ФООМ: Новиот предлог закон за слободен пристап до информации ќе ја зголеми отчетноста


Скопје, 19 февруари, 2019 - 12:53 (META) 

Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) го поздравува процесот на финализирање на Предлог-законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, во кој се внесени измените за кои се залагаше Фондацијата во процесот на подготовка на Предлог-законот.

„Од особена важност е проширувањето на листата на иматели која се утврдува во новиот Предлог-закон. Поточно, во новиот Предлог-закон, вклучени се политичките партии како иматели во делот на финансирањето. Со ова дополнување сите информации за финансирањето на политичките партии, односно приходите и трошоците, ќе бидат информации, кои партиите ќе ги обезбедат во законскиот рок. На овој начин на граѓаните, новинарите и здруженијата им се овозможува и правото на жалба во случаите кога политичките партии нема да обезбедат пристап до приходите и трошоците“, се вели во соопштението.

ФООМ го поздравува и фактот дека во предлог-законот има јасна дефиниција за јавниот интерес.

„Досега немаше прецизна дефиниција за тоа што значи јавен интерес, а со тоа беше оставена можноста за различни толкувања, па дури и за одбивање институциите да дадат информации. Со новиот Предлог-закон, јасно е дефиниран јавниот интерес со што ќе се мери дали интересот кој го штити институцијата е поголем од јавниот интерес, а истиот ќе повлијае на можноста за давање дури и на заштитени информации. Воедно, намалена е листата на исклучоците од слободниот пристап до информации, што значи намалување на можноста за злоупотреба на класификација на информациите“, стои во соопштението.


ФООМ ги додели наградите од конкурсите „Моето образование“ и „Успешни наставници“


Скопје, 8 февруари, 2019 - 13:46 (META) 

Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) денеска ги врачи наградите на најдобрите средношколци и наставници наградени во конкурсите „Моето образование“ и „Успешни наставници за добри наставни пракси“.

На церемонијата зборуваа Фани Каранфилова – Пановска, извршна директорка на ФООМ, како и Петар Атанасов, заменик министер за образование и наука.

-Oбразованието е една од клучните области кои Фондацијата ги поддржува. Во своето 26-годишно постоење, Фондацијата отворено општество – Македонија вложи околу 32 милиони долари во поддршката на програмите за образование од кои половината беа обезбедени во соработка со други донатори. Инвестирањето во квалитетно инклузивно образование за ФООМ е предуслов за градење отворено демократско општество, а образованието е промотор на социјалната кохезија. Училиштата, од друга страна пак, треба да се природни средини во кои сите ученици ќе се чувствуваат добредојдени и ќе имаат можност максимално да ги искористат своите потенцијали за учество, учење и напредување – рече Каранфилова – Пановска.

Според заменик – министерот за образование и наука, образованието има потреба од сериозни реформи, и токму затоа треба да се слушнат забелешките и од учениците и од наставниците.

-Системот на образование има потреба од сериозни реформи. Образованието мора да одговара на новото, напредно и изменето општество и да ги следи трендовите, сите застарени работи кои постојат треба итно да се променат. Мојот сон е да ви помогнеме да добиете што подобро образование.И наставниците се важен дел од образовниот процес, а овој конкурс е доказ дека тие треба да се наградуваат и да се мотивираат, бидејќи наставниците се оние кои се носители на процесот на промени и треба да се поддржат – рече Атанасов.

Фондацијата ги распиша конкурсите на крајот на минатата година, а на нив учествуваа 39 средношколци и 112 наставници од цела Македонија, а наградени беа 11 трудови на средношколци и 9 наставници заедно со нивните училишта.

Во своите обраќања, средношколците читајќи делови од своите наградени есеи ја потенцираа желбата да придонесат кон подобро образование, подобри училишта, наставници, услови. Тие ги посочија проблемите со кои се среќаваат во образовниот систем, но и нудат решенија, а со цел сегашните и идни генерации ученици да се стекнат со што е можно поквалитетно образование.


