!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Македонски Австралиец убиен во ресторан во Мелбурн, напаѓачите избегале


Мелбурн, 9 септември, 2017 - 20:16 (META) 

Дени Димовски (31) е избоден до смрт во тепачка на забава во еден ресторан во западниот дел на Мелбурн, Австралија, јавуваат австралиските медиуми.

Несреќниот настан се случил во ресторанот „Корзо грил“ во Каролин Спрингс, во раните утрински часови во саботата. Полицијата соопшти дека групата избегала од местото на настанот. Групата заминала пеш од македонскиот ресторан откако жртвата била прободена неколкупати, но се верувало дека имало неколку автомобили во близина.

Димовски починал веднаш откако бил пренесен во болница.

Сопствениците на ресторанот, Џим и Јасмина Рибаровски, изјавиле дека Димовски бил редовен гостин во нивниот ресторан.


Авион се урна во трговски центар во Мелбурн, пет лица загинаа


Мелбурн, 21 февруари, 2017 - 10:29 (META) 

Мал авион „бичкрафт“, во кој имало пет лица, се урна во трговски центар во близина на аеродромот „Есендон“ во Мелбурн.

Агенцијата АФП пренесе дека од местото каде што се урнал авионот се издигнува густ црн чад. Трговскиот центар не бил отворен кога се случила несреќата.

Австралиските власти не го соопштуваат точниот број на загинати, но потврдија дека во леталото што полетало од „Есендон“ кон островот Кинг имало пет лица.


Резолуција на Македонците од Мелбурн до претседателот Иванов


Мелбурн, 24 јануари, 2017 - 17:11 (META) 

Македонците од Мелбурн и од Викторија денеска испратија резолуција до претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, во која се наведува дека со голема загриженост ја следат политичката постизборна состојба во Македонија затоа што наместо решение за политичката криза, земјата навлегува во подлабока и неизвесна политичка иднина.

„Бараме од Вас безусловно да го штитите и да го спроведувате Уставот на Република Македонија, кој е лицето и стремежот на македонскиот народ низ вековите наназад. Бараме целосно да се отфрли албанското малцинство да биде државотворен народ на Македонија, албанскиот да биде втор официјален јазик на Македонија, каков било разговор за грбот, химната, знамето и за името на Македонија“, се вели во резолуцијата.

Македонците од Мелбурн бараат итно да се спроведе попис на населението на Македонија и во иднина да се прекинат какви било договори со странски олеснувачи или амбасадори на држави во Република Македонија.

Тие искажуваат жалење што двете водечки македонски политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, со освоени 100 пратенички мандати, од 120, не можат да најдат заедничко национално решение што ќе ги обележи и зацврсти македонските национални интереси.


Владиката Петар, во Мелбурн, повикан на разговор во полиција


Мелбурн, 17 август, 2016 - 12:30 (META) 

Надлежниот митрополит на Австралиско-новозеландската епархија, Владиката Петар утрово бил приведен и повикан на информативен разговор во полицијата во Мелбурн, пренесе Религија.мк.

Двајца детективи од одделот за криминологија на полицијата во Викторија го посетиле домот каде престојува владиката, а по краток разговор го повикале во полициска станица.

Од МПЦ засега нема никаков коментар и официјален став. За веста слушнале од медиумите, но додека не добијат официјална потврда не сакаат да даваат какви било коментари.


Балкански фестивал на народни песни и игри во Охрид


Охрид, 7 јули, 2016 - 11:36 (META) 

Од денеска па сè до 10 јули, на отворената сцена Долни сарај во Охрид ќе се одржува јубилејното, 55. издание на Балканскиот фестивал на народни песни и игри.

Свеченото отворање ќе биде со настап на „Танец“, со почеток во 21 часот.

На 8 јули, настап ќе има ансамблот „Александар Трети Македонски“ од Мелбурн – Австралија, како и ансамблот „Гоце Делчев“ од Битола.

На 9 јули настап ќе имаат ансамбл од Турција, ансамблот „Китка“ од Истибање, Македонија, и ансамблот „Македонски бисери“ од Австралија.

Директорот на Ансамблот за народни песни и игри на Македонија „Танец“, Зоран Џорлев, вели дека годинава на фестивалот ќе бидат „вратени“ некои народни ора, кои публиката ги бара.

Затворањето на фестивалот ќе биде в недела, на 10 јули, со настапот на ансамблот „Пловдив“ од Бугарија, ансамблот „Искра“ од Црна Гора и на КУД „Отексфолк“ од Охрид.


Пожар во македонската црква „Свети Никола“ во Мелбурн


Мелбурн, 30 јануари, 2016 - 11:28 (META) 

Во македонската црква „Свети Никола“ во Престон, Мелбурн, Австралија, денеска во 12.30 часот по австралиско време избил пожар. Причинета е материјална штета, а повредени нема, пишува „Фаланга“.

Пожарот, според зборовите на член од противпожаната служба, почнал од струјомерот во црковната зграда.

Во моментот кога почнал пожарот, на првиот кат престојувал монахот Никодим Солунчев и спас од огнената стихија побарал преку прозорецот, па скокнал во рацете на неколку полицајци кои се нашле таму во тој момент.

Пожарот е изгаснат и според процените, причинета е материјална штета која надминува 100.000 долари.


