„Тврдокорните“ му порачаа на Нимиц да си замине од земјава и да си поднесе оставка


Скопје, 31 јануари, 2018 - 19:25 (META) 

Стотина членови на неколку граѓански здруженија и нивни поддржувачи вечерва одржаа протест пред Собранието на кој го повикаа медијаторот во спорот со името, Метју Нимиц, да си замине од земјава, бидејќи, како што порачаа, немало да дозволат наметнато решение и промена на државното име.

„Нимиц да се повлече од срамната, недостоинствена и за нас недозволива позиција на посредник во наметнат и апсурден спор со името. Да престане да биде учесник во геноцидот и во уништувањето на македонскиот народ и држава“, порачаа демонстрантите.

Тие истакнаа дека ќе се борат со сите средства за враќање на „одземениот суверенитет и за ревизија на сите спорни одлуки против државните интереси“.

„Македонскиот народ нема да ги прифати овие решенија и ќе се бори со сите средства за враќање на одземениот суверенитет и за ревизија на сите спорни одлуки против државните интереси. Метју Нимиц да достави извештај до Обединетите нации дека македонскиот народ бара од него неотповиклива оставка на медијаторсата позиција и дека сака Република Македонија да биде примена на ОН под уставното и државото име. Истата порака ја упатуваме и до претставниците на Европската Унија и на НАТО во земјава, кои ги поддржуваат овие непринципиелни политики – истакнаа претставниците на здруженијата.

Медијаторот на ОН, Метју Нимиц денеска пристигна во земјава, а утре се закажани неговите средби со државно-политичкиот врв, на кои ќе се разговара за иницијалната рамка за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција.


Иванов: Да ги надминеме поделбите и да се сплотиме околу државните интереси


Скопје, 31 декември, 2017 - 10:23 (META) 

Се надевам дека во годината што доаѓа ќе смогнеме сила да ги надминеме поделбите, да ги отфрлиме предрасудите и да се сплотиме околу државните интереси, истакна претседателот на државата Ѓорге Иванов во своето новогодишно обраќање до граѓаните на Македонија.

Тој оцени дека изминатава година бевме соочени со многу предизвици и премрежија, а политичката атмосфера „непријатно се одрази на целото општество и на секој од нас посебно“.

– Искрено се надевам дека во годината што доаѓа ќе се посветиме на убавите и позитивни нешта. Се надевам дека ќе смогнеме сила за да ги надминеме поделбите, да ги отфрлиме предрасудите, да се сплотиме околу државните интереси и да зачекориме на вистинскиот пат. Пат што води до поквалитетен живот, просперитет, благосостојба за сите наши граѓани. Да живееме во праведно општество втемелено врз вистината, слободата и мирот. Затоа, ви посакувам новата година да ја започнеме со позитивни мисли, и силна верба и надеж дека можеме да ги исполниме нашите искрени желби. Во новата година, посакувам повеќе да ја сакаме нашата заедничка татковина Република Македонија, и секој од нас да даде личен придонес за едно поубаво општество за нашите деца, родители, роднини, соседи и пријатели – порача Иванов.


ВМРО-ДПМНЕ: Mакедонија станува жртва на антидржавното однесување на Заев и на СДС


Скопје, 7 мај, 2017 - 10:13 (META) 

„СДС молчеше по поставувањето на албанското знаме во кабинетот на претседателот на Собранието. Сега СДС молчи и на изјавата на Талат Џафери дека ќе го официјализира албанскиот јазик на целата територија, а Собранието на Македонија ќе биде третиот парламент во регионот каде што седниците ќе се водат на албански јазик“, се вели во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека „овојпат цела Mакедонија станува жртва на антидржавното однесување на Заев и на СДС“.

– Заев и СДС, за да се спасат себеси од одговорност за сторените криминали, во состојба се да ги продадат државните и националните интереси на Македонија – се додава во соопштението.


