Во Прилеп поставена станица за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух 


Прилеп, 31 декември, 2018 - 13:01 (META) 

Денеска Прилеп доби мерна станица која ќе го покажува квалитетот на амбиенталниот воздух во градот.

„Мерната станица е поставена во центарот на градот, на зградата на Општина Прилеп. Со тоа е исполнето изборното ветување на градоначалникот Илија Јованоски дека граѓаните на Прилеп ќе имаат точни информации за загаденоста на воздухот. Со подетални информации за мерната станица, јавноста ќе биде запознаена веднаш после Новогодишните празници“, информираат од Општина Прилеп.


Град Скопје подготвува елаборати за загадувањето на воздухот – за догодина


Скопје, 17 декември, 2018 - 13:37 (META) 

Двете испитувања на загадувањето на амбиенталниот воздух од возилата и од греењето на домаќинствата, предвидени во Програмата за животна средина за 2018 година во Скопје, од кои треба да произлезат конкретни мерки за намалување на загадувањето, ќе бидат завршени следната година, информираат од Град Скопје.

„Испитувањата, реализирани во соработка со „Фармахем“ и со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип се во тек и се реализираат во фази. Досега е завршена првата (есенска) од предвидените четири фази, а преостанатите три ќе бидат реализирани во текот на следната година, по што ќе биде изработен и финален елаборат“, се вели во информацијата.

Испитувањата се вршат долж булеварот Илинден како пофреквентна сообраќајница и на улицата Аминта трети во близина на Министерството за земјоделство, како помалку фреквентна сообраќајница.

Во Програмата за животната средина за 2018 година стои дека првите испитувања биле направени во 2016/2017 година и дека за оваа година ќе се изврши семплирање и испитување на органски соединенија, тешки метали, азотни оксиди, сулфур двооксид, ПМ-10 и ПМ-2,5 на две крстосници во градот во текот на една година, нивна анализа во лабораторија, но и дека финалниот елаборат било предвидено да биде изработен годинава, за што биле одвоени три милиони денари од градскиот буџет.

Во Програмата за животна средина на Град Скопје за 2018 е наведено и дека во текот на грејната сезона 2016/2017 година биле извршени мерења на три различни локации во градот, две каде е доминантно греење со огревни дрва и една каде е доминантно греењето преку топлификациониот систем на Градот Скопје, но за да се потврдат заклучоците до кои е дојдено, потребно е да се направат дополнителни мерења во следната грејна сезона.

Ова испитување на амбиенталниот воздух преку семплирање на ПМ-10 и анализа на левоглукосанот во нивниот состав е започнато во 2018 година, според податоците добиени од информативната служба на Градот, се одвива според планираната динамика. Досега се собрани податоци за периодите лето и есен, а во наредниот период ќе се собираат податоци за зима и пролет, по што ќе има една временска целина која ќе биде предмет на компарации и анализи, се вели во информацијата од Град Скопје.

Градот соопшти дека за 2019 година е планирано е зголемување  на буџетот за заштита на животна средина, односно планирани 186 милиони денари, што претставува речиси 32 проценти во однос на буџетот за 2018 година во кој за овој сектор биле предвидени 141 милиони денари.


Водостојот на Вардар зголемен во однос на просекот за мај


Скопје, 16 мај, 2018 - 11:17 (META) 

По вчерашните врнежи, од УХМР информираат дека денеска водостојот на Вардар е зголемен во однос на вчера, но и во споредба со просекот за мај.

Најновите хидролошки мерења покажуваат дека кај Јегуновце нивото на Вардар е зголемено за 46 сантиметри, кај Зајчев Рид за 16 сантиметри и кај Велес за 19 сантиметри.

Над просекот за мај зголемени се и водостоите на Вардар кај Демир Капија, на Пчиња кај Катлановска Бања, а пониски се нивоата на Треска, Крива Река, Брегалница, Црна Река и Сатеска.

Кај езерата денеска нема промени во споредба со вчерашниот ден.


ДОМ: Менувањето на правилникот за квалитет на водите е скандалозно


Скопје, 14 јули, 2016 - 13:06 (META) 

Туризмот во Дојран е важен, но не повеќе од здравјето на жителите и на туристите, реагираат од ДОМ на менувањето на правилникот за мерење на квалитетот на водите.

Од партијата велат дека со менувањето на правилникот со кое се зголемува бројот на дозволени фекални бактерии во видите, Министерството за здравство само потврдува дека водата е загадена.

ДОМ бара од локалната власт во Дојран да ја почитува забраната за капење на неколку плажи.

„За брзо расчистување на дилемите во јавноста, препорачливо би било формирање на стручна комисија во мешан состав (претставници од Министерството за здравство, академската сфера, локалната власт и граѓанскиот сектор). Таа комисија може за кратко време да направи увид во состојбата на терен и да предложи ургентни мерки. Наместо чудење и негирање на резултатите од анализите, локалната власт треба итно да преземе конкретни и сериозни мерки за подобрување на квалитетот на водата во Дојранското Езеро“, велат од ДОМ.

Како мерки тие предлагаат да се санираат грешките направени при монтажата и при одржувањето на колекторскиот систем, да се отстранат дивите канализациски цевки кои се испуштаат директно во езерото и се извор на загадување, да се исчисти крајбрежниот појас од наталожена мил, изгниени трски и од друг биолошки материјал, кој го задушува еко-системот и да се постават аератори во езерото, кои ќе внесуваат кислород и ќе ги помогнат позитивните хемиски реакции, запирајќи ги негативните што се одвиваат во анаеробни услови.


„Блумберг“: Путин ќе направи своја агенција за мерење на кредитни рејтинзи


Москва, 18 март, 2016 - 16:20 (META) 

Русија формираше сопствена бонитет-агенција, бидејќи големите странски агенции за мерење на кредитни рејтинзи почнаа да се повлекуваат од таа земја, пренесува њујоршката агенција „Блумберг.“

Во претходните три недели, „Муди“ (Moody’s Investors Service Inc) и „Фич“ (Fitch Ratings Ltd) соопштиле дека попрво ќе престанат да издаваат рејтинзи во Русија, отколку нивните разграноци во Москва да ги регулира руската влада.

„Стандард енд пурс“ соопштиле дека разговараат со руската централна банка за тоа како да продолжат со работа под новите правила.

Странските кредитни агенции се под притисок во Русија, бидејќи намалувањето на рејтингот на рускиот долг под ниво кое не е ризично, минатата година беше осудено како политички мотивирано, наведува „Блумберг“.

 


Утре почнува мерењето на загаденоста на воздухот во Битола


Битола, 11 декември, 2014 - 19:42 (META) 

Од утре почнува мерењето на загаденоста на воздухот во Битола, кое ќе трае две недели.

Според здружението „За нас се работи“, испитувањето ќе го прави приватната лабораторија „Фармахем“, а ќе се мери квалитетот на амбиенталниот воздух во центарот на градот, каде речиси три години е надвор од употреба мерната станица Битола -2.

– Утре ќе се знае каде ќе биде поставена мобилната мерна станица. Во соработка со лабораторијата, избрани се неколку локации, но чекаме одговор од Општината дали ќе дозволи да се постави на општинско земјиште. Ако не дозволи, ќе ја сместиме на приватен имот и мерењето ќе почне. Здружението на свој трошок ќе го прави испитувањето бидејќи досега на нашето барање Општината да обезбеди средства, не наидовме на позитивен одговор – изјави Горан Пинза од здружението за „За нас се работи“.

Мерењето на квалитетот на воздухот во Битола, според најавите, ќе чини околу 4.000 евра.

А.Б.