Познати се најчестите лозинки во светот – потребно е помалку од една секунда за да се пробијат

Различните платформи можат да влијаат на навиките за поставување лозинки. Така, четврта најчеста лозинка за сајтовите за е-трговија, како „Амазон,“ е „amazon“. Еден од најчестите пасворди за стриминг-платформите, пак, е „netflix“

Photo by Volodymyr Kondriianenko on Unsplash

Компанијата „NordPass“ (Нордпас), која им помага на корисниците да генерираат лозинки и да ги чуваат безбедни, неделава ја објави својата годишна листа на 200 вообичаени и најчести лозинки во светот.

За време на прибирањето на податоците, „Нордпас“ соработувала со независни истражувачи кои анализирале 4,3 терабајти податоци земени од јавно достапни извори. Компанијата соопшти оти не биле земени лични податоци за време на процесот.

Анализирајќи ги податоците од 35 земји и осум различни типови на платформи и социјални мрежи, компанијата открива дека најчестите лозинки, често се составени од низи од броеви.

Најчестата лозинка во 2022 година била „password“, а биле избројани речиси 5 милиони корисници во светот што ја користат. Следна најчеста лозинка минатата година била „123456“, по што следува „123456789“.

За сите овие лозинки е потребно помалку од една секунда за да бидат пробиени, покажува табелата на „Нордпас“.

На четврто место по вообичаеност е лозинката „guest“, а потоа „qwerty“ и „12345678“.

Компанијата забележува дека различните платформи можат да влијаат на навиките за поставување лозинки. Така, четврта најчеста лозинка за сајтовите за е-трговија, како „Амазон“, е „amazon“.

Кога станува збор за стриминг платформите, една од најчестите лозинки е „netflix“. Веб-страниците за стриминг имаат најмалку безбедни лозинки во споредба со другите страници, вели „Нордпас“.

Трендовите во овогодишниот извештај не се разликуваат од претходните. Лозинките како „12345“ и „password“ секоја година се меѓу најчестите.

Компанијата вели дека технологијата се развива, така што лозинките сè потешко се пробиваат, но малициозните софтвери сè уште се закана. „Нордпас“ препорачува создавање силни лозинки кои имаат 20 карактери и се составени од извешани големи и мали букви. Исто така, се препорачува да не се користат родендени или други лесно предвидливи информации, како и да се користат различни лозинки на различни платформи.