Започнува најголемиот меѓународен маратон за развивање игри, Македонија учествува вторпат

Илустрација: МАГДА

Најголемиот маратон за развивање на игри во светот „Game Jam Plus“ започнува денеска, а ќе се одржува и во земјава. Во негови рамките ќе се развиваат и игри за мобилни/паметни телефони на тема климатските промени и животната средина.

Идејата е развивање игри што ќе станат пазарни производи привлечни за инвеститорите, а маратонот ќе трае вкупно 9 месеци. Натпреварот има 6 фази, во кои се развиваат дигитални игри и истите се натпреваруваат на европско и светско ниво.

Во Македонија ќе се одржи вторпат, со локација во старт-ап центарот Касарна Хаб Охрид кој е и организатор на настанот, заедно со здружението Тактус од Охрид и Даниела Спасовска од Македонската асоцијација за развивање на игри – МАГДА, Скопје.

Учесниците ќе може да присуствуваат физички или да се приклучат виртуелно од територијата на цела Македонија.

Во рамките на настанот ќе се одржат два натпревара. Првиот натпревар е класичен 48-часовен game jam хакатон кој се случува во исто време низ целиот свет, и во него се развиваат игри на исти теми, при што македонските организатори ќе ги изберат националните победници.

Најдобрите игри, односно третина од игрите продолжуваат во фаза на Инкубација, во која авторите ќе работат со ментори од меѓународни компании. Овие игри во март следната година ќе се натпреваруваат на европското полуфинале во Лисабон, Португалија, а понатаму и на глобалното финале во Рио де Жанеиро.
Учесниците може да се регистрираат на овој линк.

Вториот натпревар е насловен „Креирај игра за планетата“ и на учесниците им дава можност да се натпреваруваат за награда од 1.300 евра, создавајќи игра за мобилни/паметни телефони на тема климатските промени и животната средина. Натпреварот е под покровителство на Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест Скопје.

За овој натпревар учесниците може да се регистрираат на следниот линк.

Инаку, на претходниот Game Jam Plus 2021-2022, кога земјава дебитираше на меѓународниот натпревар, Македонија беше земја со најголем број на учесници покрај домаќинот Бразил. Во октомври 2021 година на настанот се вклучија 153 учесници и се формираа 23 тима од кои 5 продолжија во фаза на инкубација, а со тоа и кон полуфиналето.

Играта Paint the Thing на тимот The Side од Охрид се пласираше во финалето и ја доби наградата Best Game Europe. Тимот патуваше на доделувањето на наградите во Рио де Жанеиро, каде што се сретнаа учесници и организатори од сите континенти.