!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Џафери: Обврска на партиите е да најдат консензус за нов датум за локалните избори


Скопје, 12 мај, 2017 - 15:34 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на брифинг со новинари истакна дека политичките партии мораат да најдат заедничко решение и да се договорат за нов датум за одржување на локалните избори, пред тој да свика седница на која ќе се измени Изборниот законик.

Иако претходно Џафери рече дека на првата наредна седница ќе се формира владата, тој сега додаде дека треба паралелно да се работи на наоѓање решение за локалните избори. Според Џафери, доколку има политички консензус, целата процедура може да се заврши за еден ден.

– Јас, како претседател на Собранието, не можам самоиницијативно да ги распишам локалните избори. Комуницирав со лидерите на партиите, со Зоран Заев, Али Ахмети и со претставник на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи не успеав директно со лидерот Никола Груевски, и ги запознав со процедурите. Сега, обврска на политичките партии е да најдат консензус и откако ќе се договараат, да го известат Собранието за да може да почнат процедурите. Датумот за избори треба да го договорат партиите и да внимаваат на рокот зашто од распишувањето на изборите до нивното одржување треба да поминат 70 дена. Прашањето се решава со сеопфатен договор, но тоа не значи дека ако една партија не се согласи, треба да се блокира целиот процес. Изборниот законик не може да се измени ако не се усогласи датумот. Партиите нека не се впуштат во условување на една власт кон друга затоа што ако тоа се случи, ќе има целосна блокада на локалната самоуправа – рече Џафери.

Според новоизбраниот претседател на Собранието, треба да се формира анкетна комисија за расчистување на настаните на 27 април, но, како што истакна, тоа не е негова надлежност туку на пратеничките групи.

– Јас сметам дека тоа би требало да се направи затоа што покрај материјалната штета што е направена на Собранието, направена е и политичка штета. Неминовно е дека треба да се почне процедура за политичка одговорност на вмешаните пратеници за да се спречи во иднина некој друг да се скрие во костумот на пратеник и да направи слично дело – нагласи Џафери.

За седницата на која треба да се гласа новата влада, Џафери рече дека роковите течат откако ќе се добие мандатот. Претседатело на Собранието појасни и дека 15 дена по добивањето на мандатот, тој треба да свика седница, која, пак, треба да заврши во рок од 48 часа.

– На 19 мај истекува рокот на Иванов и не можам ништо да преземам додека не истече тој рок. Јас не го молам Иванов туку чекам да поминат законските рокови. Но, формално-правно, нема пречка да се избере влада без да се додели мандатот – вели Џафери.

Новоизбраниот претседал на Собранието додаде дека в понеделник ќе свика координација на претставниците на политичките партии во Собранието и дека потоа ќе се одлучи кога ќе се продолжи конститутивната седница и по кој тек таа ќе се одвива.

Ова беше прва официјална средба на претседателот на Собранието со новинарите, а присуствуваа голем број претставници на медиумите. Претходно, во Собранието, Џафери се сретна со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во земјава.


Џафери – Река: Стабилноста во Македонија е важна за стабилноста на Западен Балкан


Скопје, 10 мај, 2017 - 14:10 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска се сретна со амбасадорот на Албанија во земјава, Фатос Река, со кого се согласил дека секоја идеја за меѓудржавни, меѓуетнички и меѓунационални конфликти однапред е осудена како неуспешен проект, информираат од кабинетот на Џафери.

„Амбасадорот Река ја подвлече неопходноста од задржување на континуитетот на добрите и пријателски односи на двете држави во иднина, а дека на внатрешен план, Република Албанија и понатаму ќе посветува особено внимание на планот на државната политика на обезбедување уставни и законски гаранции за статусот на македонското и на сите други малцинства во Република Албанија. Претседателот на Собранието, Џафери, изрази уверување дека пријателските меѓудржавни односи и понатаму ќе продолжат со интензивно темпо, а особено се заблагодари на поддршката за НАТО-интеграцијата на Република Македонија, поддршка која доаѓа од држава непосреден сосед, што во овој сензитивен период за целиот регион високо се почитува и е повеќе од добредојдена“, се вели во соопштението.

Џафери и Река размениле мислења и за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што констатирале дека стабилноста во Македонија е важен сегмент од севкупната стабилност на регионот на Западен Балкан.


ВМРО-ДПМНЕ: Џафери, надвор од Рамковниот, сака да ги води седниците на албански јазик


Скопје, 8 мај, 2017 - 9:32 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ во денешното утринско соопштение повторно го обвини СДСМ дека продолжува да работи спротивно на волјата на народот, со, како што велат од партијата, обидот нелегално да се избере претседател на Собранието на Република Македонија.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека „нелегалниот претседател на Собранието уште првиот работен ден во својот кабинет постави албанско знаме и кабинетот го претвори во штаб на неговата партија“ и дека најавил оти седниците ќе ги води на албански јазик, „со тоа што Собранието на Република Македонија ќе стане трет парламент во регионот каде седниците ќе се водат на албански јазик“.

