Казна од 5 милиони евра за ТикТок во Франција

фото: Solen Feyissa на Unsplash

Француската управа за заштита на податоци ја казни кинеската платформа за споделување видеа „ТикТок“ со 5 милиони евра, поради кршење на приватноста на корисниците, јави Ројтерс.

Во соопштението на управата пишува дека корисниците на ТикТок.ком не можеле да ги одбијат колачињата толку лесно како што ги прифаќаат и не биле информирани на доволно прецизен начин за целите на различни колачиња.

Истрагата се фокусирала на интернет-страницата на ТикТок, а не на нејзината мобилна апликација.

Од ТикТок одговорија дека наодите се однесуваат на практики од минатото и дека компанијата сега го олеснува отфрлањето на колачињата и обезбедува дополнителни информации за целите на одредени колачиња.

Според правилата на Европската Унија (ЕУ), интернет-страниците мора јасно да побараат претходна согласност од корисниците за каква било употреба на колачиња.

Францускиот орган, повикувајќи се на правилата во ЕУ, во изминатите години ги казни Амазон, Гугл и Фејсбук, а казна минатата недела доби и Епл.

Според „Политико“, казната во Франција доаѓа во деликатно време за ТикТок. Претходно неделава неколку европски комесари го предупредија извршниот директор на компанијата да ги почитува законите на ЕУ и да работи на „повторно стекнување доверба кај европските регулатори“. Во моментов во ЕУ во тек се уште две истраги поврзани со ТикТок, предводени од ирскиот регулатор за заштита на податоците – едната за безбедноста на децата, а другата за пренос на податоци во Кина.