Страшните грчки летоци, кои на прв поглед содржат говор на омраза, дискриминација и потпалуваат тензии, испаднаа мајтап, кој користи намерно изнасилени слогани и цртежи за да привлече внимание и испрати порака. Проблем настана кога медиумите во земјава не проверија за што точно станува збор, а од друга страна, пак, ни авторите на постерите не размислија дали можеби не е крајно ризично да се игра мајтап со говорот на омраза, пишува Жарко Трајаноски во „Вистиномер.мк“.
На 1 и 2 февруари 2018, повеќе македонски медиуми објавија шокантна фотографија, со информација дека станува збор за летоци со кои се мобилизираат граѓаните во Грција за учество на митингот во Атина закажан за 4 февруари.
КОНТРОВЕРЗНО ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА КОНТРОВЕРЗНИ „ЛЕТОЦИ“
ТВ НОВА: „Како се најавува протестот во Атина: Сега сите заедно, комитите ни се пред врата (ФОТО)“: „Во главниот град на Грција веќе се делат летоци со повик до граѓаните да земат масовно учество на митингот. На летоците е прикажана голема крволочна мечка – која ги претставува комитите од “Македонија” кои се голема закана за Грција. Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, грчките Андарти комитите ги нарекувале “мечки”. Мечката на летокот со нож ја коле грчкиот народ. „Ѝ требаш на Македонија” и “Сега сите заедно“, пишува на летокот на кој неколкумина Грци заедно држат еден огромен нож со грчко знаме насочен кон мечката.“
ТВ АЛФА: Брисел молчи за говорот на омраза и палењето на македонското знаме на протестите во Солун: „Во меѓувреме никнуваат нови постери со застрашувачки слики, како што е оној каде е претставен војник кој на капата има македонско знаме и злоставува жена, со пораката „Спасете ја Македонија од Словените“.
Медиумите и јавноста се згрозија од уште еден, на него е прикажана голема крволочна мечка – која ги преставува комитите од “Македонија”, како што биле нарекувани од грчките Андарти. Претставувајќи како здружени Грците ја колат мечката, пишува: „Комитите ни се пред врата – ѝ требаш на Македонија”.
Фокус: „Комитите ни се пред врата“ – повик за учество на протестот во Атина
Слободен печат: Комити пред врата: Еве како изгледа постерот за протестите во Атина против Македонија: Официјалниот постер повикува дека „Сега си ѝ потребен на Македонија“, бидејќи „Комити дојдоа пред нашата врата“. Како иницијатори се потпишани извесна национална стратегија наречена „Сега“.
Еве како изгледа постерот:
МКД.МК: ПОВИК ЗА ПРОТЕСТОТ ВО АТИНА: „Комитите ни се пред врата. Ѝ требаш на Македонија. Сега сите заедно“
Република: „Сега сите заедно, комитите ни се пред врата“ (фото)
Фактор.мк: „Шокантен повик за грчките протести – Доаѓаат комитите“
„Националистите и неофашистите во Грција изработија шокантен постар со кој го повикуваат народот да излезе на протестот закажан за 4 февруари со навредлива содржина. На постерот пишува „Комитите ни се пред врата. Ѝ требаш на Македонија. Сега сите заедно“.
Контроверзната фотографија беше објавена и од повеќе други портали и влијателни медиуми, а имаше и контроверзни постови на социјалните мрежи. На пример, познат уредник на национална ТВ напиша дека „Грчката хистерија против Македонија добива веќе чудовишни форми… Ова е веќе повик за колеж-наспроти гестот од македонска страна, автопатот да се преименува во „Пријателство…“. Повеќе интелектуалци и новинари придонесоа за споделување на „шокантната“ фотографија на социјалните мрежи со информација дека „ова е плакатот со кој се организираат протестите во Атина“.
ПРОНАОЃАЊЕ НА ИЗВОРОТ И АВТОРОТ НА НАВОДНИОТ „ЛЕТОК“
Имајќи предвид дека македонските медиуми укажуваа на говор на омраза, кој повикува на насилство, се одлучив да ја проверам нивната приказна.
Почнав со проверка на објавената фотографија на сервисот „Google Images“, кој како најдобро нагаѓање за фотографијата го посочи постерот за филмот „Нападот на луѓето марионети“ (1958). Откако прочитав за филмот, ми стана јасно дека постерот на филмот бил искористен како предлошка за фотомонтажата за која македонските медиуми тврдеа дека е леток кој повикува на политички митинг.
