!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Оливер Арсовски разрешен од директорското место на фестивалот „Охридско лето“


Охрид, 23 јули, 2017 - 11:12 (META) 

Досегашниот директор на Националната установа „Охридско лето“, Оливер Арсовски, од вчера со решение на Министерството за култура е разрешен од функцијата.

За в.д. директорка е назначена Сузана Вренцовска, досегашната портпаролка на манифестацијата.

Арсовски за порталот „СДК“ потврди дека е разрешен од функцијата.

На прашањето зошто е разрешен среде траење на фестивалот, Арсовски рече дека нема коментар. Тој потврди дека имал инспекција на Министерството за култура.

Оливер Арсовски е директор на „Охридско лето“ од април 2016 година.


Светската атракција „Гласот на Јунан“ од Кина гостуваше во Охрид


Охрид, 29 јануари, 2017 - 12:25 (META) 

Светската атракција „Гласот на Јунан“ од Кина настапи во Центартот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Ансамблот од Пекингшката академија на традиционалната музика, приреди музички спектакл од највисок ранг.

Класичната кинеска музика пренесувана низ генерации беше дел од перформансот, која исто така восхитува со богатата фолклорна култура од различните региони на Кина.

– Кинеската музика може да се пофали со историја долга неколку илјади години во минатото, а токму провинцијата Јунан е позната по исклучително високиот степен на етничка разноликост. Тука припаѓаат најголемиот број етнички групи помеѓу провинциите на Кина. Од 56 официјално признати етнички групи на Кина, дури 25 се наоѓаат во Јунан – појаснија од „Охридско лето“ кои беа организатори на овој настан.


Во Македонија гостува „Гласот на Јунан“, светската атракција од Кина


Охрид, 26 јануари, 2017 - 12:55 (META) 

Со два концерти, вечерва во Скопје и еден в сабота во Охрид, во Македонија гостува светската атракција од Кина „Гласот на Јунан“.

Овој музички спектакл на ансамблот од Пекиншката академија на традиционалната музика, го организира Фестивалот „Охридско лето“.

Класичната кинеска музика пренесувана од генерации на генерации е дел од овој перформанс, исто како што е и восхитувачки богатата фолклорна култура од различните региони на Кина.

– Кинеската музика може да се пофали со историја која се протега и до неколку илјади години во минатото, а токму провинцијата Јунан е позната по исклучително високиот степен на етничка разноликост. Тука припаѓаат најголемиот број етнички групи помеѓу провинциите на Кина. Од 56 официјално признати етнички групи на Кина, дури 25 се наоѓаат во Јунан – велат од „Охридско лето“.

Билетите за двата концерти се веќе во продажба преку продажната мрежа на „МК тикетс“, по цена од 300 денари за концертот во Скопје и 200 денари за концертот во Охрид.


Кадровски промени во менаџментот на фестивалот „Охридско лето“


Охрид, 23 септември, 2016 - 14:46 (META) 

Ѓорѓи Цуцковски, првенец на oперата при МОБ, е назначен за нов музички селектор на фестивалот „Охридско лето“.

Цуцковски ја наследува Гордана Јосифова-Неделковска, која цела деценија ја конципираше музичката програма на фестивалот.

На местото на досегашниот драмски селектор, Ѓорѓи Јолески, пак, доаѓа актерот Зоран Љутков.

Пред почетокот на годинешното издание на фестивалот, за нов директор беше назначен Оливер Арсовски.


Фестивалот „Охридско лето“ завршува вечерва


Охрид, 20 август, 2016 - 15:41 (META) 

Годинешното 56. издание на „Охридско лето“ свечено ќе биде затворено вечерва, во предворјето на црквата Св. Софија, со изведба на песни од театарски претстави, создавани во периодот од 2003 до 2013 година.

Изборот на песни и претставата насловени „На светов убавина“ се на Горан Трајкоски.

Трајкоски реализирал музика за повеќе од 50 театарски претстави како и филмска музика, работејќи на познати македонски филмови.


Претпоследна фестивалска вечер на „Охридско лето“


Охрид, 19 август, 2016 - 18:51 (META) 

Вечерва е претпоследната програмска фестивалска вечер на „Охридско лето“.

Целовечерен концерт ќе има руското виолинистичко-пијанистичко дуо Вадим Репин – Андреј Коробејников, во црквата Св.Софија со почеток во 21 часот.

