СЗО зависноста од компјутерски игри ја стави на листата на ментални нарушувања


Женева, 5 јануари, 2018 - 11:02 (META) 

Светската здравствена организација (СЗО) ги додаде зависноста од компјутерски игри и рискантното играње компјутерски игри, на нивната нацрт – листа на ментални нарушувања поврзани со зависности.

Според дефиницијата на СЗО, првото нарушување го карактеризира шема на однесување поврзано со постојано играње дигитални игри или навраќање на такво однесување манифестирано преку „нарушена контрола на играњето, зголемен приоритет кој се дава на играњето наспроти другите интереси во животот и дневните активности, продолжување или ескалација на играњето, наспроти појава на негативни последици.“

СЗО исто така го дефинира рискантното или хазардерско играње компјутерски игри како „шема на играње, било преку онлајн или офлајн, која забележително го зголемува ризикот од штетни последици по физичкото или менталното здравје на индивидуата или лицата од нејзината околина.“

„Здравиот разум и објективните истражувања докажаа дека видео-игрите не создаваат зависност. Исто така, ставање официјална етикета на терминот неодговорно, ги тривијализира менталните нарушувања како депресија и социјална анксиозност, кои заслужуваат лекување и целосно нимание од медицинската заедница“, велат од „Ентертејнмент софтвер асосиејшн“ (ЕСА), претставникот на индустријата за видео-игри од САД, кој во истовреме и побара од СЗО да ја промени оваа одлука.

Британската експертка за социјални медиуми, Силвија Коршак го поздрави додавањето на овие нарушувања на листата од СЗО, како храбар потег кој ќе им помогне и на медицинските професионалци кои се занимаваат со превенција и лекување зависности, а и ќе поттикне поширока јавна дебата за овие прашања.

„Играњето компјутерски игри не е баш табу тема, но мислењата за него се поделени и често не се базираат на факти, што воопшто не им помага на луѓето кои уживаат во него и имаат позитивно влијание, ниту пак на играчите кои се соочуваат со форми на зависност, при што не може да побараат професионална помош. Иако се појавуваат се повеќе програми за одвикнување, кампови или други идеи за помош, просечните родители или брачни партнери имаат реален проблем при соочувањето, бидејќи и онлајн и мејнстрим медиумите не заплашуват, па дури и преплашуваат, без да посочат практични решенија,“ напиша Коршак на нејзиниот блог.

Сепак, и покрај ова предупредување од страна на СЗО, новокласифицираните нарушувања не се фокус на нивната работа. На нивниот веб-сајт тие укажуваат дека најголемите здравствени проблеми на светско ниво во 2017 година биле поврзани со недоволното вакцинирање против заразни болести како менингитисот, намалување на смртноста од колера и глад.

Фото: Piotr Drabik via Wikipedia, CC BY 2.0.


Ристе Пандев прв во предквалификациите на ЛОИ


Рио де Жанеиро, 13 август, 2016 - 15:27 (META) 

Нашиот спринтер Ристе Пандев победи во својата предквалификациска трка на 100 метри, на олимписките игри во Рио, Бразил со најдобро време за него сезонава 10.72.

Со оваа победа тој обезбеди учество во квалификациските трки, каде противниците се многу подобри.


Меѓународен „Фолклорен мост“ во Струга


Струга, 23 јули, 2016 - 12:04 (META) 

На платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, вечерва од 20 часот ќе се одржи меѓународната манифестација „Фолклорен мост“.

Традиционално манифестацијата ќе почне со свечено дефиле на учесниците.

На годинашното издание на фестивалот ќе учествуваат фолклористи од Македонија и од земјите на Балканот, како и фолклорни групи од Полска.

Учесниците, преку песни и игри, ќе ги престават фолклорните традициии и културните особености на своите земји.


Децата со аутизам добија платформа за компјутерски игри


Штип, 7 март, 2016 - 18:28 (META) 

Платформа преку која безжично, со гестови, ќе може да се контролира компјутерска игра изработија студентите од Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Оваа платформа, која денеска беше промовирана во Штип, е наменета за деца со аутизам и со синдром на дефицит на внимание, познат под кратенката АДХД.

