Како една гротескна фотомонтажа предизвика недоразбирања кај македонските медиуми


Скопје, 6 февруари, 2018 - 12:24 (META) 

Страшните грчки летоци, кои на прв поглед содржат говор на омраза, дискриминација и потпалуваат тензии, испаднаа мајтап, кој користи намерно изнасилени слогани и цртежи за да привлече внимание и испрати порака. Проблем настана кога медиумите во земјава не проверија за што точно станува збор, а од друга страна, пак, ни авторите на постерите не размислија дали можеби не е крајно ризично да се игра мајтап со говорот на омраза, пишува Жарко Трајаноски  во „Вистиномер.мк“.

На 1 и 2 февруари 2018, повеќе македонски медиуми објавија шокантна фотографија, со информација дека станува збор за летоци со кои се мобилизираат граѓаните во Грција за учество на митингот во Атина закажан за 4 февруари.

КОНТРОВЕРЗНО ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА КОНТРОВЕРЗНИ „ЛЕТОЦИ“

ТВ НОВА: „Како се најавува протестот во Атина: Сега сите заедно, комитите ни се пред врата (ФОТО)“: „Во главниот град на Грција веќе се делат летоци со повик до граѓаните да земат масовно учество на митингот. На летоците е прикажана голема крволочна мечка – која ги претставува комитите од “Македонија” кои се голема закана за Грција. Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, грчките Андарти комитите ги нарекувале “мечки”. Мечката на летокот со нож ја коле грчкиот народ. „Ѝ требаш на Македонија” и “Сега сите заедно“, пишува на летокот на кој неколкумина Грци заедно држат еден огромен нож со грчко знаме насочен кон мечката.“

ТВ АЛФА: Брисел молчи за говорот на омраза и палењето на македонското знаме на протестите во Солун: „Во меѓувреме никнуваат нови постери со застрашувачки слики, како што е оној каде е претставен војник кој на капата има македонско знаме и злоставува жена, со пораката „Спасете ја Македонија од Словените“.

Медиумите и јавноста се згрозија од уште еден, на него е прикажана голема крволочна мечка – која ги преставува комитите од “Македонија”, како што биле нарекувани од грчките Андарти. Претставувајќи како здружени Грците ја колат мечката, пишува: „Комитите ни се пред врата – ѝ требаш на Македонија”.

Фокус: „Комитите ни се пред врата“ – повик за учество на протестот во Атина

Слободен печат: Комити пред врата: Еве како изгледа постерот за протестите во Атина против Македонија: Официјалниот постер повикува дека „Сега си ѝ потребен на Македонија“, бидејќи „Комити дојдоа пред нашата врата“. Како иницијатори се потпишани извесна национална стратегија наречена „Сега“.

Еве како изгледа постерот:

Broj 001_000

МКД.МК: ПОВИК ЗА ПРОТЕСТОТ ВО АТИНА: „Комитите ни се пред врата. Ѝ требаш на Македонија. Сега сите заедно“

Република: „Сега сите заедно, комитите ни се пред врата“ (фото)

Фактор.мк: „Шокантен повик за грчките протести – Доаѓаат комитите“

„Националистите и неофашистите во Грција изработија шокантен постар со кој го повикуваат народот да излезе на протестот закажан за 4 февруари со навредлива содржина. На постерот пишува „Комитите ни се пред врата. Ѝ требаш на Македонија. Сега сите заедно“.

Контроверзната фотографија беше објавена и од повеќе други портали и влијателни медиуми, а имаше и контроверзни постови на социјалните мрежи. На пример, познат уредник на национална ТВ напиша дека „Грчката хистерија против Македонија добива веќе чудовишни форми… Ова е веќе повик за колеж-наспроти гестот од македонска страна, автопатот да се преименува во „Пријателство…“. Повеќе интелектуалци и новинари придонесоа за споделување на „шокантната“ фотографија на социјалните мрежи со информација дека „ова е плакатот со кој се организираат протестите во Атина“.

