„Заедно за заштита на личните податоци“ утре во Europe House

Настанот „Заедно за заштита на личните податоци“ ќе се одржи утре со почеток во 10 часот во Europe House, а е во организација на Делегацијата на Европската Унија заедно со Фондација Метаморфозис, Агенцијата за заштита на лични податоци и Центарот за правни истражувања и анализи.

Настанот се организира по повод 28 јануари, Европскиот ден на заштита на личните податоци, кога се одбележува годишнината од донесувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на личните податоци.

„Заштитата на личните податоци е гарантирана и со Уставот на Република Северна Македонија, а во февруари 2020 година беше донесен нов Закон за заштита на лични податоци. Целта на овој закон, покрај усогласување на националното законодавство со Општата регулатива за заштита на личните податоци (GDPR) на Европската Унија, беше и да одговори на предизвиците предизвикани од зголемената употреба на дигитални алатки во обработката на личните податоци. И покрај тоа што од донесувањето на Законот поминаа речиси 3 години, многумина сè уште не се свесни за правата кои тој ги гарантира. Ова наложува потреба од унапредување на правната и институционалната рамка за да може да обезбеди правично собирање, користење, обработка и чување на личните податоци од контролорите на лични податоци, што ќе доведе до поголема заштита на човековите права во дигиталната ера“, велат од Фондација Метаморфозис.

Настанот ќе може да се проследи и онлајн преку овој линк.