Свеченото затворање на фестивалот годинава ќе биде со песни од театарски претстави на Горан Трајкоски во периодот од 2003 до 2013 година.


Со „Спобудалената локомотива“ вечерва завршува драмскиот дел на „Охридско лето“


Охрид, 18 август, 2016 - 14:32 (META) 

Со претставата „Спобудалената локомотива“ од Станислав Игнаси Виткиевич во изведба на Словенечкиот народен театар – Драма театарот од Љубљана, а во режија на Јернеј Лоренци, вечерва завршува драмскиот дел од годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“.

Станислав Игнаси Виткиевич е еден од најкомплексните автори на полската и светската авангарда, а денес еден од класиците на 20-от век. „Спобудалената локомотива“ е напишана во 1923 година и е една од најкратките, но најмоќните драми.

Лоренци е виш предавач на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана, каде што предава актерство и режија.

 


Пијанистички концерт и проекција на филмот „Исправи се Делфина“ на „Охридско лето“


Охрид, 16 август, 2016 - 13:54 (META) 

Фестивалот „Охридско лето“ влегува во последната седмица од својата 40-дневна програма. Вечерва ќе има два настана – пијанистички концерт и проекција на филмот „Исправи се Делфина“.

Последната приредба е в сабота.

Во 21 часот, во црквата Св. Софија ќе настапи рускиот пијанист Петр Лаул, со дела од Ф. Шуберт и М. Мусоргски.

Во рамките на Дополнителната програма во Центарот за култура „Григор Прличев“, од 19 часот, ќе има проекција на познатиот македонски филм „Исправи се Делфина“, снимен во 1977 година во режија и според сценарио на Александар Ѓурчинов, а инспириран од препливувањето на каналот Ла Манш од страна на македонската маратонска пливачка Атина Бојаџи,чиј лик го игра Неда Арнериќ.


„Охридско лето“ го презакажа вечерашниот концерт на Ана и Игор Дурловски


Охрид, 8 август, 2016 - 15:05 (META) 

Фестивалот „Охридско лето“, вечерва нема да организира настани, поради трагичните настани со поплавите и човечките жртви и поради прогласениот Ден на жалост.

Вечерашниот концерт на Ана Дурловски Игор Дурловски заедно со Оркестарот на Македонската Филхармонија под диригенската палка на Борјан Цанев, е презакажан за утре, 9. август во Центарот за култура „Григор Прличев” со почеток од 13 часот.

„Охридско лето“ изрази длабоко жалење и сочувство до семејствата на настраданите.
Одложени се и свеченостите по повод одбележувањето на 1.100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски.

Денеска на Плаошник, со почеток во 19 часот, ќе биде одржана само предвидената Богослужба.

Советот на општина Охрид, денеска одржа вонредна седница со единствена точка на дневен ред – усвојување на Предлог – одлука за спроведување мерки и активности за помош до загрозените семејства и институции погодени од поплавите.


„Охридско лето“: Вечерва настап на Артуро Сандовал во Античкиот театар


Охрид, 6 август, 2016 - 15:21 (META) 

Вечерва, во стандардниот термин од 21 часот во Античкиот театар во Охрид, во рамките на програмата на фестивалот „Охридско лето“, ќе настапи џез-трубачот Артуро Сандовал од Куба.

На програмата се дела од џез-музиката, кои Сандовал ќе ги исполни заедно со својот бенд во состав Џон Белзагај – бас, Тики Пасиљас – перкусии, Дејв Сигел – клавијатури, Џони Фрајдеј – удиралки и Кемуел Роиг – пијано.

Музичкото портфолио на Артуро Сандовал го сочинуваат 10 награди „Греми“, шест „Билборд“ и една „Еми“, потоа признанието „Хиспаник херитиџ“, како и Претседателскиот медал на слободата (Presidental Medal of Freedom), награда доделена од претседателот на САД, Барак Обама.

Во својата четиридецениска кариера Артуро Сандовал соработувал и со повеќе светски музички ѕвезди од различни генерации, како Френк Синатра, Џастин Тимберлејк, Селин Дион и Алиша Кис, а ја напишал и музиката за филмот „За љубовта на земјата“, чија приказна е темелена на неговиот живот. Во филмот неговиот лик го толкува холивудскиот актер Енди Гарсија.