Откако ВМРО-ДПМНЕ изгуби на предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули, поранешните членови на партијата Никола Тодоров, Сашо Мијалков и Никола Поповски, кои беа и на високи раководни функции, деновиве излегоа во јавноста со заложба за партиски реформи и за смена на сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Со идентичен став излегоа и актуелниот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев и пратеничката Даниела Рангелова.

Поранешниот директор на Управата за контраразузнавање и висок партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Мијалков во интервју за „Плусинфо.мк“ вели дека „демократски треба да се избере ново раководство доколку не успеат да го исполнат и последното ветување.“

„Сигурен сум дека кој било кандидат ќе има поголем капацитет од сегашните, но треба да се избере најдобриот кој ќе ја поведе партијата во нови победи. Реалноста гласи дека ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ го оствари најслабиот резултат во историјата. Од освоените 455.000 гласови на последните парламентарни избори во 2016 година, Христијан Мицкоски падна на 315.000 гласа. Само Љубчо Георгиевски бил полош од него во 2002 година, кога освои 300.000 гласови, а тогаш и тој и Љубе Бошковски беа на црната листа на САД, a позади себе имаа шверц на цигари, нафта, убиства и куп други афери. Затоа сите искрени и чесни членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ се потиштени и разочарани, а само раководството слави победа,“ вели Мијалков.

Поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, кој исто така беше висок партиски функционер, во неговата колумна за „Дојче Веле“ констатира дека „на овие избори не победи СДСМ туку ВМРО-ДПМНЕ загуби.“

„Поделени и раскарани ќе губиме повторно, и повторно. Тоа е рецептот за неуспех и тоа долго време ќе ја држи ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, а СДСМ ќе победува со исклучително недоволни и неубедливи триста два триесет илјади гласови. Апатијата ќе остане на високо ниво. Морам да констатирам дека ако имаше подобра понуда и ако гласачите ја сметаа ВМРО-ДПМНЕ за добра алтернатива, денес ќе славевме победа, прва после неколку изборни порази во низа. Тоа е реалноста. Не смееме од оваа констатација да правиме сцена. Ова не е напад на ВМРО-ДПМНЕ, напротив ова е обид за спас. Капсулирањето на ВМРО-ДПМНЕ само ќе придонесе за нов пораз. Неприфаќањето на мултиетничноста на државата како реалност исто така,“ пишува Тодоров.

Поранешниот министер за надворешни работи и член на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски во колумна за „Мкд.мк“ за изборите вели дека „обвинување кон гласачите за исходот е несоодветно и може само да ги влоши резултатите во следни циклуси.“

„Толкување дека доколку не се брои една категорија гласачи, имаме подобар резултат, не е само во судир со унитарниот карактер на државата, туку и го руши идеалот на Илинденците, да не говориме за имиџот кој го создава за нас во очи на исклучените, но и кон странците. Дури и да испаднеше како што најавуваа нашите и да добиевме 57 пратеници, формирање Влада ќе беше тешко. На изгубени избори, не е полесно,“ пишува Попоски.

Оставка на Христијан Мицкоски од позицијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ веќе побараа и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, а идентична порака вчера испрати и актуелната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, Даниела Рангелова.