„Сето ова е надвор од Охридскиот рамковен договор, каде што јасно се наведува дека пратениците можат да се обраќаат на својот мајчин јазик, доколку истиот го говорат повеќе од 20 отсто од населението бидејќи тоа е индивидуално право, но кога се води седница, тоа е чин од позиција на претседател на Собрание и во име на институцијата што ја претставува и затоа единствен службен и официјален јазик е македонски“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, во кое се додава дека „молкот на СДС е доказ дека почнува реализацијата на неуставната тиранска платформа“.


Вељаноски на „Фејсбук“: Немаше никакво примопредавање на функцијата на Џафери


Скопје, 5 мај, 2017 - 16:28 (META) 

Досегашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, кој беше и претседавач со конститутивната седница по изборите, на својата фејсбук-страница напиша дека немало примопредавање на функцијата помеѓу него и новоизбраниот претседател, Талат Џафери.

„Не, немаше никакво примопредавање на нелегитимно и неуставно избран претседател на Собранието“, напиша Вељаноски, како коментар на споделеното соопштение од Собранието за првиот работен ден на Џафери како претседател на законодавниот дом.

Вељаноски беше претседател на Собранието речиси осум години. Тој на функцијата стапи на 21 јуни 2008 година по одржаните парламентарни избори и како претседател на законодавниот дом се води сè до 30 декември 2016 година, кога се одржа првото продолжение на конститутивната седница.

Тој изминатите два месеци ја имаше улогата претседавач со Собранието, сè до изборот на Талат Џафери на 27 април, кога група граѓани насилно упаднаа во Собранието и повредија неколку пратеници и новинари.


Ахмети: Постои можност за поттикнување немири во земјава за геополитички интереси


Скопје, 5 мај, 2017 - 12:38 (META) 

Новата реформска влада ќе се формира наскоро, а новоименуваниот претседател на Собранието го врши својот дел од обврските за да се олесни и да се забрза овој процес, истакнал лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на синоќешната средба со специјалниот претставник на претседавачот на ОБСЕ, амбасадорот Кристијан Штрохал, и со амбасадорката на ОБСЕ во Македонија, Нина Суомалаинен.

Ахмети и Штрохал разговарале за политичката ситуација во земјава по настаните во Собранието од 27 април. Во тој контекст, лидерот на ДУИ ѝ се заблагодарил на мисијата на ОБСЕ во Македонија за постојаниот контакт со пратениците во текот на насилствата во Собранието.

Ахмети, како што соопштуваат од ДУИ, на средбата зборувал за приоритетите на новата влада, како реформите во судството, евроатланската интеграција, Охридскиот рамковен договор, добрите меѓуетнички и соседски односи, како и за отварањето нови работни места.

Истовремено, лидерот на партијата изразил загриженост за „можноста за поттикнување немири во земјата за геополитички интереси“ и побарал од меѓународната заедница своето внимание да го фокусира кон случувања во земјава и во регионот.


Џафери: Државното знаме е на вистинското место од институционален аспект


Брисел, 4 мај, 2017 - 15:28 (META) 

„Мислам дека никој не треба да се чувствува загрозен од знамето, бидејќи тоа се наши симболи, на припадноста, а од институционален аспект мислам дека државното знаме се наоѓа на вистинското место, каде што припаѓа, и сите ние се идентификуваме со тоа кога сме носители на функција“, вели новиот претседател на Собранието, Талат Џафери, во интервју за „Нова ТВ“, одговарајќи на големиот број реакции во јавноста на поставувањето на албанското знаме заедно со државното и со тоа на ЕУ на работната маса во неговиот кабинет.

Тој додава дека ги разбира сите реакции, но по случувањата на 27 април, смета дека дека сите треба да разбереме дека „ни знамето ни политичките програми на политичките партии на Албанците не се тие што влијаат врз политичкиот живот во Македонија, бидејќи се во согласност со Уставот и со законите и со ништо не се загрозуваат“.


Груевски на „Фејсбук“: Изборот на Џафери за спикер е диктаторски акт


Скопје, 3 мај, 2017 - 16:36 (META) 

Талат Џафери влезе во кабинетот на претседателот на Собранието со брутално кршење на Уставот, законот и на деловникот на Собранието и сè што во иднина би се донело со негово учество, потпис ќе биде плод на диктаторски акт за назначување претседател на Собранието, напиша денеска на „Фејсбук“ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Во демократско општество, владеењето на мнозинството доколку не се заснова врз начелото на владеење на правото, всушност, преставува и се нарекува „диктатура“. Ниедна демократска влада во светот не смее да биде избрана со кршење на начелото на владеење на правото. Тоа на самиот почеток претставува диктатура. Многу диктаторски влади биле признати од демократски системи, од една или друга причина. Тоа нема да ја смени сликата. Ниту, пак, дека имале мнозинство, за кое немаше ниту запис, броење, стенограм и слично, за противзаконскиот и противуставен акт“, напиша Груевски на својот фејсбук-профил.


