fbpx

Недела на приватноста: Недостиг на капацитети за успешна имплементација на Законот за заштита на лични податоци

-

На третиот ден од регионалната конференција „Недела на приватноста“ 2023 која се одржува во Белград, на панел дискусијата посветена на заштита на приватноста и личните податоци при користење на електронски уреди насловена „Разгледувања за приватност во услови на имплементација на дигиталната агенда во Западен Балкан“ која беше организирана во соработка со Фондацијата Метаморфозис, Опен дата – Косово и со поддршка од Европската Унија (ЕУ), своите увидувања ги споделија неколку експерти и познавачи на темата.

На панелот дискутираа д-р Катрин Најман-Металф, виш правен експерт на Естонската академија за е-управување – онлајн учество, Весна Радиновска, менаџер на проекти во Фондација Метаморфозис од Северна Македонија, Ариана Јули, координатор на проекти во Опен дата – Косово, Анжеза Деришај, команден директор на Секторска истрага и безбедност на податоците од Албанија, Жељко Рутовиќ од црногорската Агенција за заштита на лични податоци и слободен пристап до информации и Урош Мисљеновиќ, програмски службеник во Партнери – Србија.

Во однос на тоа што прави Владата во Северна Македонија во врска со Законот за заштита на личните податоци, Весна Радиновска рече дека Фондацијата Метаморфозис спроведе истражување со кое се идентификувани 50 е-сервиси обезбедени од 25 институции.

„Развивме методологија за проценка на нивното имплементирање на Законот за заштита на личните податоци, развивме сет од 19 индикатори поделени во три групи. Првата група е достапност на владини услуги, втората е транспарентност при процесирањето на личните информации и третата е проценка на техничките и организационите мерки кои се имплементирани за заштита на личните податоци. Според овие методологии имавме две проценки. Едната беше во март 2022, а втората во август, со цел да ги следиме трендовите во регионот. Е-услугите добиваа оценки од 0 до 19 со цел да се измери критериумот кој го исполнуваат. Во март средната оценка која ја добија е-услугите беше 7,7 од 19, што е доста ниска оцена имајќи предвид дека Законот за заштита на личните податоци беше усвоен две години пред нашето истражување“, рече Радиновска.

Таа истакна дека при истото мерење кое е направено во август не бил забележан значителен напредок.

„Некои институции се подобрија, но повеќето не и резултатите сè уште не се задоволувачки“, рече Радиновска.

Според неа, во Северна Македонија има многу организации кои работат во оваа област, но самите институции имаат свои проблеми кои ги спречуваат да ја стават заштитата на личните податоци како приоритет.

„Институциите имаат недостиг од технички, физички и финансиски капацитети. И офицерите за заштита на лични податоци кои се потребни за секоја државна институција немаат време за да бидат целосно посветени на нивната улога како офицери за заштита на личните податоци. Имаат и други работни обврски, но секој се труди да даде сè од себе“, истакна Радиновска.

Таа додаде дека, и покрај забележаните недостатоци, досега не се забележани некои поголеми пропусти на „истекување“ на лични податоци.

„Фондацијата Метаморфозис обезбедува поддршка за институциите во вид на обуки за офицерите за заштита на личните податоци и службениците од ИТ секторите со цел да ја усогласат нивната работа според законот за заштита на лични податоци и се надеваме дека недостатоците набргу ќе бидат надминати. И институциите се многу заинтересирани да се подобрат. Но, како што реков, институциите а и ние како општество имаме и други егзистенционални проблеми, енергетска криза, инфлација, последици од ковид кризата. Исто така имаме проблем и со една соседна земја“, заклучи Радиновска.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...