Алтхаузер: Пратениците да го поддржат СЈО и да овозможат еднаква правда за сите

Претставниците на граѓаните во парламентот да ги поддржат напорите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и да овозможат еднаква правда за сите, порача денеска германската амбасадорка во земјава, Кристине Алтхаузер, која учествуваше на завршната конференција од проектот „Поддршка за ефикасна превенција и борба против корупцијата“, во организација на Државна комисија за спречување на корупција.

Алтхаузер истана дека „во оваа насока е важно политичкото лидерство да донесе одлука“.

„Судството е дел од овој ендемски предизвик, правната отчетност претставува основен дел од демократијата и од владеењето на правото. Без тоа не може да постои трајно решение на кризата. Обвинителскиот систем треба да работи во интерес на граѓаните, а тоа значи да ги санкционира сторителите и да заплени незаконски стекнат имот“, изјави германската амбасадорка.

Евроабасадорот Самуел Жбогар истакна дека напредокот на земјава е можен само доколку сите важни општествени групи и поединци ѝ кажат „не“ на корпуцијата, што е едно од главните барања за пристапување кон Европската Унија.

– Напредок на земјата е можен само ако сите важни општествени групи и поединци ѝ кажат „не“ на корпуцијата и останат будни за неа, само доколку политичарите објават нулта толеранција кон корупцијата, корупциските практики и коруптивното работење, а првата можност за тоа е формирањето на кандидатската листа за пратеници за претстојните парламентарни избори… Борбата против корупцијата е едно од главните барања за пристапување кон ЕУ. Скорешните извештаи покажуваат дека земјите-кандидатки страдаат од слаб капацитет и од недоволна независност на судството, на институциите и на органите за спроведување на законите, на слободата на медиумите и им попречуваат на напорите за спречување на корупцијата – посочи Жбогар.

Претседателот на антикорупциската комисија, Игор Тантуровски, рече дека постапуваат и ќе продолжат да постапуваат по предметите што СЈО ќе ги достави до нив.