Мора да се гради култура за заштита на личните податоци и инклузивен дигитален екосистем

Фото: Мета.мк

Не е доволен само модерен закон, туку и ние како граѓани треба да се заштитиме себеси и својата приватност и да не објавуваме сè, истакна Елвис Али од Делегацијата на Европската Унија, отворајќи го почетниот настан на проектот „Техничка и интегрирана заштита на личните податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“, кој од денеска со финансиска поддршка на ЕУ во земјава го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и Здружението „Конект“.

Али истовремено изрази надеж дека наскоро ќе се реши проблемот со недоволна екипираност на Агенцијата за заштита на личните податоци, повторувајќи дека во нејзината работа во вакви отежнати околности навистина голема помош може да ѝ дадат граѓанските организации.

Претставувајќи ги активностите што следат, Весна Радиновска, проектен координатор во фондацијата „Метаморфозис“ истакна дека се предвидени низа активности, во кои главно предничи едукацијата на посебни целни групи, почнувајќи од институциите, потоа контролорите за лични податоци, граѓанските организации и медиумите. Главната цел е подигање на свеста кај граѓаните за тоа како и кои податоци може да се споделуваат, како да се побараат измени или бришење на податоците на граѓаните за да се заштити нивната приватност и интегритет, како едно од темелните човекови права.

Примарната цел на проектот е всушност да се изгради култура на заштитата на личните податоци и подигање на јавната свест, нагласи таа.

„За да функционираме како луѓе, имаме ситуации кога треба да ги споделуваме личните податоци, а некогаш и немаме избор, туку тоа мора да го направиме за да добиеме некоја услуга, да оствариме некое право или да комуницираме. Проблемот не е кога тие податоци правилно се чуваат и обработуваат, туку кога тие ќе паднат во погрешни раце, што може да донесе големи последици по нас и по нашето физичко и ментално здравје. Затоа е најбитно да сфаќаме дека, покрај постоечките инструменти, крајната контрола ја имаме ние – треба да бидеме внимателни што објавуваме и што споделуваме“, истакна Радиновска.

Никица Кусиникова од здружението „Конект“ рече дека во нивниот опсег на проектот ќе се посветат на поголема едукација на бизнис заедницата за почитувањето на приватноста и личните податоци на корисниците, бидејќи секојдневно граѓаните се поврзани со компании, како оние од телекомуникацискиот сектор, на пример, кои секодневно обработуваат лични податоци.

„Оваа тема е многу значајна за компаниите, кои треба да бидат активен чинител. Не е во прашање само регулативата, туку и нивната одговорност за почитување на човековите права на нивните клиенти. Туку се и телекомуникациите, струја, вода, банкарските услуги, работи што се клучни и каде секојдневно се обработуваат лични податоци. Нивните услуги и прозиводи мора од самиот почеток да го имаат вградено концептот на човековите права, на заштита на личните податоци, наместо тоа да се прави подоцна“, истакна Кусиникова.

Таа нагласи дека „Концепт“ во својата работа со компаниите ќе ја вклучи и темата за вештачката интелигенција како феномен што е веќе присутен – и ќе игра сè поголема улога во работењето на компаниите и обработката на личните податоци.

Објаснувајќи ја работата на Агенцијата за заштита на личните податоци и примената на новиот закон за заштита на личните податоци, кој е на сила од август 2021 година, а е целосно усогласен со законот на ЕУ за заштита на личните податоци и приватноста (GDPR), Емилија Гиноска од Одделението за меѓународна соработка, советување и односи со јавноста при Агенцијата, истакна дека во нивната работа со граѓаните кои се интересираат за своите права или поднесуваат приговори за разни случаи, интересно е што голем дел од приговорите се за безбедносните камери.

„Ние на нашата веб-страница објавивме и различни правилници и појаснувања, па објавивме и правилник и за видео надзорот. Затоа што од сите претставки што ги добиваме, 60 отсто се за социјалните мрежи, а останатиоте се за видеонадзор во домашни услови. Граѓаните се интересираат за нивните права и ние се обидуваме и да ги едуцираме, но и вршиме супервизија во случаи кога има претставки“, истакна Гиноска.

Таа објасни дека новиот закон за лични податоци ги опфаќа како посебна тема личните податоци и на децата, што е посебно важно затоа што, како што рече, деца од 6-7 години со профили со лажно наведена поголема возраст, се присутни постојано на социјалните мрежи; а притоа освен класичните примери на опасност, некогаш може да нанесат и поголеми штети кога потпаѓаат под влијание на измамници.

„Сме имале и примери кога ни се обраќале родители чии деца на 6-7 години потпаднале под влијание на измамници на социјалните мрежи, па споделувале податоци од нивните родители кои може да помогнат да се дојде до нивни финансиски податоци или дури и финансиски податоци, поради што имало и директни финансиски штети“, појасни таа.

Гиноска истакна дека сајтот на агенцијата содржи и опширен дел со прашања и одговори каде граѓаните може да се информираат за нивните можности во заштита на нивните лични податоци и за барањата за бришење или менување на нивните лични податоци.

Во рамките на проектот, во наредниот период ќе се спроведат повеќе настани со кои, покрај другите наведени чинители, и граѓаните ќе може директно да се информираат за заштитата на нивните лични податоци, нагласи Мила Јосифовска – Даниловска од „Метаморфозис“, која ја модерираше денешната панел-дискусија.