор што треба да го контролираат разменувањето податоци и информации помеѓу државните разузнавачки служби и нарушувањето на приватноста.

Истрагата што ја спровеле организации, преточена во извештајот „Тајните глобални мрежи за надгледување: Споделување на разузнавачки информации помеѓу владите и потребата од заштита“ посочува дека во време кога се врши масовно надгледување и владите се повеќе собираат огромни количества на дигитални информации за многу луѓе, не може повеќе да се користат само инструментите за надзор предвидени за времето кога постоело само прислушување телефони.

Според извештајот, најголемиот број земји во светот немаат законодавство што би го регулирало споделувањето разузнавачки информации. Во други земји пак станува збор за недоволно јасно дефинирани законски обврски.

Сето тоа е огромна закана за човековите права, се вели во извештајот.


Како новиот закон за кибер-безбедност на Макао ќе влијае на слободата на говор?


Макао, 29 јануари, 2018 - 11:00 (META) 

Макао, автономен урбан регион на јужниот брег на Кина, моментно развива закон за кибер-безбедност базиран на јавна консултација која се одржа во декември 2017 година, пишува „Глобал Војсис“.

Политичките кризи покажуваат дека сегашниот предлог не ја заштитува приватноста на граѓаните во целост, туку обезбедува правна рамка за масовен надзор.

Како бивша колонија на Португалија, Макао се обедини со Кина во 1999 година, но задржа голем дел од автономијата како посебен административен регион (слично како Хонгконг) со свој устав познат како „Основно право“ напишан според принципот „Една држава, два система“.

Законот за национална безбедност на Макао од 2009 година, ги криминализираше побунувањата, вклучително и неколку видови говор. Градот е сега тргнат кон повторно разгледување на предложениот закон за кибер-безбедност. Долга политичка „листа на набљудувани“ на поединци кои јавно проговориле за демократијата во Хонгконг биле обележани како „закана“ на стабилноста на градот и им е забрането да влезат во Макао за време на чувствителни периоди, како на пример за време на посетите на државниот врв на Кина или месецот за изборна кампања.

На 11 декември 2017 година, владата на Макао започна 45-дневна јавна консултација за предложениот закон за кибер-безбедност. Лидерите на комерцијалниот сектор и граѓаните се поканети да ги дадат своите мислења во пишана форма.

Според предложениот закон, телекомуникациските оператори и давателите на интернет-услуги (ИСП) би биле одговорни за имплементирање систем за регистрација со „вистинско име“, вклучувајќи и припејд картички со модул за претплатнички идентитет (СИМ). Исто така се бара од ИСП да ги зачуваат онлајн активностите на нивните корисници најмалку за една година.

Според моментниот предлог, законот би дал дозвола да се воспостави постојана комисија за кибер-безбедност во функција и кибер-безбедносен систем за предупредувања во случај на инциденти, како и центар за итни случаи наменет за справување со секакви закани за кибер-безбедноста. Комисијата ќе биде овластена да врши мониторинг на онлајн протокот на податоци во бинарен код, како и да внимава и да ги истражува идните кибер-напади.

Документот исто така предлага компаниите кои работат во 11 важни сектори да применат мерки за заштита вклучувајќи ги и интернет операторите и масовните медиуми, набавката на вода и струја, финансиските системи, играњето видео игри и здравјето, меѓу другите, согласно Документот за консултации (ЦД) 4.2. Овие сектори би биле под надзор на соодветните владини оддели и власти. На пример, монетарната власт на Макао по примањето инструкции од центарот за итни случаи поврзани со кибер-безбедност би бил одговорен за вршење надзор врз имплементацијата на мерките во банкарските и финансискитие системи.

На службеници од центарот за итни случаи поврзани со кибер-безбедност би им било загарантирано правото на влез во канцелариите и објектите на операторите на интернет услугите (и во приватниот и во јавниот сектор) за инспекција. Во таков случај, операторите ќе мора да ги исполнат сите разумни барања поставени од страна на службениците и да следат какви било инструкции што тие ќе ги дадат во врска со одржувањето на нивните комуникациски мрежи (ЦД 5.2).

Кога ќе се бараат вработени за главните позиции, операторите од овие сектори ќе мора да се консултираат со полициските служби во врска со историјатот на кандидатите (ЦД 5.1.) со тоа што ќе ѝ се даде неограничена моќ на полицијата.

Казните за операторите кои нема да го почитуваат законот ќе изнесуваат дури 500 милиони макаиски патаки или околу 62 милиони американски долари.