ПРОНАОЃАЊЕ НА ИЗВОРОТ И АВТОРОТ НА НАВОДНИОТ „ЛЕТОК“

Имајќи предвид дека македонските медиуми укажуваа на говор на омраза, кој повикува на насилство, се одлучив да ја проверам нивната приказна.

Почнав со проверка на објавената фотографија на сервисот „Google Images“, кој како најдобро нагаѓање за фотографијата го посочи постерот за филмот „Нападот на луѓето марионети“ (1958). Откако прочитав за филмот, ми стана јасно дека постерот на филмот бил искористен како предлошка за фотомонтажата за која македонските медиуми тврдеа дека е леток кој повикува на политички митинг.

Но, дали фотомонтажата навистина била испечатена како леток? Дали навистина тој леток се делел на граѓани или бил лепен како постер на јавни места ширум Грција, како што сугерираа македонските медиуми? За да одговорам на овие прашања, се впуштив во потрага по изворот и авторот на контроверзната фотомонтажа.

Потрагата вроди со плод откако прочитав еден коментар на „Фејсбук“ во кој беше посочена следнава страница како „мајтап“ страница која ја објавила фотомонтажата – Ελληνο-Χριστιανικό Ethnostedon (Грчко-христијански етноседатив).

Од прегледот на страницата, и повеќето реакции на објавите, беше јасно дека на страницата се објавуваат контроверзни фотомонтажи кои можат да се подведат под рубриките „гротескен хумор“ и „социјална сатира“. Исто така, беше јасно дека на оваа страница се објавени многу повеќе фотомонтажи кои произлегуваат од фотошопирање на стари пропагандни постери. При прегледот на фотомонтажите можев да увидам дека контроверзните фотографии, кои ги споделија македонските медиуми (без да го наведат изворот), неодамна се објавени на оваа страница, но дека слични фотомонтажи со истата предлошка (стар пропаганден постер) биле објавувани и претходно.

На пример, на 11 март 2014 година била објавена следнава фотомонтажа (врз постерот од филмот како предлошка), која го карикира Самарас како заштитник од комунистичката закана.

Broj 002_000

Исто така, увидов дека претходно е објавена и друга контроверзна фотомонтажа (на 9 мај 2014!), слична на фотомонтажата која беше претставувана како леток за националистичкиот митинг во Солун, но со текст кој го карикира Самарас. (Предлошка и за оваа фотомонтажа е антиболшевички пропаганден постер кој се користел во Полска во 1921).

Broj 003_000

 

Broj 004_000

По прегледот на страницата, напишав приватна порака до уредниците на страницата, укажувајќи дека два од постерите објавени на страницата предизвикаа бурни реакции во Република Македонија, проследени со информации дека постерите биле дизајнирани за да мобилизираат протестанти на митинзи.

Добив ваков одговор:

Хумор преку претерување. Мислам дека е очигледно за Грците. Ние одлучуваме да покажуваме постери кои ги преакцентираат националистичките и религиозни тенденции, користејќи гротескна и старовремска позадина, со цел да ги деконструираме. Ние не сме националисти, ние само се шегуваме. Ви благодариме за интересот и извинете ако сте се почуствувале навредени. (линк до филмот „Нападот на луѓето марионети).

И СО ХУМОРОТ СЕ ПРЕТЕРА?

Како да се објасни феноменот што многу од македонските медиуми воопшто не перципираа хумор во постерите, туку говор на омраза? Иако во дел од коментарите на социјалните мрежи имаше укажувања дека станува збор за “потсмевање кон екстремистите“ и дека „не се работи за реални постери“, туку за постери кои се направени за „тролање на националистите“ (па дури и за „пример на здрава иронија“), таквите коментари честопати беа пресретнати со неверување.

