Позиците на двете партии, според нивните редовни утрински соопштенија, еден ден по разговорите со заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија на САД, Хојт Брајан Ји, остануваат непроменети. ВМРО-ДПМНЕ смета дека Талат Џафери е избран за претседател на Собранието надвор од сите процедури и на незаконски начин, додека од СДСМ нагласуваат дека тој е „новиот легитимен претседател на Собранието“.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ваквиот преседан на СДСМ отвора можност во иднина „на незаконски начин да се повтори ваквата процедура и на ваков начин да се гласа двојазичноста, албанските банкноти, двојазични униформи, геноцидот и сите елементи од тиранската платформа“.

„Тоа е суспендирање на правниот систем на државата. ВМРО-ДПМНЕ не поддржува физичко насилство, но во исто време го осудува и политичкото насилство што го направи СДС врз институциите, деловникот, законите и Уставот. Народот бара СДС да ја отфрли тиранската платформа и да го повлече претседателот на Собрание кој беше избран спротивно на деловникот на Собранието на Република Македонија. Граѓаните на Република Македонија бараат законите и процедурите да важат за сите и никој да не се осмели да ги прекрши или заобиколи“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ, пак, нагласуваат дека по изборот на претседател на Собранието, парламентарното мнозинство има одговорност да ја формира новата влада и дека тоа го очекува целата домашна и меѓународна јавност.

Оттаму велат дека досегашниот претседавач, Трајко Вељаноски, нема право за „личните интереси на Никола Груевски да ја усложнува политичката ситуација и да го окупира противуставно и неделовнички кабинетот на претседателот на Собранието“.

„Нов собраниски претседател е Талат Џафери, со кого, како што соошти заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија на САД, Хојт Брајан Ји, ќе работат и САД, а и ЕУ, НАТО и официјален Берлин. Новиот легитимен претседател на Собранието ќе испрати известување до Ѓорге Иванов дека е формирано демократско легитимино мнозинство и дека Иванов е должен да го додели мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за формирање влада“, стои во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека на Иванов ќе му биде предочено дека постои програма на новата реформска влада што во целост ја гарантира унитарноста на Македонија.

Од партијата нагласуваат дека крвавото насилство во парламентот, кога беше направен „кукавички обид за убиство на пратеници и насилство врз новинари и вработени во Собранието, мора да се истражи до крај и нарачателите и извршителите да понесат одговорност“ и дека Груевски, Иванов, Вељаноски и Чавков не смеат да го повторат насилството ниту повеќе да ги вознемируваат граѓаните со лаги и со нелогични барања за избори.