Охрид доби два полначи за електрични и хибридни возила


Охрид, 2 ноември, 2018 - 15:30 (META) 

Два „Волби“ полначи за електрични и хибридни возила се деновиве поставени на локации во строгиот центар на градот и се очекува наскоро да бидат ставени во функција.

Со тоа, проектот „Е-мобилност“ пристигна и во Охрид, со заложби на Општина Охрид и ЕВН Македонија. Сега се врши брендирање на станиците и нивно одбележување по што ќе бидат ставени  во функција.

Полнењето со струја од овие полначи, како и од другите што на повеќе места во државата ги постави ЕВН Македонија, ќе биде бесплатно до крајот на годинава.

-За електронските полначи едноставно ви е потребна картичка од ЕВН. Го паркирате вашето електрично возило бесплатно на еден од назначените паркинзи за полнење, потоа се регистрирате со картичката и го поврзувате вашиот автомобил со полначот. Тоа е тоа. Потрошената електрична енергија ќе ви дојде во вашата месечна фактура – објасни Штефан Петер претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

Со цел да се стимулираат охриѓани да купуваат електрични и хибридни возила, кои не загадуваат или загадуваат многу помалку од возилата со мотори со внатрешно согорување, Општина Охрид, со одлука на Советот, овозможи бесплатно паркирање за сопствениците на вакви возила на целата територија на Охрид во текот на целата година.


„ЕВН Македонија“ доби кривична пријава за предизвикување пожар


Крушево, 27 октомври, 2017 - 13:40 (META) 

Снабдувачот со струја „ЕВН Македонија“ доби кривична пријава за предизвикување пожар во куќа, кој настанал поради краток спој на каблите на бандера во сопственост на компанијата.

Како што извести Министерството за внатрешни работи, Надворешната канцеларија за криминалистички  работи (НККР) Крушево поднела кривична пријава против „ЕВН Македонија“ АД – Скопје за предизвикување општа опасност.

Според полицијата, на 31 август годинава, на дрвена бандера поставена до семејната куќа на К.С. во крушевското село Борино, дошло до електричен спој на каблите, при што бил зафатен и доводниот кабел што водел до куќата, поради што избил пожар во неа.


ЕВН Македонија апелира да се внимава при земјоделски работи под далноводите


Скопје, 15 август, 2017 - 14:31 (META) 

ЕВН Македонија ги повикува земјоделците внимателно да ракуваат со земјоделската механизација и опрема во близина на далноводите, а посебно да внимаваат при ракување со опремата за наводнување.

Mеталната опрема како што се цевки за наводнување и разни видови на прскалки, во никој случај не смее да дојде во директен допир или да се приближува до каблите. Не смее да се поставуваaт метални цевки за наводнување паралелно со трасата на надземниот вод и при наводнување задолжително да се избегнува контакт на водениот млаз со каблите. Притоа особено треба да се внимава на силата и правецот на ветрот, посочува ЕВН Македонија.

Во близина на електричните водови, цевките за наводнување во никој случај не смеат да се поставуваат вертикално ниту при нивно празнење ниту при транспортот. Транспортот на останатата опрема за наводнување мора да биде исклучиво во хоризонтална положба.

ЕВН Македонија и нејзините стручни лица се постојано на располагање на земјоделците за прашања во врска со безбедноста, посочуваат од компанијата.


МОН информираше дека ДСЦ „Скопје“ има долг од 4,5 милиони евра


Скопје, 16 јуни, 2017 - 14:55 (META) 

Министерството за образование и наука информираше дека Државниот студентски центар „Скопје“, под чија закрила функционираат студентските домови „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“ и „Кузман Јосифовски – Питу“, има долгови од 4,5 милиони евра.

Од нив, за комунални услуги, греење, комуникации и транспорт долгот е 1,6 милиони евра.

„Доколку раководството на ДСЦ „Скопје“ навреме ги намируваше долговите и обврските, немаше да се доведат студентите кои се сместени во студентскиот дом „Гоце Делчев“, но и во другите студентски домови да ги подготвуваат испитите во темница и да стравуваат дека ќе останат без електрична енергија или вода за пиење и елементарни услови за престој во објектите“, соопшти Министерството за образование.