Како што укажа коментаторот Спирос Софос, можеби „проблемот е тоа што сме толку отуѓени едни од други како народи и индивидуи што сме подготвени да го очекуваме најлошото едни од други“.

А можеби поголемиот дел од проблемот лежи кај македонските медиуми кои ја проширија паранојата за грчките летоци со говор на омраза без да ја сработат својата домашна задача. А, нивна домашна задача е да го откријат изворот на фотомонтажата, да проверат дали навистина се работи за „летоци“ за митинг или фотомонтажи, и да се обидат да го протолкуваат контекстот и намерите на објавувачот, пред да почнат да шират непроверени шпекулации за „говор на омраза“ со кои се потпалуваат тензии, дискриминација и омраза.

Друго наравоучение од аферата со „летоците“ (всушност фотомонтажи и интернет мемиња) е дека е многу ризично мајтапењето со пропагандни постери во кои има елементи на пропаганда и омраза. Мајтапењето со пропагандни постери може да остане несфатено, да предизвика сериозни недоразбирања, па и да послужи како поттик за ширење на говор на омраза или параноја.

Ако парафразираме една мудра мисла од осуден сопственик на медиум „И со хуморот се претера“. За македонското „новинарство“ одамна знаеме дека не е имуно на националистички паранои и хушкања засновани на шпекулации. Се надеваме дека оваа афера со т.н. летоци ќе придонесе за јакнење на имунитетот на новинар(к)ите, што би подразбирало и нивно извинување до читателите за сите дезинформации во врска со „летоците“.


Бутарис: Потпалувачките изјави и митинзите не треба да ги попречуваат преговорите


Скопје, 5 февруари, 2018 - 11:37 (META) 

Солунскиот градоначалник, Јанис Бутарис, како „потпалувачки“ ги оцени изјавите на познатиот грчки композитор Микис Теодоракис, споредувајќи ги со воинствените изјави на генералот Франгос во Солун и потенцираше дека, иако митинзите можеби биле големи и впечатчиви, тие не треба да ги попречуваат преговорите.

Бутарис, за телевизијата СКАЈ, повтори дека Грција го нема ексклузивното право на терминот Македонија, како и дека тој нема проблем новото име на северниот сосед да биде „Нова Македонија“.

– Горна Македонија значи дека некоја земја се поделила на две, а Нова Македонија не претставува никаков проблем – рече Бутарис.

Според него, Грците подолу од Олимп, или оние од Крит, не го познаваат проблемот.

– Тие не знаат дека Македонија грографски не е само грчка и дека во голем број села околу Костур и Лерин има луѓе кои зборувале и се уште зборуваат славомакедонски – рече Бутарис.


ВМРО-ДПМНЕ во Кичево и во Македонски Брод, СДСМ во Свети Николе и во Велес


Скопје, 2 октомври, 2017 - 12:55 (META) 

Во рамките на кампањата за локалните избори, кои ќе се одржат на 15 октомври, денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе одржат митинзи во Македонски Брод и во Кичево. Митингот во Македонски Брод почнува во 18 часот, а два и пол часа подоцна ќе биде одржан митингот во Кичево.

СДСМ и коалицијата ќе имаат собири со граѓани во Лозово во 17 часот, во Градско во 18 часот и во Чашка во 19 часот. Митинзите ќе бидат во Свети Николе во 18.30 часот и во Велес во 20 часот.

Беса ќе има митинг во Црнилиште со почеток во 17.30 часот, а ДУИ ќе одржи митинзи во Боговиње и во Врапчиште.


СДСМ денеска на трибина во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ во Штип, Беса во Врапчиште


Скопје, 1 октомври, 2017 - 10:53 (META) 

Предизборната кампања за локалните избори што ќе се одржат на 15 октомври денеска продолжува со активности на партиите во неколку општини и во Скопје.

