ЕВН Македонија ги повикува земјоделците внимателно да ракуваат со земјоделската механизација и опрема во близина на далноводите, а посебно да внимаваат при ракување со опремата за наводнување.

Mеталната опрема како што се цевки за наводнување и разни видови на прскалки, во никој случај не смее да дојде во директен допир или да се приближува до каблите. Не смее да се поставуваaт метални цевки за наводнување паралелно со трасата на надземниот вод и при наводнување задолжително да се избегнува контакт на водениот млаз со каблите. Притоа особено треба да се внимава на силата и правецот на ветрот, посочува ЕВН Македонија.

Во близина на електричните водови, цевките за наводнување во никој случај не смеат да се поставуваат вертикално ниту при нивно празнење ниту при транспортот. Транспортот на останатата опрема за наводнување мора да биде исклучиво во хоризонтална положба.

ЕВН Македонија и нејзините стручни лица се постојано на располагање на земјоделците за прашања во врска со безбедноста, посочуваат од компанијата.