Скопје се разбуди во магла и со високо ниво на аерозагадување

Според рангирањето на IQ Air, Скопје утрово е 9-тиот најзагаден град во светот, индексот на аерозагадување US AQI во Скопје утрово е 159, а воздухот е означен како нездрав

Маглив ден во Скопје и високо ниво на аерозагадување, 20 декември 2023 година; Фото: Мета.мк

Главниот град утрово се разбуди во магла, а граѓаните се соочени со високо ниво на аерозагадување. Најзагаден воздух утрово во Скопје се дише во центарот на градот, каде мерната станица во 10 часот утрово измерила многу високо ниво на загадување – концентрации на ПМ-10 честички од дури 189,51 микрограми на метар кубен. Инаку, дозволената концентрација во воздухот на овие честички е 50 микрограми на метар кубен.

Утрово нема податоци за концентрациите на ПМ-10 честички на мерните станици Лисиче и Ректорат, наведено е на сајтот на Државниот Автоматски Мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух на Министерството за животна средина. Мобилната станица во Ѓорче Петров утрово се регистрирани концентрации од 118,57 микрограми на метар кубен на ПМ-10 честички.

Според рангирањето на IQ Air, Скопје утрово е 9-тиот најзагаден град во светот, индексот на аерозагадување US AQI во Скопје утрово е 159, а воздухот е означен како нездрав. Присуството на ПМ-2.5 честички во воздухот утрово е 71,7 микрограми на метар кубен, иако максимално дозволените среднодневни вредности треба да бидат до 25 микрограми на метар кубен.

Со ваквиот нездрав воздух, Скопје денеска е во неславно друштво со градовите Лахоре, Сараево, Њу Делхи, Акра, Вухан, Приштина, Кувајт, Багдад и Белград на листата на IQ Air на најзагадени градови во светот.

Аерозагадувањето во Скопје и во текот на вчерашниот ден беше над максимално дозволените граници. Државниот Автоматски Мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух на Министерството за животна средина и за вчерашниот ден регистрираше низок квалитет на воздухот.

Дневните концентрации на ПМ-10 честички во воздухот за 19 декември изнесувале 134 микрограми на метар кубен на мерната станица во Центар, 117,4 во Гази Баба, 106,7 во Ѓорче Петров, 75,4 во Миладиновци, но нема податоци за мерната станица Лисиче.

Исто така, на оваа веб-страница на Министерството за животна средина е наведено дека има надминување на среднодневната гранична вредност за ПМ-10 честички за 18 декември на локациите Центар (88,04 µg/m3), Гази Баба (82,28 µg/m3) и Карпош (76,39 µg/m3).

Воедно, треба да се посочи дека во Македонија деновиве има и градови кои имаат повисоки концентрации на загадувачки честички во воздухот од Скопје. Па така, на Тетово имало најзагаден воздух на 18 декември со концентрации на ПМ-10 честички од 140 микрограми на метар кубен. Над 100 микрограми на метар кубен се регистрирани и во градовите Кавадарци, Прилеп, Струмица и Кичево, а надминувања на дозволените граници на ПМ-10 честички имало и во Охрид, Берово и Гостивар.

Инаку, на веб-страницата на Државниот Автоматски Мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух се објавени препораките до граѓаните во случај на надминување на прагот на информирање за присуството на ПМ-10 честички во воздухот за два последователни дена со концентрации над 100 микрограми на метар кубен.

Па така, во услови на ваков нечист воздух граѓаните е препорачливо да користат јавен превоз, а возилата да не се користат без поголема потреба. Истовремено, повеќе лица е препорачиво да споделуваат превоз со едно возило.

Покрај транспортот, се препорачува да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материјал. Министерството има објавено и посебна брошура за правилно користење на печките за дрва.

Истовремено, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје на РМ препорачуваат ограничени движења и активности на отворен простор на најранливата популација (деца, стари лица, болни од хоронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма), но и за лицата кои својот професионален ангажман го обавуваат на отворен простор во загадените зони на градот.

Инаку, моменталните концентрации на загадувачките супстанци дозволуваат да стапат во сила единствено препораките до граѓаните. За да се вклучат мерките на сила, неопходно е прагот на алармирање за присуството на ПМ-10 честички во воздухот да биде над 150 микрограми на метар кубен во текот на два последователни дена.

Прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) не е оптимистична во однос на расчистувањето на смогот кој го зафати небото над Скопје. Времето денеска ќе биде во претпладневните часови магливо, додека преку денот ќе биде умерено облачно и тивко без ветер.

Надеж за намалување на многу високите концентрации на загадувачки супстанци во воздухот носи утрешниот ден, кога прогнозата вели дека ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец, додека за петок се предвидени и врнежи од дожд и снег на планините.

Еколошките граѓански организации бараат аерозагадувањето да биде на врвот на агендата на институциите, како и сите пари што се собираат од граѓаните преку еколошките такси да се насочат токму во финансирање на овие проекти.

Според Ана Чоловиќ-Лешоска, извршна директорка на „Еко свест“, за Мета.мк вели дека институциите мора да имаат поголема транспарентност и да споделат со јавноста што прават по прашањето за аерозагадувањето. Граѓанскиот сектор може само да даде препораки, но институциите се тие што мора да ги применат.

„Секоја година го кажуваме истото, потребно е буџетот за животна средина да се зголеми, а тоа значи сите еколошки такси кои влегуваат во буџетот да се искористат  за проекти за подобрување на животната средина и зачувување на човековото здравје преку намалување на загадувањето. Заради тоа и долги години дискутираме дека мора да формираме Фонд за животна средина каде ќе се влеат средствата од еколошките такси и дека со него треба да управува Агенција за животна средина за да видиме реална имплементација и поместување на ова поле“, вели Чоловиќ -Лешоска.