!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Германско МНР: Неумесна е изјавата на Иванов за амбасадорката Алтхаузер


Скопје, 18 мај, 2017 - 12:24 (META) 

Германското Министерството за надворешни работи денеска ја оцени како неумесна изјавата на претседателот Ѓорге Иванов дека амбасадорката на Германија, Кристине Алтхаузер, пренесува лажни информации во Берлин.

„Се радуваме што претседателот Иванов по долго размислување дојде до вистинска одлука и се откажа од ставот на блокирање. Обвинувањата упатени кон германски дипломати и кон други пријателски држави се неумесни. Како што е познато, проценките кои ѝ се пренесуваат на земјата – домаќин, секогаш се договараат во тесна координација меѓу Министерството за надворешни работи и Амбасадата“, стои во реакцијата на германското МНР.

Инаку, германската амбасадорка Кристине Алтхаузер прашана за коментар на изјавата на Иванов, денеска изјави дека лично има одлични професионални односи со претседателот и дека нејзината работа е високо ценета во Берлин.

– Лично имам одлични професионални односи со претседателот, како и со другите политичари во оваа земја. Мојата работа е високо ценета во Берлин, од министерот за надворешни работи и од канцеларот и сум во постојан контакт со властите во Берлин – изјави Алтхазуер, која денеска присуствуваше на конференцијата за соработка меѓу Вишеградската група и земјите од Западен Балкан, што се одржа во Скопје.

Таа не сакаше да коментира повеќе околу изјавата на Иванов и само ја сподели изреката „Колку повеќе непријатели, толку поголема чест за мене“.

Претседателот Иванов обвини дека амбасадорката испраќала лажни вести во Берлин, поради што, наводно, германската канцеларка морала да се извинува за неточните информации што ги добивала од Скопје.


Алтхаузер: Кризата трае долго и е длабока, очекуваме формирање функционална влада


Скопје, 27 април, 2017 - 12:52 (META) 

Меѓународната заедница очекува формирање функционална влада која ќе се посвети на спроведување на итните реформи за евроинтеграциите, истакна германската амбасадорка Кристине Алтхаузер на Меѓународната конференција „Добри практики за обука во земјите членки на ЕУ“, која се одржа во Секретаријатот за европски прашања.

– Кризата во Македонија трае долго и е длабока. Поминаа четири месеци од изборите, па сите, и меѓународната заедница очекуваат да се формира влада, но прво треба да се избере спикер во Собранието. Приоритет во процесот на пристапување кон ЕУ се реформите, кои треба интензивно да се спроведуваат, а за тоа е потребна функционална влада. Тоа е она што го чекаме – рече Алхаузер, одговарајќи на новинарско прашање.

Според вицепремиерот за евроинтеграции, Арбер Адеми, кризата трае предолго и од политичка прерасна во институционална криза.

– Очекуваме да се најде решение за кризата, бидејќи проектите и реформите мора да се реализираат. Политичката криза мора да се реши, а институциите да профункционираат оти нема друга алтернатива – рече Адеми.


Груевски на амбасадорите им рекол дека изборите се најбрз начин за излез од кризата


Скопје, 25 април, 2017 - 19:17 (META) 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска со амбасадорите на Германија, Велика Британија, Шведска и на Холандија, Кристине Алтхаузер, Чарлс Гарет, Матс Стафансон и Ваутер Пломп, разговарал за актуелната политичка состојба, за позициите и за ставовите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на нејзино надминување.

На средбата, на која присуствувале и членовите на извршниот комитет на партијата, Никола Попоски, Никола Тодоров и Владимир Ѓорчев, Груевски на амбасадорите им соопштил дека „најдобар и најбрз начин да се излезе од политичката криза е спроведување на предвремени парламентарни избори заедно со редовните локални избори“.

Во однос на дебатата во Собранието, од ВМРО-ДПМНЕ било истакнато дека партијата ги користи сите законски и деловнички можности за искажување на сопствените ставови и позиции.

