Германската влада на Министерството за внатрешни работи на Македонија му донираше опрема за потребите на граничната полиција. Договорот за примопредавање на опремата денеска во МВР го потпишаа министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, и амбасадорката на Германија во земјава, Кристине Алтхаузер.

Станува збор за донација вредна 60.000 евра, а која се состои од четири возила од марката „дачија дастер“ за граничната полиција.

По тој повод, министерот Нухиу истакна дека донацијата ќе ги зајакне капацитетите на граничната полиција во справувањето со предизвиците и дека интензивните реформски зафати што се одвиваат во полицијата се должат на партнерството и на помошта што МВР ја добива од повеќе европски земји, меѓу кои и Германија.

Германската амбасадорка изјави дека возилата се симбол на соработката меѓу двете земји, односно меѓу германската сојузна полиција и македонската гранична полиција.

Алтхаузер нагласи дека во краткиот разговор што го имале со министерот Нухиу, главна тема било создавањето правна држава како главен столб за развојот на земјата.

Таа рече дека опремата што денеска беше донирана на МВР е дел од планот мерки договорен меѓу германската сојузна полиција и македонската гранична полиција за 2017 година.

– Покрај техничката опрема, договорот, исто така, опфаќа и обука за проверка на документи, обука на возачи, гранича контрола, обработка и анализа и безбедност на воздушниот сообраќај. Оваа година ќе се спроведат вкупно седум обуки на граничната полиција во Германија – рече Алтхаузер.