Велика Британија го поддржа изборот на Џафери, бара ненасилен трансфер на власта


Лондон, 3 мај, 2017 - 11:30 (META) 

Портпаролката на канцеларијата за надворешни работи на Велика Британија го поздрави изборот на нов претседател на Собранието на РМ и апелира за непречен и ненасилен трансфер на власта на избраната мнозинска коалиција.

„Обединетото Кралство ја поддржува демократската одлука на мнозинството пратеници во Македонија да го изберат Талат Џафери за претседател на Собранието. Подготвени сме за претстојната соработка со него. Ги повикуваме сите лица, институции и партии да овозможат непречен и ненасилен трансфер на власта од претходната владејачка партија кон мнозинската коалиција избрана во декември 2016 година. Колку побргу се формира влада, толку побргу ќе може да почне спроведувањето на итните реформи за доброто на граѓаните на Македонија. Во време на засилени тензии, сите лидери треба да се воздржат од загревање на етничките тензии. Секое такво однесување е опасно и спротивно на интересите на националното единство на Македонија“, се вели во изјавата.

Оттаму апелираат да им биде овозможено на државните институции, особено на полицијата, да ги извршуваат своите обврски без политичко влијание.


ВМРО-ДПМНЕ бара СДСМ да го повлече Џафери, а не да бара мандат за влада од Иванов


Скопје, 2 мај, 2017 - 10:03 (META) 

Позиците на двете партии, според нивните редовни утрински соопштенија, еден ден по разговорите со заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија на САД, Хојт Брајан Ји, остануваат непроменети. ВМРО-ДПМНЕ смета дека Талат Џафери е избран за претседател на Собранието надвор од сите процедури и на незаконски начин, додека од СДСМ нагласуваат дека тој е „новиот легитимен претседател на Собранието“.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ваквиот преседан на СДСМ отвора можност во иднина „на незаконски начин да се повтори ваквата процедура и на ваков начин да се гласа двојазичноста, албанските банкноти, двојазични униформи, геноцидот и сите елементи од тиранската платформа“.

„Тоа е суспендирање на правниот систем на државата. ВМРО-ДПМНЕ не поддржува физичко насилство, но во исто време го осудува и политичкото насилство што го направи СДС врз институциите, деловникот, законите и Уставот. Народот бара СДС да ја отфрли тиранската платформа и да го повлече претседателот на Собрание кој беше избран спротивно на деловникот на Собранието на Република Македонија. Граѓаните на Република Македонија бараат законите и процедурите да важат за сите и никој да не се осмели да ги прекрши или заобиколи“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак, нагласуваат дека по изборот на претседател на Собранието, парламентарното мнозинство има одговорност да ја формира новата влада и дека тоа го очекува целата домашна и меѓународна јавност.

Оттаму велат дека досегашниот претседавач, Трајко Вељаноски, нема право за „личните интереси на Никола Груевски да ја усложнува политичката ситуација и да го окупира противуставно и неделовнички кабинетот на претседателот на Собранието“.

„Нов собраниски претседател е Талат Џафери, со кого, како што соошти заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија на САД, Хојт Брајан Ји, ќе работат и САД, а и ЕУ, НАТО и официјален Берлин. Новиот легитимен претседател на Собранието ќе испрати известување до Ѓорге Иванов дека е формирано демократско легитимино мнозинство и дека Иванов е должен да го додели мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за формирање влада“, стои во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека на Иванов ќе му биде предочено дека постои програма на новата реформска влада што во целост ја гарантира унитарноста на Македонија.

Од партијата нагласуваат дека крвавото насилство во парламентот, кога беше направен „кукавички обид за убиство на пратеници и насилство врз новинари и вработени во Собранието, мора да се истражи до крај и нарачателите и извршителите да понесат одговорност“ и дека Груевски, Иванов, Вељаноски и Чавков не смеат да го повторат насилството ниту повеќе да ги вознемируваат граѓаните со лаги и со нелогични барања за избори.


Ахмети со Хојт Ји: Џафери е избран на легитимен начин и има поддршка од САД и ЕУ


Скопје, 30 април, 2017 - 18:07 (META) 

Поддршката на САД и на ЕУ за новиот собраниски спикер, Талат Џафери, кој беше избран на легитимен начин, значи дека Трајко Вељаноски повеќе не е претседавач на Собранието, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во изјава за медиумите по средбата со заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија во Стејт департментот, Хојт Брајан Ји, која денеска попладне се одржа во резиденцијата на заменик-амбасадорот.

– По сè ова што се случи во парламентот, крајно време е сите да се свестат дека земјата оди во негативен правец и да се прифати новата реалност, односно новиот претседател на Собранието – рече Ахмети, додавајќи дека изборот на Талат Џафери е направен на легитимен начин.

Ахмети нагласи дека ДУИ е решена да продолжи со процесот на конституирање на новата влада.

За повлекувањето од функцијата кое го најави министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, поради моралната одговорност што ја чувствува по насилните протести во Собранието, Ахмети изјави дека министерот има целосна поддршка од ДУИ, но и од другите партии и нема логика да се повлече сега, во време кога не постои орган што би ја прифатил неговата оставка.