fbpx

Бурна биографија на „боемот“ Борис Трајков, обвинет за проневера во Мелбурн

-

Медиум на македонски јазик во Австралија, Борис Трајков го нарекува „боем“ и „плејбој“. Австралиската државна телевизија „Еј-би-си“, пак, со него се занимава како осомничен за проневери вредни милиони австралиски долари, како човек уапсен во јануари годинава поради одгледување значителни количества марихуана, како човек што крадел струја додека бил пуштен на слобода со кауција… Австралискиот новинар со македонско потекло, Саша Узунов, пак, на својот блог подолго време наназад вади по некој интересен детаљ и Трајков го нарекува „соработник на пројугословенските структури во тогашна Социјалистичка Република Македонија и тогашна СФРЈ“.

Поранешниот новинар Борис Трајков (76) вчера го привлече вниманието на јавноста во Република Македонија и на Македонците низ светот поради судскиот процес за проневера на пари од Викториската мултиетничка славјанска добротворна асоцијација (Victorian Multiethnic Slavic Welfare Association), која им помагала на остарените мигранти од просторите на поранешна Југославија, а раководела и со детска градинка во мелбурнското предградие Лелор. Таа завршува во стечај во 2016 година и оттогаш почнува да се расплеткува клопчето кое стасува до 3,5 милиони австралиски долари на кои им се губи трагата.

Според тоа што го пренесува веб-страницата на австралиската „Еј-би-си“, во текстот за обвинението против Борис Трајков во февруари годинава, тој и неговата сопруга се доселиле во Австралија во 1967 година и тој набргу станува интересен за АСИО – австралиската тајна служба за контраразузнавање. Во неговото досие, отворено од контраразузнавачите во 1971 година, потоа се додадени и различни полициски документи од претходниот период, кои зборуваат за негово активирање на полето на криминалот.

Така, една полициска белешка од 1968 година содржи наводи дека во неговото кафуле се одвива нелегално коцкање. Друга белешка од полицијата на сојузната држава Викторија од 1969 година вели дека во неговото кафуле „чести гости се крадци и бандити“, а за Трајков се вели дека е без работа и во неговиот локал прибира личности со сомнителен морал.

Неговиот интерес за угостителството не запира, па го отвора ресторанот „Голден грил“, а во поново време тој е сопственик во сенка на ресторанот „Њу Јуроп“ во мелбурншкото северно предградие Престон, каде што многу често има настапи на музичари и на групи од Македонија. Во октомври 2015 година, двајца членови на мотоциклистичката банда Команчерос испукале два куршума во плафонот на ресторанот, кој пак минатата година беше опожарен.

Според „Еј-би-си“, на Борис Трајков му се закануваат и други обвиненија, вклучувајќи стекнување имот со измама, користење лажни документи при аплицирање за кредитни картички во август минатата година, а исто така на суд било посведочено дека двапати на полицајците им се претставувал со лажен идентитет кога бил испрашуван поради неговото возење.

Тој, инаку, бил цел на АСИО во седумдесетите и во осумдесетите години на минатиот век поради неговите блиски врски со југословенските дипломати. Од 1975 година до 2000 година бил спикер и новинар на австралиското државно мултиетничко радио „Си-би-ес“.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Измислена изјава на Фон дер Лајен пласирана како вистинска

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, на 15 април 2024 година никаде на изјавила дека во наредните 15 години најверојатно ќе нема проширување на ЕУ. Вакво нешто таа нема изјавено...