СДСМ: Мнозинството ќе ги заштити државните интереси и ќе ја спроведе граѓанската волја


Скопје, 23 април, 2017 - 10:28 (META) 

„Парламентарното мнозинство избрано од граѓаните на веродостојни избори мора да ги заштити граѓанските и државните интереси. Граѓаните и државата се под заложништво на Никола Груевски и на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, кои со насилство ги блокираат демократските процеси“, порача СДСМ во денешното соопштение, велејќи дека партијата и нејзиниот лидер се подготвени „за да се спасат од одговорност, да го блокираат целиот државен систем и да ги жртвуваат стабилноста на Македонија и егзистенцијата на луѓето“.

„Граѓаните гласаа против насилства, заложништва, криза, притисоци, против кршење на Уставот и на законите. Тие во огромно мнозинство избраа промени и заедништво и очекуваат квалитетен живот и евро-атлантски интеграции. Нивните 700.000 гласови се преточени во демократски формирано парламентарно мнозинство од 67 пратеници, кое има обврска да ги заштити граѓанските и државните интереси. Бидејќи се работи за неразумни политичари како Груевски и Иванов, парламентарното мнозинство постапува мудро за да ги заштити државата и граѓаните од насилството на криминалната група, која сака инциденти и не дозволува мирен трансфер на власта“, се вели во соопштението од Социјалдемократскиот сојуз.


ВМРО-ДМПНЕ: СДСМ не може да ги плаќа своите долгови со националните и со државните интереси


Скопје, 23 април, 2017 - 10:19 (META) 

„Ако СДС некому нешто должи, нека се раздолжи со парите на криминогеното раководство на СДС. Не може своите долгови СДС да ги плаќа со националните и ос државните интереси на Македонија“, порача ВМРО-ДПМНЕ денеска во соопштението насочено кон политичкиот противник, Социјалдемократски сојуз на Македонија.

„Народот на 11 декември не гласаше за бинационална држава. Народот не гласаше за двојазичност, за менување химна, за менување знаме и име.Криминогениот СДС и аболираниот криминалец Зоран Заев нека не се надеваат дека нарко-мафијашите и луѓето што го негираат македонскиот идентитет ќе ги донесат на власт. Граѓаните јасно кажуваат дека не сакаат туѓи платформи од странски држави. Граѓаните не ја сакаат тиранската платформа, која СДС сака да ја протурка и да формира влада по секоја цена. Криминалците од СДС не можат да го излажат народот за да се спасат од затвор. Народот ги прочита и им порачува секој ден на улиците дека ќе одговараат пред правдата. Не може со некоја неуставна платформа да се спасат“, се вели во соопштението.


СДСМ: Груевски мора да прифати дека е опозиција и мирно да ја напушти власта


Скопје, 22 април, 2017 - 18:34 (META) 

Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ мора да прифатат дека се опозиција и достоинствено да ја напуштат власта, што ја узурпираат четири месеци, без дозвола на граѓаните, се вели во реакцијата на СДСМ на денешната прес-конфереција на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Јовановски.

„Лагите повеќе не поминуваат ниту кај граѓаните ниту, пак, кај меѓународната заеница којашто повика на разум во интерес на стабилноста на Македонија и на регионот и мирен трансфер на власта. За сите е јасно дека постои само една платформа, тоа е криминалната ппатформа што преку лагите во јавноста ја штити раководството на ВМРО-ДПМНЕ, во обидот да си го спасат натрупаното богатство и себеси од правдата“, стои во соопштението на СДСМ.

Од партијата предупредуваат дека разгорувањето на меѓуетнички тензии, како и активности спротивни на државните интереси се тешки дела против Уставот и повлекуваат сериозна одговорност.

„Програмата на новата реформска влада е единствениот валиден документ за граѓаните, во кој никаде не пишува за менување знаме, химна, грб, име, двојазични банкноти. Употребата на јазиците е утврдена јасно според потребите на граѓаните, а предвидена е и заштита на македонскиот јазик. Денешната прес-конференција на Крсто Јовановски, како и сите други нарачани текстови на оваа тема по медиумите зависни од Никола Груевски, се лажни вести наменети за да се предизвикува вознемиреност кај граѓаните и да се провоцираат тензии“, велат од СДСМ.