Студентскиот дом „Гоце Делчев“ синоќа остана без струја поради неплатени сметки, по што студентите реагираа до Министерството за образование и наука и до Владата.

Од МОН информираа дека со „ЕВН Македонија“ договориле исплатата на долгот да биде на рати.


БЕСА на средба во ЕВН за протестите во Тетово


Скопје, 15 февруари, 2017 - 13:11 (META) 

Висока делегација на Движењето Беса денеска ќе ја посети компанијата за дистрибуција на електрична енергија ЕВН Македонија поради поплаките на граѓаните за високите сметки, соопштија од партијата.

„Заинтересирана за доброто на сите граѓани во државата, БЕСА е длабоко загрижена за проблемите што ги изразуваат граѓаните во врска со снабдувањето и плаќањето на електричната енергија, особено за цената која граѓаните се принудени да ја плаќаат кон оваа компанија. Затоа, Движењето БЕСА пред да ги поддржи протестите на граѓаните и нивните барања од оваа институција, ќе се ангажира на институционален начин, преку директна комуникација со компанијата и другите институции на овој сектор, да најде начин како да се реализираат барањата на граѓаните“, стои во соопштението од БЕСА.

Од партијата наведуваат дека согласно нивната платформа и воспоставените политички принципи ќе продолжат со цел свој капацитет да биде во служба на граѓаните, да им обезбедат подобар живот и повисок животен стандард.

По состанокот, претставниците на БЕСА пред седиштето на ЕВН Македонија на Плоштад Македонија ќе соопштат детали од средбата.


ЕВН: Сметки за струја на албански јазик воведовме уште пред 5 години


Скопје, 11 февруари, 2017 - 14:52 (META) 

До корисничкиот „Енерго центар“ на ЕВН во Тетово вчера биле доставени барањата на здружението на албански електричари „Дрита“, кои, како што соопштуваат од компанијата, ќе ги разгледаат и ќе одговорат на оние кои се во нивна надлежност.

„Барањата ќе бидат разгледани од наша страна и соодветно постапено во деловите што се однесуваат на работата и надлежноста на ЕВН Македонија“, стои во соопштението од ЕВН во кое се нагласува дека за барањата кои се однесуваат на цената на електричната енергија, тарифи, тарифни ставки и сл., не се надлежни тие, туку регулаторните тела.

Од компанијата велат дека дел од барањата на здружението се однесувале на услуги кои ЕВН веќе ги имало имплементирано, како што се сметките на албански јазик.

„Граѓаните Албанци добиваат сметки на албански јазик и секој кој сака да ја добие сметката на албански јазик може да поднесе барање и ќе ја добие. Оваа опција ја имаме воведено уште пред 5 години и голем број корисници добиваат сметки на албански јазик“, велат од ЕВН и додаваат дека се една од ретките компании во земјава чиј „контакт центар функционира на три јазици, а и комуникацијата на интернет-страницата се одвива на македонски, албански и англиски јазик“.

Вчера попладне, околу илјада граѓани протестираа пред седиштето на ЕВН во Тетово, незадоволни од цената што ЕВН им ја наплатува за потрошена електрична енергија. Тие упатија повеќе барања до компанијата ЕВН, меѓу кои и да се либерализира пазарот на дистрибуција на струја.


ЕВН Македонија на сопствен трошок ја санира мрежата во поплавените подрачја


Скопје, 12 август, 2016 - 17:52 (META) 

Екипите на ЕВН Македонија со сите расположливи капацитети работат на терен за што побрзо да се санираат штетите и да се обезбеди електрична енергија до сите корисници од поплавените подрачја, информираат од компанијата.

– ЕВН Македонија не само што не ги наплатува новите броила, туку во интерес на безбедно и навремено снабдување со електрична енергија нашите екипи ја санираат и внатрешната инсталација на корисниците, повторно без никаков надомест – велат оттаму.

Тие информираат дека екипите на компанијата од почетокот на кризата се во поплавените подрачја и постојано работат на отстранување на дефектите и пуштање под напон на што поголем број корисници.

