До корисничкиот „Енерго центар“ на ЕВН во Тетово вчера биле доставени барањата на здружението на албански електричари „Дрита“, кои, како што соопштуваат од компанијата, ќе ги разгледаат и ќе одговорат на оние кои се во нивна надлежност.
„Барањата ќе бидат разгледани од наша страна и соодветно постапено во деловите што се однесуваат на работата и надлежноста на ЕВН Македонија“, стои во соопштението од ЕВН во кое се нагласува дека за барањата кои се однесуваат на цената на електричната енергија, тарифи, тарифни ставки и сл., не се надлежни тие, туку регулаторните тела.
Од компанијата велат дека дел од барањата на здружението се однесувале на услуги кои ЕВН веќе ги имало имплементирано, како што се сметките на албански јазик.
„Граѓаните Албанци добиваат сметки на албански јазик и секој кој сака да ја добие сметката на албански јазик може да поднесе барање и ќе ја добие. Оваа опција ја имаме воведено уште пред 5 години и голем број корисници добиваат сметки на албански јазик“, велат од ЕВН и додаваат дека се една од ретките компании во земјава чиј „контакт центар функционира на три јазици, а и комуникацијата на интернет-страницата се одвива на македонски, албански и англиски јазик“.
Вчера попладне, околу илјада граѓани протестираа пред седиштето на ЕВН во Тетово, незадоволни од цената што ЕВН им ја наплатува за потрошена електрична енергија. Тие упатија повеќе барања до компанијата ЕВН, меѓу кои и да се либерализира пазарот на дистрибуција на струја.