„Ништо нема незаконски и нема ништо што досега не се случило во минатото во Македонија, низ Европа и во светот, практично тоа е начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ го изразува револтот од прифаќањето и од наметнувањето на тиранската платформа“, стои во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ ги информирал амбасадорите дека во јануари, за време на разговорите со ДУИ за коалицирање, партијата истакнала дека нема да преговара за албанската платформа и оти потоа разговорите се фокусирале на унапредување на користењето на јазиците на немнозинските заедници во општините каде тие се повеќе од 20 отсто.

Од партијата нагласиле дека „е потребен дијалог и дебата, во рамките на институциите за поместување на работите, и организирање избори за излез од кризата“.

Претходно, амбасадорската четврока на 19 април имаше средба со лидерот на СДСМ, Зоран Заев.


Алтхаузер: Парламентот треба самиот да се организира и да избере влада


Скопје, 11 април, 2017 - 16:16 (META) 

Германската амбасадорка Кристине Алтхаузер денеска оцени дека постои решение за политичката криза во Македонија, но оти е потребно тоа да се имплементира.

– Решението за политичката криза во Македонија е на маса. Потребна е политичка волја за тоа да биде спроведено, Собранието да биде оперативно, самото да се организира, да избере претседател, а потоа да се избере и влада која ќе може да дејствува. Тоа е редоследот, возниот ред, не само за доброто на политиката, туку и за доброто на сите, економијата, општеството, граѓаните – изјави Алтхаузер на денешната прес-конференција на Македонско-германското стопанско здружение, на која беа презентирани резултатите од работењето во изминатата година.

Сепак, таа вели дека задоцнето е решението на кризата во однос на економијата.

– Предвремените парламентарни избори се одржаа пред четири месеци. Сите анализи покажуваат дека кризата негативно се одразува врз стопанството, забележан е пад на порастот на БДП, зголемен е фискалниот притисок, сè поголеми се несигурноста и неизвесноста во приватниот сектор, се намалуваат инвестициите, а негативен е и порастот на одобрување на кредитите – посочи амбасадорката Алтхаузер.


Кристине Алтхаузер во Тетово: Прво влада, па чиста вода и воздух


Тетово, 21 март, 2017 - 15:53 (META) 

„Сметам дека многу важно во овој момент е да се состави влада и потоа да се почне со најважните проблеми што ги засегнуваат сите луѓе, а тоа се чиста вода и воздух“, одговори германската амбасадорка Кристине Алтхаузер на новинарско прашање за политичката ситуација, на промоцијата на проектот „Градско дрво“ денеска во Тетово.

На настанот присуствуваше и потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи, која за денешната посета на еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, изјави дека „ваквите посети се секогаш позитивни и во насока на функционирање на институциите“.

Таа додаде дека парламентот има право да го доврши процесот на самоконституција.

–  Очекувам денешната координација на праламентарните групи во Собранието да има добар тек и добро да заврши. Секоја институција, вклучувајќи го тука и Собранието, во кое има едно парламентарно мнозинство, има право да го доврши процесот на самоконституција и на избор на претседател. Пораките на претставниците од ЕУ секогаш се во насока на функционирање на институциите, и ние ќе ги сослушаме со должно внимание – рече Арифи.


Нухиу: МВР има капацитет за одржување на јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните


Скопје, 16 март, 2017 - 18:11 (META) 

Министерството за внатрешни работи има капацитети и е максимално посветено на одржувањето на јавниот ред и мир и на безбедноста и сигурноста на граѓаните. Ова, осврнувајќи се на актуелната ситуација во земјава, денеска го истакнал министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, на средбата со претставниците на комисијата за избори, имунитет и деловничко уредување на германскиот Бундестаг, придружувани од амбасадорката на Германија во Македонија, Кристине Алтхазуер.

На средбата двете страни ја нагласиле успешната соработка помеѓу двете земји и изразиле подготвеност за нејзино продлабочување и за интензивирање во иднина.

„Министерот Нухиу, воедно, изрази и благодарност за поддршката која ја добиваме од Сојузна Република Германија, како од аспект на материјално-техничка опрема, така и од аспект на организирање на разни обуки и усовршување во различни области од полициското работење. Претставниците на Бундестагот истакнаа дека соработката и партнерството со Република Македонија ќе бидат продлабочени и интензивирани и во иднина, заради евро-атлантска интеграција на земјата“, стои во соопштението на МВР за средбата.