Од планирани 72 активности за реформа на јавната администрација, спроведени 27


Скопје, 16 ноември, 2018 - 16:39 (META) 

Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) денеска го презентираше првиот полугодишен извештај за спроведување на Стратегијата и Акцискиот план за реформа на јавната администрација. Дополнително, на истиот настан беше презентиран Извештајот за имплементација на Стратегијата за реформи на јавната администрација (СРЈА), изработен од „Евротинк“ и Фондацијата Отворено општество Македонија.

Според заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, Стратегијата и Акцискиот план сочинуваат документ со конкретни цели, задачи, буџет, сè со цел да не биде само уште еден документ на хартија.

Според извештајот, од планираното за периодот февруари – крајот на јуни годинава, односно од предвидените 72 активности, целосно спроведени се 27 активности, спроведувањето е во тек на 36 активности, а девет активности доцнат или не се почнати.

На јавната расправа беше презентиран и Извештајот за имплементација за СРЈА, изработен од Фондацијата Отворено општество Македонија. Како што истакна Марија Мирчевска, презентирајќи го овој извештај, на само четири отсто од барањата за слободен пристап до информации не е доставен одговор, но за 32 отсто од активностите била доставена целосната документација, што овозможило објективна и независна анализа на процесот на реформи.


Конференција „Слободата и интернетот во Македонија“ утре во МСУ


Скопје, 10 мај, 2018 - 10:19 (META) 

Во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје утре ќе се одржи конференцијата „Слободата и интернетот во Македонија“ во организација на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ која е дел од одбележувањето на 25-годишнината од постоењето на Фондацијата Отворено општество Македонија(ФООМ) – #ФООМ25.

На конференцијата ќе се дискутира за лажните вести, развојот на интернетот во земјата, како и за предизвиците со кои се соочува онлајн медиумската заедница, за нивните искуства и потреби.

На темата „Слободен тек на информации – предуслов за отворено општество“ ќе говорат Бардил Јашари, извршен директор на „Метаморфозис“ и Санта Аргирова, член на Управниот одбор на ФООМ.

На првата панел-дискусија „Клучни моменти на развојот на интернет во .мк“ меѓу другите, ќе учествуваат и Игор Трајковски, основач и сопственик на „Time.mk“ и Предраг Чемерикиќ, основач на „On.net“.

За „Улогата на онлајн-медиумите во борбата за слободата на говорот“, ќе говорат Бранко Героски, раководител на „Плусинфо“, Елида Зулбеари, уредничка на „Порталб“, Зоран Андоновски, уредник на „Мета“ и Никола Гелевски, уредник на „Окно“.

На конференцијата на темата „Плагијаторството и лажните вести – закана за професионалното новинарство“ ќе зборуваат Емир Зулехиќ, уредник на „Raskrinkavanje.ba“ од Сараево, Томислав Георгиев, фоторепортер, Наталија Миленковска, aдвокат, и Ѕвездан Георгиевски од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).


Почна одбележувањето на јубилејот 25 години на Фондацијата Отворено општество – Македонија


Скопје, 4 мај, 2018 - 13:50 (META) 

Во Музејот на современата уметност во Скопје вчеравечер беше свечено отворена прославата на 25-годишнината од постоењето на Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ).

Пред бројни гости, одбележувањето на големиот јубилеј почна со промоција на документарен филм и изложба „25 години посветени на градењето отворено општество во Македонија“, преку кои присутните се запознаа со работата на Фондацијата во изминатите години, како и проектите и програмите кои се реализирале со нејзина помош.

За почетоците на ФООМ во Македонија, но и за нејзиното значење низ годините синоќа зборуваа заменик-претседателот на фондациите Отворено општество, Леонард Бенардо и регионалниот директор на фондациите Отворено општество за Европа и кодиректор на Европската иницијатива за отворено општество Жорди Вакер.

