!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Попоски на министерски состанок на коалицијата за борба против ИД во Вашингтон


Вашингтон, 22 март, 2017 - 9:31 (META) 

Министерот за надворешни работи во заминување, Никола Попоски, денеска ќе учествува на министерскиот состанок на Глобалната коалиција за борба против Исламска држава во Вашингтон.

Попоски на состанокот, кој ќе се одржи во Стејт департментот, учествува на покана на државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, соопштуваат од Министерството за надворешни работи.

„Министерскиот состанок има цел да се поттикне интензивирање на меѓународните напори во борбата против Исламска држава во одделни области во Ирак и во Сирија кои сé уште се под нејзина окупација, да се зголеми притисокот и да се ограничи нејзината мрежа на функционирање“, стои во соопштението на МНР.

Во рамките на посетата, додаваат од министерството, Попоски ќе оствари и бројни билатерални средби.


Попоски: Треба да бараме обединување околу една кауза – да сме дел од ЕУ


Виена, 17 март, 2017 - 13:58 (META) 

Министерот за надворешни работи во заминување, Никола Попоски, со шефот на австриската дипломатија и актуелен претседавач со ОБСЕ, Себастијан Курц, во Виена разговараше за регионалната стабилност и за потребата од интегрирање во ЕУ како најдобра гаранција за развој на Балканот.

– Што и да се случува во регионот, какви и да се предизвиците, доколку членството во ЕУ изгледа достижно, тоа ќе ги стабилизира сите земји, а ќе ги релаксира и предизвиците внатре во Унијата. Мигрантската криза, геополитичките поместувања, заканите од радикализам и од тероризам и глобалната конкурентност се само најсвежи примери за тоа дека делиме исти интереси. Единствено логично е да бараме обединување околу една кауза: да сме дел од ЕУ и од заедничкиот пазар е веројатно наједноставната гаранција за мир и за развој во Македонија и на регионот – истакна министерот Попоски по средбата.

Средбата се одржа на маргините на седница на Постојаниот совет на ОБСЕ, на кој Попоски имаше и свое обраќање.


Попоски: Веруваме дека може да се врати дијалогот во институциите


Виена, 16 март, 2017 - 17:13 (META) 

Министерот за надворешни работи во заминување, Никола Попоски, денеска во Виена учествуваше на седница на Постојаниот совет на Организацијата за безбедност и соработка на Европа.

Попоски, како што соопштија од македонското МНР, одговарал и на прашања од земјите членки на ОБСЕ, поврзани со изгледите за надминување на политичката криза, надворешното влијание, ризиците за нестабилност во регионот и изгледите за интеграција во ЕУ.

– Веруваме дека може да се врати дијалогот во институциите. Најдобар гарант за тоа да се случи се граѓаните на Македонија. Тие не сакаат дестабилизација, туку само почитување на нивната волја и јасна визија за мир и за развој во регионот. Успеавме да направиме поголем број реформи како услов и спроведовме фер избори. Малкумина веруваа дека ќе надминеме сè по патот. На крајот, потребна ни е само уште јасна иднина во ЕУ – истакна Попоски.


Попоски во Виена на Постојаниот совет на ОБСЕ


Скопје, 16 март, 2017 - 9:34 (META) 

Министерот за надворешни работи во заминување, Никола Попоски, денеска во Виена ќе се обрати на седница на Постојаниот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа.

Како што соопшти МНР, за време на посетата предвидено е министерот Попоски да се сретне со својот австриски колега, министерот за надворешни работи Себастијан Курц.


Попоски се сретна се делегација од германскиот Бундестаг


Скопје, 15 март, 2017 - 20:20 (META) 

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, денеска се сретнал со претставници на парламентарната комисија за избори, имунитет и за деловничко уредување на германскиот Бундестаг, кои престојуваат во дводневна работна посета на Македонија.

На средбата со германските пратеници, како што информираат од МНР, било разговарано за актуелните внатрешно-политички состојби во Македонија, економските врски помеѓу двете земји, како и за соработката во процесите на интегрирање на нашата земја во европското семејство.

„Потребна е зголемена извесност за интегрирање во ЕУ ако сакаме мир и стабилност, и во регионот и во ЕУ“, истакнал Попоски.

Од пратениците била изразена благодарност за клучната улога што Македонија ја имаше во менаџирањето на мигрантската криза и во спречувањето на илегалната миграција.


Заниер твитна: Политичката криза не смее да се прелее во меѓуетнички тензии


Скопје, 9 март, 2017 - 18:05 (META) 

Политичките лидери мора да ги надминат партиските интереси и да ја решат политичката криза и не смее да се дозволи ова да се прелее во меѓуетнички тензии. Ова е главната порака што генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, им ја пренел на претседателот на државата, Ѓорге Иванов, и на министерот за надворешни работи, Никола Попоски.

„Утрово се сретнав со претседателот и со министерот за надворешни работи. Мојата главна порака беше дека лидерите мора да се исправат пред предизвикот, да ги надминат партиските интереси и да ја решат политичката криза за доброто на сите граѓани. Не смее да се дозволи ова да се прелее во меѓуетнички тензии!“, стои во твитот на Заниер објавен на твитер-профилот на Делегацијата на ОБСЕ во Скопје.