Претседателот на СДСМ, премиерот Зоран Заев, денеска со почеток во 12 часот, на плaтото пред Универзална сала во Скопје, ќе одржи дебата со граѓаните на Скопје, придружуван од кандидатот на СДСМ за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, и од носителката на листата за советници во градскиот совет, Билјана Секуловска-Габер. На дебатата ќе бидат присутни и кандидатите за градоначалници од Скопскиот Регион.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, митинзи денеска ќе одржи во Свети Николе со почеток во 18 часот и во Штип со почеток во 20.30 часот.

СДСМ, покрај скопската дебата, ќе има митинзи во Крива Паланка и во Ранковце во 18 часот, во Старо Нагоричане во 19 часот и во Куманово во 20 часот.

Беса ќе има митинг во Врапчиште, додека ДУИ ќе одржи митинзи во Битола и во Ресен.


СДСМ со митинзи во Тиквешијата, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во Полог


Скопје, 30 септември, 2017 - 10:56 (META) 

Во рамките на шестиот ден од предизборната кампања за локалните избори, денеска Коалицијата „Живот во Македонија“ предводена од СДСМ ќе одржи средба со граѓани во Прилеп и во Росоман и митинзи во Демир Капија, Неготино и Кавадарци.

Карванот на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде во Гостивар и Тетово.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) ќе има предизборни активности во Брвеница и Теарце.


СДСМ во Струмица, ВМРО-ДПМНЕ со митинзи во неколку скопски општини


Скопје, 8 декември, 2016 - 10:17 (META) 

Политичките партии уште денеска и утре ќе имаат можност на митинзи и на средби со граѓаните да ги претстават своите програми, пред да почне предизборниот молк за предвремените парламентарни избори, кои ќе се одржат на 11 декември.

На претпоследниот ден од изборната кампања, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија ќе одржат митинзи во скопските општини Бутел (17 часот), Гази Баба (19 часот) и Шуто Оризари (21 часот).

Коалицијата За живот во Македонија, предводена од СДСМ, денеска во 17.30 часот ќе одржи митинг во Радовиш, а централниот собир е закажан во Струмица, во 19 часот.

Демократскиот сојуз, кој ја предводи Коалицијата за промени и правда, ќе има завршен митинг во Скопје, кој ќе се одржи пред трговскиот центар „Бисер“ во Аеродром, од 17 часот.

Коалицијата ВМРО за Македонија денеска ќе има средби со граѓани во општина Ѓорче Петров.

Централен митинг денеска во Скопје ќе одржи Алијансата на Албанците.


СДСМ во Чаир, ВМРО-ДПМНЕ во Куманово, ДПА ќе одржи митинг во Струга


Скопје, 7 декември, 2016 - 9:51 (META) 

Политичките партии влегуваат во завршната фаза од кампањата, со одржување митинзи и средби со граѓани и им остануваат уште три дена да ја претстават нивната политичка програма.

Така, денеска СДСМ и Коалицијата за живот во Македонија ќе одржат митинзи во Шуто Оризари (12 часот) и во Чаир (19 часот).

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија ќе одржат митинзи во Ѓорче Петров (17.30 часот) и во Куманово (20 часот).

ДПА ќе има митинг во Струга во Домот на културата во 16.30 часот.

Коалицијата за промени и правда ќе одржи митинг пред Општина Кисела Вода во 17 часот, а ќе има средба и со граѓани во Општина Карпош.

Коалицијата Алијанса за Албанците ќе одржи митинг во Гостивар во 19 часот.

Лидерот на Демократскиот сојуз и носител на кандидатска листа во првата изборна единица, Павле Трајанов, ќе одржи прес-конференција на плоштадот Делфина во Влае во 13 часот.

Носителот на кандидатската листа на Коалицијата ВМРО за Македонија во првата изборна единица, Ден Дончев, ќе даде изјава пред Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 12 часот.