На работењето на Фондацијата и многубројните предизвици со кои таа успешно се справува во изминатите 25 години синоќа се осврнаа и Владимир Милчин, поранешен извршен директор на ФООМ, Маја Бојаџиевска, претседателка на управниот одбор на ФООМ и Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на ФООМ.

– Фондацијата била и ќе биде меѓу првите за да ги брани правата и слободите на граѓаните, особено на маргинализирани заедници и на нашите сограѓани од помалите етнички заедници. Граѓанското општество и неговиот развој сме го поддржувале, го правиме тоа и денес и ќе прододолжиме понатаму на истиот начин, за да биде рамноправен партнер на институциите во реформите и креирањето на политиките, но и за да може независно да ја надгледува работата на властите, критички да ја анализира и да се застапува за промени – истакна Каранфилова-Пановска.

Серијата настани посветени на значајниот јубилеј продолжуваат денеска со регионалната конференција „Зошто Европа, зошто сега?“ која ја отворија Фани Каранфилова-Пановска, Жорди Вакер и Лукаш Холуб, раководител на Одделот за политички прашања, правда и внатрешни работи при Делегацијата на Европската Унија.

На конференцијата, аналитичари, новинари, членови на граѓански организации од Македонија и регионот ја разгледуваат перспективата на земјите од регионот за интегрирање во Европската Унија.


Струмица ќе гради нов НВО-центар


Струмица, 22 октомври, 2016 - 11:46 (META) 

Проектот за изградба на нов НВО-центар преку кој треба да се создадат механизми за институционална соработка меѓу Општина Струмица и граѓанскиот сектор добил најмногу, односно 80 гласови од Граѓанскиот проектен форум, кој синоќа се одржал во Домот на АРМ во Струмица,

Изградбата на новиот НВО-центар во Струмица треба да биде реализирана во текот на оваа и на следната година, а ќе се финансира со 2,2 милиони денари, обезбедени од Општина Струмица и од Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија.

„Овој проект доби најголем број гласови од осумтте предложени, а планирани проекти во акциските планови за образование, социјална заштита, млади и соработка со граѓански организации“, велат од Општина Струмица.

Според градоначалникот на општината, Зоран Заев, ваквиот начин на носење одлуки со граѓаните се потврдил како добра практика во развојот на општината.

„Веќе единаесет и пол години преку форумски процеси, со директно партиципирање на граѓаните, се носат одлуки за капиталните инвестиции и, она што е најважно, за идниот развој на општина Струмица. Ова е еден форумски процес на кој Општина Струмица по пат на гласање, директно од претставниците на сите заедници, одлучува кој од осумте предложени проекти, од сите сфери на општественото живеење, ќе биде приоритетен проект што ќе биде финансиран со 2.200.000 денари, 1.100.000 денари обезбедени од Општина Струмица, а другите од Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија“, рече Заев.


Кампања против ксенофобија насловена „Деца на планетата Земја“


Скопје, 24 септември, 2016 - 11:04 (META) 

Во Паркот на франкофонијата денеска се одржува манифестацијата „Деца на планетата Земја“, која е дел националната кампања против ксенофобија.

„Деца на планетата Земја“ е граѓанска акција на Фондација „Отворено општество“ – Македонија, која порачува дека сите имаме право да живееме мирно, слободно и безбедно.

Во рамки на манифестацијата, која почнува во 11.30 часот и ќе трае до 19 часот, ќе се одржат изложби, проекции на филмови, работилници за изработка на маици и на постери, а ќе биде отворен и пункт за донации кои се наменети за бегалците на пограничниот премин во Гевгелија. Собраните донации ќе бидат предадени во текот на утрешниот ден.Programa sabota 24.09.2016 2 del (2-2)

 

Организаторите порачуваат дека на бегалците во кампот им се потребни чинии, лажици, вилушки и стаклени чаши за кујните во камповите, како и играчки, разни едукативни боенки, блокчиња, боички, фломастери, школски прибор и слично, кои децата ќе ги коритстат во занималните во кампот.