Заниер на својот твитер-профил напиша дека на претседателот Иванов му ја нагласил својата „загриженост за политичкиот ќор-сокак“ и дека „вперувањето прст во меѓуетничките прашања е опасно и контрапродуктивно“.

Генералниот секретар на ОБСЕ, кој е во дводневна посета на земјава, напиша и дека е „многу загрижен од притисокот врз граѓанскиот сектор“, чија улога, како што напиша, е „клучна во демократските процеси“.

Генералиот секретар на ОБСЕ денеска во Скопје имаше средби со претседателот Иванов, шефот на македонската дипломатија во заминување, Никола Попоски, лидерите на парламентарните политички партии, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Беса, Алијанса на Албанците и ДПА, како и со претставници на граѓанските организации.


Попоски и Заниер разговараа за случувањата во постизборниот период


Скопје, 9 март, 2017 - 17:00 (META) 

Шефот на македонската дипломатија во заминување, Никола Попоски, денеска со генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, разговараше актуелната политичка ситуација во Република Македонија, како и за севкупната соработка на Македонија со ОБСЕ.

На средбата, како што стои во соопштението од МНР, Попоски ја нагласил корисноста од поддршката на Организацијата, која е посветена на изборни реформи, интеграција преку образованието и на процесот за интегрирање на Македонија во ЕУ.

„Воедно, соговорниците разменија и мислења за најактуелните прашања на политички план, во постизборниот период. Министерот Попоски јa истакна и важноста на регионалната соработка меѓу државите од Балканот, во согласност со најдобрите практики и стандарди прифатени во ОБСЕ. Во тој контекст, го посочи неодамнешниот министерски состанок на земјите од Балканот што цели кон заеднички пристап за побрз влез во ЕУ, како и договорениот неформален систем за координирање на активностите на групата држави во регионот, што се стремат кон членство во ЕУ“, стои во соопштението од МНР.


Средба на министерот Попоски со делегација на ИХРА


Скопје, 9 март, 2017 - 9:55 (META) 

Шефот на македонската дипломатија во заминување, Никола Попоски, денеска се сретна со шефот на делегацијата на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот (ИХРА), амбасадорот Јан Дебоут.

На средбата, како што соопштуваат од македонското МНР, било разговарано за активностите што ги спроведува Меѓународната алијанса, како и за активностите што се спроведуваат во Република Македонија на планот на сеќавањето, образованието и истражувањето на Холокаустот.

Попоски изразил задоволство од испраќањето на висока делегација на ИХРА првпат во Република Македонија, по повод 11 Март, Денот на депортација на Евреите од Македонија, во пресрет на кој ќе се одржат комеморативни настани во Скопје и во Битола.

Како што се наведува во соопштението, на средбата биле искажани и заложбите од нашата држава и од ИХРА во светло на можно станување на полноправна членка на Република Македонија во оваа алијанса.

ИХРА е меѓувладино тело кое служи како платформа каде што претставници на владите на нејзините земји членки, како и национални и меѓународни експерти разменуваат идеи и искуства во врска со политиките на планот на сеќавањето, образованието и истражувањето на Холокаустот во светот.

Во ИХРА членуваат 31 држава, а застапени се и 11 држави со статус на набљудувачи, меѓу кои и Република Македонија.


Попоски до Хелбах: Неопходно е да добиеме гаранции дека членството во ЕУ е достижно


Скопје, 9 март, 2017 - 9:51 (META) 

Министерот за надворешни работи во заминување, Никола Попоски, денеска со специјалниот ополномоштеник на министерството за надворешни работи на Германија за Југоисточна Европа, Турција и за ЕФТА-државите, Кристијан Хелбах, разговараше за потребата од зајакнување на европската интеграција во насока на долгорочна стабилност и просперитет на регионот.

Како што соопштија од македонското МНР, Попоски истакнал дека енергијата дома и кај нашите партнери е неопходно да се насочи кон тоа Република Македонија да добие гаранции дека членството во ЕУ е достижна цел за оваа генерација македонски граѓани, во догледно време.

– Внатрешните предизвици во Унијата, мигрантската криза и заканите од екстремисти се добар потсетник за тоа колку сме ние поврзани со ЕУ – рекол Попоски.

Hа средбата била рeафирмирана поддршката од Германија на нашите напори кон европската интеграција.


Шефот на ОБСЕ ќе се сретне со државниот и со политичкиот врв


Скопје, 9 март, 2017 - 9:41 (META) 

Генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер, синоќа допатува во Скопје поради новонастаната криза со недоделувањето на мандатот за формирање нова влада.

Заниер во текот на денот ќе се сретне со шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, претседателот Ѓорге Иванов, лидерите на парламентарните политички партии, како и со претставниците на граѓанските организации.

Минатата недела, откако Иванов одлучи да не го додели мандатот, Заниер преку социјалната мрежа „Твитер“ изрази загриженост и ја најави својата посета на Македонија.

„Загрижен сум поради развојот на настаните во Скопје. Владеењето на правото мора да надвладее. Следната недела ќе го посетам Скопје и ќе имам средби со претставници на власта, лидери на политичките партии и со претставници на граѓанското општество. Резултатите од декемвриските избори се цврста основа за формирање влада што ќе ги застапува интересите на сите граѓани“, напиша Заниер на „Твитер“.