ВМРО-ДПМНЕ денеска на митинг во Делчево, СДСМ во Куманово


Скопје, 6 декември, 2016 - 9:54 (META) 

Политичките партии се во последната недела од изборната кампања за предвремените парламентарни избори закажани за недела, 11 декември.

Коалицијата за подобра Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, денеска ќе одржи митинзи во Берово во 17.30 часот и во Делчево во 20 часот.

Карванот на Коалицијата за живот во Македонија предводена од СДСМ ќе има митинг во Крива Паланка во 17 часот, а централниот митинг денеска ќе биде во Куманово во 19 часот.

Изборниот караван на Коалицијата за промени и правда, предводена од Демократскиот сојуз, денеска ќе биде во посета на Куманово. Носителите на кандидатските листи во првата и во втората изборна единица, Павле Трајанов и Јове Кекеновски, ќе имаат прес-конференција. Коалицијата ќе одржи митинг во паркот „Жена борец“ во Скопје, во 17 часот.

ДУИ денеска ќе биде во 15 часот во Гостивар, а централниот митинг ќе биде во 19 часот во Кичево.

Алијансата за Албаниците вечерва ќе одржи митинг во Тетово со почеток од 19 часот.

Кампањата за претстојните избори завршува в петок на полноќ, кога почнува изборниот молк.


Политичките партии денеска ќе одржат митинзи во Скопје, Охрид, Куманово и во Кочани


Скопје, 5 декември, 2016 - 10:22 (META) 

Политичките партии влегуваат во последната недела од изборната кампања со митинзи и со средби со граѓаните, на кои ги претставуваат политичките програми за изборите на 11 декември.

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија ќе одржат митинзи во скопските општини Кисела Вода и Центар, а Kоалицијата за живот во Македонија предводена од СДСМ вечерва ќе биде во Дебар, Струга и во Охрид.

Коалицијата Алијанса за Албанците ќе одржи митинг пред жителите на Куманово, a лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска ќе има средби со граѓани во општина Сарај, каде ќе се одржи и централен собир.

Коалицијата ВМРО за Македонија се очекува да одржи средби со граѓани на општините Пробиштип и Кочани.

Коалицијата за промени и правда, предводена од Демократски сојуз, ќе оствари средба со граѓаните на Маџир-маало.

Носителот на кандидатската листа на Левица во четвртата изборна единица, Митко Николов, ќе има средба со граѓани на градскиот плоштад во Прилеп.


СДСМ денеска со централен митинг во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ во Струмица


Скопје, 4 декември, 2016 - 10:14 (META) 

Денеска, точно шест дена пред изборите на 11 декември, политичките партии продолжуваат со митинзите и со средбите со граѓани на кои ги претставуваат своите изборни програми.

Во 18 часот во Скопје, на булеварот Илинден, пред зградата на Владата, централен митинг ќе одржат Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Коалицијата за живот во Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија денеска во 17.30 ќе одржи митинг во Радовиш, а централниот е закажан во Струмица, со почеток во 20 часот.

Во хотелот „Холидеј ин“, во Скопје, Демократската унија за интеграција (ДУИ) ќе организира конференција за економија, на која партијата ќе претстави дел од својата програма за економски развој и еднаквост. На конференцијата, како што е најавено, ќе говорат Фатмир Бесими од секретаријатот за економија на ДУИ и носителите на листи на партијата.

Демократската партија на Албанците (ДПА) во 16.30 часот ќе одржи средба со граѓаните во општината Чаир, во Скопје.

Коалицијата Алијанса за Албанците денеска ќе има митинзи во Центар Жупа, во 18 часот, и во Дебар, еден час подоцна.

Коалицијата за промени и правда денеска ќе има средби со граѓаните во Кавадарци и во Неготино, на кои ќе се обратат лидерот на Демократскиот сојуз и носител на листа во првата изборна единица, Павле Трајанов, носителот на листа во четвртата изборна единица, Слободан Богоевски, и носителот на листа на коалицијата во втората изборна единица, Јове Кекеновски.