Раководителот на проектот, професорот Сашко Коцески, рече дека платформата е изработена по медицински протокли, во соработка со Детската клиника во Словенија.

– Платформата е наменета е за деца со психосоматски нарушувања или болести. Она што е карактеристично и интересно за овој тип игри е дека практично станува збор за платформа што првпат се развива кај нас. Врз основа на медицински протоколи потоа се преточени командите преку компјутерски јазик во соодветни интерактивни видеоигри – објасни Коцески.

Овој тип игри им е познат на родителите на деца со аутизам, кои на интернет гледале како се користат.

– Би биле пресреќни, еве, во Штип, во Центарот за аутизам доколку би можело да се почне да се користи оваа платформа, бидејќи некои од нашите деца во странство го имаат испробано ова и многу помага, особено за когнитивните способности, а за хиперактивните деца помага да бидат буквално смирени – рече претседателот на здружението „Сплотени срца“, Зоран Мијалков.

Како што најави тимот на Универзитетот, оваа платформа ќе биде достапна за Центрите за аутизам. Студентите веќе изработиле компјутерски игри кои не го врзуваат корисникот за компјутер, туку се игра од дистанца со активирање на мускулите преку движење на рацете, нозете и телото. Овие компјутерски игри се прилагодени не само за децата, туку и за возрасни.


Починал играјќи видеоигра


Пекинг, 4 март, 2015 - 14:01 (META) 

По 19 часа играње на популарната игра World of warcraft, во еден кинески интернет-клуб починало 24-годишно момче, пренесе „Зазабава“.

Ву Таи отишол во шангајското интернет-кафе за со други љубители на популарната игра да го изигра последниот дел од играта. Снимките го покажуваат 24-годишното момче како седи пред компјутерот и одеднаш почнува да кашла, по што умира пред другите играчи.

Преплашениот играч Хсин Гли (20), кој седел покрај него, изјави дека го слушнал Таи како гласно воздивнува.

– Беше многу блед и изгледаше како да му е непријатно. На марамчето со кое ја бришеше устата имаше крв. Прашав дали е сè во ред, а тој рече дека се чувствува подобро и дека ќе биде во ред – рече Гли.

Загрижените набљудувачи повикале брза помош, а, како што тврдат, Таи наспроти тоа што бил сериозно болен, продолжил да ја игра играта. Ву, наводно, изгледал многу бледо и болно, но сè уште седел пред компјутерот.

– Повикав брза помош додека мојот пријател отиде да побара помош од персоналот. Но, додека чекавме, тој почина пред нас – изјави еден од соиграчите.


Наскоро телефоните ќе можете да ги претворите во „гејмбој“


Kjoto, 1 декември, 2014 - 13:18 (META) 

Компанијата „Нинтендо“, наводно, планира да ги оживее старите игри, но овојпат да ги адаптира на таблетите, паметните телефони и на фаблетите, јавува порталот „Некст дигит“.

Доколку гласините се вистинити, тогаш сите љубители на старите игри ќе можат истите да ги играат на своите нови уреди.

За да ја претвори идејата во стварност, според „Некст дигит“, компанијата ќе мора да работи на емулација заснована на програмски техники, кои овозможуваат конзолата да го копира оригиналот.

Многу емулатори илегално им овозможуваат на корисниците на конзолите да ги играат старите нинтендо-игри, а сега е време за официјална верзија на емулаторот, од што полза би имале не само компанијата, туку и целата гејмерска заедница.


Училишни спортски игри „Центар 2015“


Скопје, 27 ноември, 2014 - 9:44 (META) 

Во општина Центар почаа училишните спортски игри „Центар 2015“, а за отворени ги прогласи градоначалникот Андреј Жерновски.

Во текот на целата година, 350 ученици ќе се натпреваруваат во кошарка, ракомет, одбојка, фудбал и во шах.