Кибер-безбедност или масовен надзор?

Вонг Сио Чак, министер за безбедност, потенцираше дека властите нема да вршат мониторинг на поединечни активности на интернет, или дека ќе ја ограничат слободата на говорот која ја имаат жителите на Макао. Но граѓаните се загрижени.

Друштвото на државни службеници на Макао (МЦСА) испрати отворено писмо со кое ја изразува загриженоста дека мониторингот и следењето на онлајн податоци преку бинарниот код е „арбитрарно, непропорционално и нелегално“.

Според член 32 од Уставот на Макао, „никаква јавна власт ниту поединец не смее да ја прекрши слободата и довербата на комуникациите на граѓаните, со било каква причина“ освен во случаи на неопходни истраги на јавната безбедност или криминални истраги спроведени и овластени од локалните власти.

МЦСА посочи дека бинарниот код „лесно може да се претвори во разбирливи податоци“ и со тоа властите не би требало да вршат мониторинг освен ако нема вистинска закана:

In accordance with international standards, monitoring of such data [by the authorities] should only be allowed after cyber attacks, in order to avoid spreading over critical city infrastructures, or in the following up of investigations.

Во согласност со интернационалните стандарди, мониторингот на такви податоци [од страна на властите] треба да се дозволи само по кибер-напади, со цел да се избегне проширување кон критични градски инфраструктури, или при собирањето дополнителни податоци за истраги.

Понатаму се вели дека одговорноста за мониторинг на податоци треба да се даде само на индивидуални оператори за кибер-безбедност на критични инфраструктури наместо на централизиран систем.

„Ново општество на Макао“ исто така го искритикува предлогот дека е драконски, бидејќи ја потенцира само одговорноста на граѓаните и бизнис секторите а не дефинира никакви механизми за јавноста да врши мониторинг и да ја урамнотежува моќта на полицијата за кибер-безбедност да спречува злоупотреби.

Политичкиот активист Џејсон Чао смета дека штом се усвои, законот за кибер-безбедност ќе даде зелено светло за „правната рамка за масовен надзор“.

Чао посочува дека со тоа што полицијата за кибер-безбедност ќе се овласти да врши мониторинг на бинарните кодови на интернет, протокот на податоци и пакет-форматите на податоци, полицијата ќе има преголема моќ за пресретнување на комуникациските податоци.

Чао мисли дека понатамошното проширување на моќта на полицијата може да ги поткопа привилегиите на новинарите кога станува збор за заштитата на изворите на информациите, при што посочува дека медиумите се дефинирани како едни од 11-те критични инфраструктури.

Како туристички град, во Макао се издале 1,38 милиони припејд СИМ картички кои се продаваат во автомати и мали продавници. Со имплементацијата на законот за регистрација со вистинското име, туристите ќе мора да го регистрираат својот идентитет при купувањето на СИМ картичка. Чао истакна дека новиот закон нема само да влијае на локалните жители на Макаo туку и на туристите.

По завршувањето на процесот на консултирање, владата ќе изготви предлог-закон за понатамошно разгледување.


„Е-општество“: Ни треба слободата за да си ја заштитиме приватноста


Скопје, 22 ноември, 2017 - 14:03 (META) 

Реформите во медиумската сфера мора да се направат професионално, преку дебата, а посебна регулација е потребна за интернет-порталите за да се избегнат злоупотреби, е заклучокот од конференцијата „Е-општество“ на тема „Слобода и приватност“, организирана од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, смета дека интернет-порталите се дел од проблемите во медиумската сфера затоа што зад одредени портали не се знае кој стои и нивните сопственици се офшор-компании.

Како посебен проблем во медиумската сфера, Манчевски го истакна феноменот на лажни вести.

– Младите од Велес се израснати во општество на лажни вести. Не можеме ние како држава или влада сами да се справиме со овој проблем туку требa соработка на глобално ниво. Тука постои и етички проблем во поглед на тоа до каде оди нивото на регулација на медиумите, дали ќе навлеземе во нечија приватност или дали ќе има цензура. Отворени сме за соработка и за дијалог – рече Манчевски.

Фани Каранфилова-Пановска, извршната директорка на Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија, нагласи дека без граѓанско општество, кое ќе биде стручен и објективен критичар на власта, нема да се реализира тоа што е потребно.