– Досега се вклучени над 13.000 корисници, односно над 95 проценти од вкупниот број на корисници во критичниот регион и интензивно се работи да се приклучат сите. Без напојување во моментов се неколку стотици корисници кои се напојуваат од трафостаници кои се под вода и корсниците кои не сакаат да бидат приклучени поради уништената внатрешна инсталација. Екипите остануваат на терен сè додека не се нормализира во целост снабдувањето со електрична енергија – информираат од ЕВН Македонија.


ЕВН го нормализира снабдувањето со струја во 2.000 домови погодени од поплавите


Скопје, 11 август, 2016 - 20:20 (META) 

Екипите на ЕВН Македонија го нормализираа снабдувањето со електрична енергија во уште 2.000 домови во најпогодениот регион од поплавите во Скопје и околината. Од вкупно 110 трафостаници кои беа во прекин од големото невреме скорo сите се под напон, а сè уште се работи на отстранување на дефектите на десетина трафостаници кои се под вода, соопштија од компанијата.

Се работи и на реконструкција на дистрибутивната мрежа во деловите кои беа однесени од големите води.

„И натаму важи апелот до граѓаните да ги спуштат надолу осигурувачите ако имаат нови спратни табли или да ги извадат осигурувачите ако имаат од постариот тип на спратни табли. Ова мора да се почитува за да се избегнат несакани последици бидејќи во домовите има мокри ѕидови и влажни електрични апарати и кабли. За да се избегнат несреќи од ваков вид граѓаните да не преземаат ништо на своја рака и да бидат во целосна координација со екипите на ЕВН Македонија“, стои во соопштението.

Оттаму додаваат дека нивните екипи ќе останат на терен во најкритичниот регион и ќе работат заедно со полицијата, војската, волонтерите и другите јавни претпријатија на расчистување на последиците од невремето.

„Се оспособува трафостаница по трафостаница и се проверува секоја инсталација кај секој корисник. Секаде каде што е безбедно ќе се приклучи електрична енергија. Без напојување и натаму ќе останат само домовите каде не е безбедно да се пушти напон и корисниците кои сами не сакаат да бидат приклучени додека не ја санираат внатрешната инсталација“, велат од компанијата.


ЕВН Македонија: Се санираат дефектите од големото невреме


Скопје, 9 август, 2016 - 17:46 (META) 

Екипите на ЕВН Македонија интензивно работат на санирање на дефектите во дистрибутивната мрежа настанати од големото невреме кое го зафати викендов северозападниот дел на Македонија, соопштија од компанијата.

„Сите дефекти на среден и висок напон во тетовскиот, кичевскиот, велешкиот, битолскиот, охридскиот, кумановскиот и прилепскиот регион се санирани. Екипите сега работат на помали дефекти во нисконапонската мрежа“, стои во соопштението.

Од ЕВН Македонија велат дека се работи и на расчистување на теренот до енергетските објекти  во критичниот реон во с. Стајковци, Смиљковци, с. Сингелиќ, Илинден, пат за Арачиново и други места.

„Како што ќе се создаваат безбедни услови за приклучување така ќе бидат вклучувани под напон и трафостаниците или улица по улица, корисник по корисник. Целиот регион досега беше без напојување од безбедносни причини за да не се создадат поголеми проблеми и да се доведат во опасност животите на луѓето кој работо на расчистување на штетите и граѓаните кои живеат во тој регион и штети дополнителни на имотите“, стои во соопштението.


Украл броило и го монтирал во својата викендичка


Куманово, 7 јули, 2015 - 12:41 (META) 

Секторот за внатрешни работи Куманово поднел кривична пријава против А.А. (20), осомничен дека пред три години украл електрично броило од станбена зграда во Куманово, кое потоа го монтирал во својата викендичка.

Во врска со случајот, пријава е поднесена и против И.И. (48) од селото Лојане, инаку, вработен во „ЕВН Македонија“, кој се товари за кривичните дела помагање, злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување службена исправа.

Како што информираат од полицијата, првосомничениот А.А. на почетокот на 2012 година, од зграда во Куманово украл електрично броило кое потоа го приклучил на електричната мрежа во неговата викендичка во Пчински пат.

Кратко потоа, И.И., кој бил вработен како отчитувач на броила во ЕВН, потпишал налог и незаконски го регистрирал броилото на истата локација од која било украдено.