Г.г. Стефан: Тешко ги договараме работите од национален и државен интерес


Тетово, 21 април, 2017 - 14:16 (META) 

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска aрхиепископија, г.г. Стефан, по служењето на архиерејската литургија во црквата „Пресвета Богородица“ во Тетово, по повод празникот Источен Петок, во својата беседа повика на обединување на македонскиот народ и на заштита на државните интереси.

– Ние, но особено други забележале дека сме добродушен, кроток, гостопримлив народ. За други сме подготвени да дадеме сè што имаме и лебот од устата да го поделиме. Тоа е поради христијанското во нас. Но, сосема сме други кога се во прашање меѓусебни односи, македонските односи и работи. Тешко меѓу нас ги договараме работите од национален и од државен интерес. Го гледаме најпрвин личниот или партискиот интерес – порача пограварот на МПЦ – ОА, г.г. Стефан.


ВМРО-ДПМНЕ: Народот бара избори, кризата наметната од СДСМ мора да заврши


Скопје, 19 април, 2017 - 9:58 (META) 

Оваа криза наметната од СДС мора да заврши, народот бара избори, на кои ќе се изјасни и ќе знае за што гласа, стои во редовното утринско соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

Алудирајќи на премиерот на Албанија, Еди Рама, од партијата велат дека човекот што стои зад тиранската платформа продолжува да ја промовира соросовата политика на предизвикување на конфликти, со уште поопасни ставови како што е прекројување на границите на Балканот, а СДСМ подолжува упорно да молчи.

„СДС уште еднаш на македонскиот народ му докажа дека е партија која работи за џебовите на своите водачи и не мисли на иднината на граѓаните. Народот го прочита и му се спротивстави на СДС, излезе на улица и повеќе од 50 дена без престан му кажува дека националните и државни интереси не се на продажба. Граѓаните секој ден на СДС му порачуваат дека не им се потребни платформи од туѓи земји, народот бара инвестиции, нови работни места, мерки“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


СДСМ: Новата влада ќе се грижи за потребите на граѓаните и за државните интереси


Скопје, 13 април, 2017 - 9:12 (META) 

„Во следниот период, многу бргу граѓаните ќе ја добијат својата влада според деловникот, Уставот и законите. Новата влада ќе се грижи за нивните реални потреби и за државните интереси и тоа е врвен приоритет што ќе се оствари“, се вели во редовното утринско соопштение на СДСМ.

Во него се додава дека „работниците ќе добијат зголемување на минималната плата на 12.000 денари во првата година, а таа ќе се зголеми до 16.000 денари на крајот на мандатот на новата реформска влада“.

„Ќе се намалат нивните животни трошоци. Граѓаните ќе плаќаат помалку пари за електрична енергија, бидејќи ќе се врати евтината дневна тарифа од два часа секој ден и преку целиот викенд, и сабота и недела. Учениците нема да имаат стресови бидејќи нема да полагаат екстерно тестирање, а за наставниците нема да има апсурдни казни“, велат од СДСМ.


ВМРО-ДПМНЕ: Доаѓаат локални избори, разбирлив е стравот на СДСМ


Скопје, 9 март, 2017 - 11:14 (META) 

„Соберете храброст и соочете се со македонскиот народ. Извадете ја платформата и срамниот договор на виделина. Нека гласа народот. Наше е да го послушаме“, велат во редовното утринско соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата нагласуваат дека е неприфатливо „виткањето кичма“ со државните и национални интереси.

„Доаѓаат локални избори. Разбирлив е стравот што го има СДСМ. Знаат дека платформата од Тирана е катастрофална за Македонија. Затоа кријат што договориле. Сепак, судот на народот е последен. Платформата беше наметната по изборите и граѓаните имаат право да се изјаснат. Доколку СДСМ нема храброст да се соочи со граѓаните, го повикуваме јавно да се откаже од платформата и од реализација на нејзините елементи, по што ќе ја добие поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, иако лагите на Зоран Заев беа поразени на изборите“, велат од партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, трагедијата е во тоа што „не само сегашната туку и сите идни генерации ќе плаќаат за криминалот на Зоран Заев и на криминогеното раководство на СДСМ“.