– Се поставува прашање дали е можна слободата без сериозна заштита на приватноста. Дали екстремната заштита на приватноста значи и ограничување на слободата? Според мене, слободата е поважна од приватноста, затоа што ми треба слободата за да си ја заштитам приватноста – рече Каранфилова-Пановска.

Програмскиот директор на Фондацијата „Метаморфозис“, Филип Стојановски, смета дека реформите во медиумите се многу важни затоа што тие се четвртата власт во општеството, која ги држи отчетни сите други.

Во Македонија сите слободи и права се загарантирани со Уставот, рече Драгица Љубеска од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

– Не е забрането да се известува за говор на омраза, туку е забрането медиумите да бидат извор на говор на омраза – вели Љубеска.

Важно е да нема преголема регулација во медиумскиот сектор затоа што таа може негативно да влијае и да ја наруши кревката состојба со слободата на изразување, истакна Иван Брешковски од ЗНМ.

– Ако судиите се водат од праксата на Европскиот суд за човекови права, доколку е нанесена штета, не е битно каде таа е нанесена и дали станува збор за интернет-медиум – додаде Брешковски.

Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми, вели дека успех би било ако во првата фаза од реформите се добие вистинско регулаторно тело, кое ќе биде единствен суверен орган во радиодифузијата што ќе применува вистински политики за пазарот да се сведе на својата вистинска димензија.

– Проблемите произлегуваат од тоа што има презаситеност на пазарот, имаме слаба економија, а имаме медиумска сцена како да сме 100 милиони народ. Ние како општество треба да одлучиме како да го зачуваме новинарството што истражува длабоко и ја зборува вистината – рече Георгиевски.


Конференција „Е-општество“ во организација на „Метаморфозис“ се одржува во Скопје


Скопје, 22 ноември, 2017 - 9:29 (META) 

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ денеска 13. пат ја организира меѓународната конференција „Е-општество“, која оваа година ќе биде на тема „Слобода и приватност“, со особен фокус на реформите во областа на медиумите.

Конференцијата ќе се одржи во хотелот „Холидеј ин“, со почеток од 10 часот.

На настанот, во четири одделни сесии ќе дебатираат и ќе дискутираат дваесетина претставници на институциите, медиумските организации и на граѓанскиот сектор, со крајна цел – да придонесат за зајакнување на јавната свест за реформските приоритети и за предизвиците во медиумската сфера. Учествуваат претставници на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ЗНМ, ЦРМ, ДЗЛП, Асоцијацијата „Зенит“, „Евротинк“, на кабинетот на министерот задолжен за комуникации, отчетност и за транспарентност, Советот за етика во медиумите, Здружението на обвинители, Здружението на судии и, секако, на Фондацијата „Метаморфозис“.

На отворањето воведен збор ќе дадат министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, извршната директорка на Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија, Фани Каранфиловска-Пановска, како и претставничката на управниот одбор на „Метаморфозис“, Радмила Живановиќ.

Според извршниот директор на „Метаморфозис“, Бардил Јашари, „Е-општество“ е конференција која е замислена како заеднички простор за вмрежување и за споделување искуства, но и можност за информативна јавна дебата, како основен услов за меѓусебна комуникација помеѓу носителите на одлуки, невладините организации и медиумите.

– На крајот, конференцијата ќе остави можност за креирање коалиција на граѓански организации и на медиуми за надзор и за застапување на исполнувањето на реформите – вели Јашари.


Конгресот на САД ја поништи регулацијата за приватност на интернет


Вашингтон, 29 март, 2017 - 10:53 (META) 

Претставничкиот дом на американскиот конгрес ги отфрли правилата за приватност на интернет, со што им се овозможи на интернет-провајдерите да ги продаваат податоците на корисниците на трети лица.

За поништување на предлог-регулацијата што ја воспостави Комисијата за федерална комуникација во октомври, за време на претседателот Барак Обама, гласаа 215 конгресмени, додека 205 беа против.

Претходно предлогот во Сенатот мина со 50 гласа „за“ и со 48 гласа „против“.


„Мосак Фонсека“: Ова е меѓународна кампања против приватноста


Панама, 4 април, 2016 - 17:43 (META) 

Претставник на адвокатската компанија „Мосак Фонсека“ чии документи под името „Панама пејперс“ беа објавени во јавноста, вели дека објавувањето на тие материјали е криминал и напад на Панама.

– Тоа е криминал, кривично дело – изјави еден од основачите на компанијата, Рамон Фонсека, додавајќи дека тоа е напад на Панама затоа што на некои земји не им се допаѓа успехот што компанијата го има во привлекувањето клиенти.