Алтхаузер – Нухиу: Создавањето правна држава е главен столб за развој


Скопје, 6 февруари, 2017 - 11:41 (META) 

Германската влада на Министерството за внатрешни работи на Македонија му донираше опрема за потребите на граничната полиција. Договорот за примопредавање на опремата денеска во МВР го потпишаа министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, и амбасадорката на Германија во земјава, Кристине Алтхаузер.

Станува збор за донација вредна 60.000 евра, а која се состои од четири возила од марката „дачија дастер“ за граничната полиција.

По тој повод, министерот Нухиу истакна дека донацијата ќе ги зајакне капацитетите на граничната полиција во справувањето со предизвиците и дека интензивните реформски зафати што се одвиваат во полицијата се должат на партнерството и на помошта што МВР ја добива од повеќе европски земји, меѓу кои и Германија.

Германската амбасадорка изјави дека возилата се симбол на соработката меѓу двете земји, односно меѓу германската сојузна полиција и македонската гранична полиција.

Алтхаузер нагласи дека во краткиот разговор што го имале со министерот Нухиу, главна тема било создавањето правна држава како главен столб за развојот на земјата.

Таа рече дека опремата што денеска беше донирана на МВР е дел од планот мерки договорен меѓу германската сојузна полиција и македонската гранична полиција за 2017 година.

– Покрај техничката опрема, договорот, исто така, опфаќа и обука за проверка на документи, обука на возачи, гранича контрола, обработка и анализа и безбедност на воздушниот сообраќај. Оваа година ќе се спроведат вкупно седум обуки на граничната полиција во Германија – рече Алтхаузер.


Величковски и Алтхаузер разговарале за актуелната политичка состојба во земјава


Скопје, 19 јануари, 2017 - 15:15 (META) 

Претседателот на Либералната партија, Ивон Величковски, денеска имал средба со амбасадорката на Германија во Скопје, Кристине Алтхаузер, на која било разговарано за политичката состојба во земјава по изборите.

„Беше разгледана политичката состојба во земјата, за која претседателот Величковски оцени дека фокусот треба да биде ставен на оспособувањето и на веродостојноста на институциите по изборите од 11 декември“, стои во соопштението од ЛП за средбата.


Ахмети – Алтхаузер: Една од опциите е повторување на изборите


Скопје, 16 јануари, 2017 - 18:24 (META) 

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, денеска во Скопје се сретна со амбасадорката на Германија во Македонија, Кристине Алтхаузер, со која разговарал за политичката ситуација во земјата и за очекувањата од создавањето на новата влада по изборите.

„Ахмети ги објасни опциите за кои во ДУИ се развива отворена и конструктивна дебата, тие вклучуваат коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, со СДСМ, широка владина коалиција, да останат во опозиција, како и повторување на изборите“, велат од ДУИ.

Ахмети ја нагласил потребата за поддршка од Германија во евроатланската интеграција и за развивање на реформите во земјата. Лидерот на ДУИ истакнал дека албанскиот јазик, системските реформи и интеграцијата во НАТО и во ЕУ ќе останат апсолутен приоритет за ДУИ.


Заев – Алтхаузер: Реформи во судскиот систем и СЈО целосно да си ја заврши работата


Скопје, 11 јануари, 2017 - 16:21 (META) 

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорката на Германија во Македонија, Кристине Алтхаузер.

Тие разговарале за потребата од продолжување на демократските процеси во Македонија и за формирање нова и силна Влада, посветена на реформските приоритети.

На средбата, како клучни биле посочени препораките во извештаите на Европската комисија и на Рајнхард Прибе.

Заев и Алтхаузер разговарале и за потребата од реформа на судскиот систем, според најдобрите практики во регионот и во светот, како и околу потребата Специјалното јавно обвинителстви целосно да ја заврши својата работа, за да се обезбеди функционирање на правдата и на правната држава во земјава.