Македонците од Австралија собраа 90.000 австралиски долари за поплавените во Македонија


Мелбурн, 20 март, 2015 - 15:15 (META) 

На донаторската акција во организација на Амбасадата на Македонија во Канбера и на Генералниот конзулат во Мелбурн за поплавените подрачја во Република Македонија, собрани се околу 90.000 австралиски долари.

Како што соопштија од македонскиот конзулат во Мелбурн, во акцијата иницирана од неколку македонски иселеници, со свои прилози на посебната сметка за донации се вклучија сите здруженија, клубови и индивидуални лица. Спроведена е со координација на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во Австралија, а се реализира преку голем број културни и спортски настани, донаторски вечери и медиумска промоција во сите поголеми градови каде живеат Македонците.

Според амбасадорот Веле Трпевски, освен сумата која е собрана, многу е значајно да се истакне дека по повеќе години на поделби, недоразбирања и на недоверба, македонската заедница се обедини околу една кауза, една хуманитарна цел, во која се вклучија повеќе од 90 проценти од сите здруженија, клубови и медиуми на македонски јазик во Австралија.


Алонсо нема да вози во Мелбурн


Мелбурн, 3 март, 2015 - 15:50 (META) 

Фернандо Алонсо нема да вози на првата трка од новата сезона во Формула 1 во Мелбурн, а на негово место во болидод ќе седне тест-возачот Кевин Магнусен, соопштија од Мекларен-Хонда.
Докторите во Шпанија не востановиле никаква повреда, ниту потрес на мозокот, но тие му препорачале и понатаму да мирува бидејќи останал без свест при излетувањето во Барселона на 22 февруари.

Според соопштението за медиумите, и покрај тоа што докторите во Шпанија не востановија никаква повреда, ниту потрес на мозокот, тој вчера бил подложен на нова серија тестови и снимања, со што бил ослободен како без симптоми за некој проблем, но фактот дека останал без свест, упатува на понатамошно мирување.

Новиот шампионат во Формула 1 почнува на 15 март со трката за Големата награда на Австралија, а според најавите, Алонсо треба да биде подготвен да седне во болидот на 29 март, на трката за Големата награда на Малезија во Сепанг.


Тимотеј: Работиме на надминување на недовербата


Мелбурн, 3 февруари, 2015 - 12:27 (META) 

Во функција на надминување на 16-годишниот спор, митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, владиката Тимотеј, по 20 години „австралиски пост“, деновиве повторно престојува на потконтинентот, во обид за надминување на недоразбирањата што владиката Петар ги има со некои македонски црковни општини.

Во интервју за австралиското радио СБС, владиката Тимотеј вели дека таму е со одредена должност, да биде администратор на неколку македонски црковни општини кои сега се организираат под надлежност на Светиот архиерејски синод (САС) на МПЦ-ОА.

– Се сретнав со претставници на најголем дел македонските црковни општини под ингеренција на САС на МПЦ, со кои се поставија темелите на една нова епархија на МПЦ. Наскоро и оваа епархија ќе почне да работи според каноните на МПЦ. Очекувам дека САС ќе ја прифати оваа одлука и покрај тоа што, можеби, ќе има некакви забелешки од некого. Тука долго време има една недоверба меѓу црковните општини и синодот. Ќе треба време таа изгубена доверба да се врати и пак сите македонски црковни општини да се зближат и да се соединат. Се надевам дека тоа соединување ќе се случи наскоро. На тој план се трудам да направам колку што можам повеќе во интерес на МПЦ. Со митрополитот Петар сме членови на едно тело, на САС, и ако таму можеме да соработуваме, не гледам зошто да не соработуваме и тука, на австралиски терен. Најдобро би било тие делби и поделби да ги нема – вели Тимотеј во интервјуто за австралиското државно радио СБС од Мелбурн, програма на македонски јазик.


Божикен ручек, подарок од македонските иселеници во Австралија


Охрид, 8 јануари, 2015 - 9:56 (META) 

Македонските иселеници во Австралија, собрани околу охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски“, со седиште во Мелбурн, направија хуман гест, организирајќи божикен ручек за згрижените лица во Одделението за геријатрија при Општа болница во Охрид.

Тие поминаа неколку убави часови во празнична и весела атмосфера, додека за убавото расположение придонесоа и членовите на ансамблот „Билјана јуниор“, кои ги пееја познатите староградски рефрени и кои ги посетија и оние згрижени лица кои не беа во можност да ги напуштат своите соби.

– И претходно, неколкупати, иселениците донирале ортопедски помагала за одделението, душеци, чаршафи, машина за перење алишта, собраа средства за реновирање на дел од собите каде беше поставен ламинат – вели за „Охрид њуз“, Лазар Стојчески, вработен во одделението.

На згрижените лица телефонски, од Мелбурн, им се обрати претседателот на друштвото „Св. Наум Охридски“, Васко Ангелески, кој им посака добро здравје и уште многу години да се слави празникот. Тој искажа благодарност кон персоналот на геријатриското одделение, но и кон триесетината донатори, Македонци и Албанци, членови и активисти на социјалното друштво од Мелбурн, Австралија.

Оттаму, истовремено, најавија донации и во наредниот период, меѓу кои ќе биде и реновирањето и изградбата на уште 50 соби и апартмани за потребите на охридското одделение, инвестиција која би се реализирала со заеднички средства на членовите на сите македонски здруженија во Мелбурн, Австралија.