Но, дали фотомонтажата навистина била испечатена како леток? Дали навистина тој леток се делел на граѓани или бил лепен како постер на јавни места ширум Грција, како што сугерираа македонските медиуми? За да одговорам на овие прашања, се впуштив во потрага по изворот и авторот на контроверзната фотомонтажа.
Потрагата вроди со плод откако прочитав еден коментар на „Фејсбук“ во кој беше посочена следнава страница како „мајтап“ страница која ја објавила фотомонтажата – Ελληνο-Χριστιανικό Ethnostedon (Грчко-христијански етноседатив).
Од прегледот на страницата, и повеќето реакции на објавите, беше јасно дека на страницата се објавуваат контроверзни фотомонтажи кои можат да се подведат под рубриките „гротескен хумор“ и „социјална сатира“. Исто така, беше јасно дека на оваа страница се објавени многу повеќе фотомонтажи кои произлегуваат од фотошопирање на стари пропагандни постери. При прегледот на фотомонтажите можев да увидам дека контроверзните фотографии, кои ги споделија македонските медиуми (без да го наведат изворот), неодамна се објавени на оваа страница, но дека слични фотомонтажи со истата предлошка (стар пропаганден постер) биле објавувани и претходно.
На пример, на 11 март 2014 година била објавена следнава фотомонтажа (врз постерот од филмот како предлошка), која го карикира Самарас како заштитник од комунистичката закана.
Исто така, увидов дека претходно е објавена и друга контроверзна фотомонтажа (на 9 мај 2014!), слична на фотомонтажата која беше претставувана како леток за националистичкиот митинг во Солун, но со текст кој го карикира Самарас. (Предлошка и за оваа фотомонтажа е антиболшевички пропаганден постер кој се користел во Полска во 1921).
По прегледот на страницата, напишав приватна порака до уредниците на страницата, укажувајќи дека два од постерите објавени на страницата предизвикаа бурни реакции во Република Македонија, проследени со информации дека постерите биле дизајнирани за да мобилизираат протестанти на митинзи.
Добив ваков одговор:
Хумор преку претерување. Мислам дека е очигледно за Грците. Ние одлучуваме да покажуваме постери кои ги преакцентираат националистичките и религиозни тенденции, користејќи гротескна и старовремска позадина, со цел да ги деконструираме. Ние не сме националисти, ние само се шегуваме. Ви благодариме за интересот и извинете ако сте се почуствувале навредени. (линк до филмот „Нападот на луѓето марионети“).
И СО ХУМОРОТ СЕ ПРЕТЕРА?
Како да се објасни феноменот што многу од македонските медиуми воопшто не перципираа хумор во постерите, туку говор на омраза? Иако во дел од коментарите на социјалните мрежи имаше укажувања дека станува збор за “потсмевање кон екстремистите“ и дека „не се работи за реални постери“, туку за постери кои се направени за „тролање на националистите“ (па дури и за „пример на здрава иронија“), таквите коментари честопати беа пресретнати со неверување.
Како што укажа коментаторот Спирос Софос, можеби „проблемот е тоа што сме толку отуѓени едни од други како народи и индивидуи што сме подготвени да го очекуваме најлошото едни од други“.
А можеби поголемиот дел од проблемот лежи кај македонските медиуми кои ја проширија паранојата за грчките летоци со говор на омраза без да ја сработат својата домашна задача. А, нивна домашна задача е да го откријат изворот на фотомонтажата, да проверат дали навистина се работи за „летоци“ за митинг или фотомонтажи, и да се обидат да го протолкуваат контекстот и намерите на објавувачот, пред да почнат да шират непроверени шпекулации за „говор на омраза“ со кои се потпалуваат тензии, дискриминација и омраза.
Друго наравоучение од аферата со „летоците“ (всушност фотомонтажи и интернет мемиња) е дека е многу ризично мајтапењето со пропагандни постери во кои има елементи на пропаганда и омраза. Мајтапењето со пропагандни постери може да остане несфатено, да предизвика сериозни недоразбирања, па и да послужи како поттик за ширење на говор на омраза или параноја.
Ако парафразираме една мудра мисла од осуден сопственик на медиум „И со хуморот се претера“. За македонското „новинарство“ одамна знаеме дека не е имуно на националистички паранои и хушкања засновани на шпекулации. Се надеваме дека оваа афера со т.н. летоци ќе придонесе за јакнење на имунитетот на новинар(к)ите, што би подразбирало и нивно извинување до читателите за сите дезинформации во врска со „летоците“.