– Ние сме компанија која никогаш формално не била обвинета за што било во своите речиси 40 години активност. Ние сме посветени на работата со легални структури, кои потоа ги продававме на посредници, како што се банки, адвокати и сметководители, а ние немаме никаква контрола над нивната работа. Ние не сме одговорни за тоа како тие ги воделе тие структури – прецизираше Фонсека.

Фонсека тврди дека нивниот систем бил хакиран во ограничен обем и дека тие не знаат што точно се случило и дека се во фаза на истражување.

– Целосно го затворивме системот и сега сме заштитени – вели Фонсека. Тој е уверен дека во случајот „Панама пејперс“ се работи за меѓународна кампања насочена против приватноста.

– Приватноста е свето човечко право. Постојат луѓе кои тоа не го разбираат. Ние веруваме во приватноста – рече еден од сопствениците на адвокатската фирма, која се наоѓа во центарот на скандалот.


„Е-општество“: Мора да има рамнотежа меѓу слободата на изразување и правото на приватност


Скопје, 10 декември, 2015 - 13:11 (META) 

Треба да се постигне рамнотежа меѓу слободата на изразување и правото на приватност, е заклучокот од денешната единаесетта меѓународна конференција „Е-општество“, посветена на слободата и на приватноста на интернет, во организација на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и на Меѓународниот институт за човекови права и мир од Каен, Франција.

Амбасадорката на Франција во Македонија, Лоренс Оер, вели дека интернетот е нов начин на дијалог и на информирање, но претставува и своевиден ризик кога терористите го користат како алатка за дискусија.

– Сведоци сме на доближување на границата помеѓу виртуелното и реалното. Медиумите се првиот вектор за информирање на граѓаните, а во овие шест месеци до избори тие треба да се трудат да информираат реално и објективно и да се чувствуваат супериорно во однос на политичките партии – вели Оер.

Вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими, рече дека светот пред и по интернетот не е ист и тој овозможува правото на говор да биде послободно, а дека социјалните мрежи влијаат врз демократските процеси.

Интернетот дава и придонесува за слободата на изразување и тој претставува одличен извор на информации. Затоа важно е тој да биде заштитен, смета Жонас Боша, директор на Меѓународниот институт за човекови права и мир.

Бардил Јашари, директорот на Фондацијата „Метаморфозис“, вели дека клучно е да се најде рамнотежа помеѓу слободата на изразување и правото на приватност.

– Интернетот треба да биде слободен, а граѓаните на Македонија треба да можат слободно да се изразуват. Во име на сигурноста и на безбедноста, директно се загрозува слободата на изразување и слободата на интернетот. Треба да најдеме начин како интернетот да остане слободен, а правото на приватност на граѓаните да биде обезбедено. Интернетот мора да биде ослободен од говорот на омраза – додава Јашари.


„Анонимуси“ со поддршка на новата енкриптирана социјална мрежа


Њујорк, 17 јуни, 2015 - 20:41 (META) 

На интернет се појави нова социјална мрежа, која ветува поголема транспарентност, безбедност и приватност од „Фејсбук“ и од другите социјални мрежи, пренесуваат светските медиуми.

На прв поглед „Мајндс.ком“ (Minds.com) изгледа како и сите останати социјални мрежи, но главната разлика е во она што е во заднина. „Мајндс“ не е фокусирана на профит од собраните податоци, туку нејзината цел е сосема спротивна, односно, да ги енкриптира сите пораки и да ги направи недостапни за владините агенции или огласувачите.

Социјалната мрежа, исто така, ќе ги наградува своите корисници за поставените содржини и за нивната интеракција, односно колку што се корисниците поактивни, толку содржините што ги поставуваат ќе бидат повеќе промовирани на мрежата.

Содржината ќе се одржува со транспарентен алгоритам, за разлика од методот на „Фејсбук“, кој во голема мера сè уште е мистерија.

Во прилог, „Мајндс“ е целосно отворен извор, кој дозволува секој да придонесе за дизајнот и за одржувањето на мрежата.

Моделот на мрежата го привлекол вниманието на активистите од групата „Анонимуси“, кои повикуваат програмери и дизајнери да помогнат во развојот на „Мајндс“.

Интернет -страницата, пред формалниот почеток, кој се случил во понеденикот, собрал околу 60 милиони посети, а најмногу од нив биле од луѓе заинтересирани за алтернативни медиуми, како интернет-слобода и граѓанско новинарство.