Владата го отповика Мико, а Лазе Еленовски го прати во Брисел


Скопје, 28 февруари, 2018 - 10:12 (META) 

Владата на вчерашна седница отповикала на неколку конзули меѓу кои најекспониран е Џејсон Мико, долгогодишен колумнист во пропаднатиот весник „Дневник“ и консултант на владата во времето на ВМРО-ДПМНЕ, кој бил плаќан од буџетот.

Претходно тој бил и лобист за ВМРО-ДПМНЕ и консултант. Според документите заведени на Американската агенција за регистрација за странски соработници – ФАРА, ВМРО-ДПМНЕ за 7.500 долари месечно го ангажирала Џејсон Мико да дава консултантски услуги непосредно пред изборите на 5 јули 2006 година, на кои партијата дојде на власт.

Покрај Мико, отповикани се и Ричард Голдман, Томас Танеф, Ендру Димитри Пејкоф, Лоу Влашо и Пуршотам Карамангала Џајарам.

Во рамките на точките за кадровски измени, Владата вчера го именувала Бујар Дарлишта за в.д. директор на Управата за водење на матични книги, а Лазар Еленовски е назначен за  специјален пратеник на Владата на Република Македонија за НАТО интеграции во Брисел.

На предлог на Mинистерството за финансии Владата го усвоила Предлог – законот за пријавување и евиденција на обврски кои ги имаат буџетските институции. Имено, досега не постоел унифициран механизам на евиденција и следење на обврските на субјектите кои располагаат со јавни средства. Новиот предлог – закон предвидува преку електронски систем да се евидентираат преземени, а неисполнети обврски на институциите, како и неплатените обврски.

Законот ги опфаќа органите на државната власт, единиците на локалната самоуправа, установите и институциите кои вршат дејности од областа на културата, образованието, здравството, детската, социјалната заштита, како и во други дејности од јавен интерес.


Се спрема закон кој треба да спречи трупање на долгови на институциите и општините


Скопје, 9 февруари, 2018 - 12:19 (META) 

Законот за пријавување и евиденција на обврските преку кој ќе се регулираат долговите на институциите ќе влезе во владина процедура, најави денеска министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Според него, на овој начин ќе се избегне натрупување на неевидентираните долгови како во минатото.

– На тој начин ќе се евидентираат преземени, доспеани и неплатени обврски во соодветен електронски систем од страна на сите органи на државната власт, јавните установи и институциите и единиците на локалната самоуправа. Така ќе имаме целосен увид во заостанатите обврски на сите овие субјекти, што е основен предуслов за систематско спречување на повторување на овој проблем во иднина – појасни Тевдовски на потпишувањето на договорот за меморандум за разбирање меѓу шест општини во рамки на проектот „Зајакнување на општинските совети – фаза на имплементација”.

За оваа цел, Министерството за финансии подготвува софтвер во кој сите институции редовно ќе ги пополнуваат податоците преку веб-апликација.

Тевдовски додаде дека и годинава во буџетот за 2018 година се предвидени повеќе средства за општините, што треба да овозможи редовно да ги вршат своите функции и паралелно да започнат да го намалуваат износот на неплатени долгови од минатото.


СДСМ: На семејства во Прилеп им биле отпишувани долгови во изборни години


Прилеп, 3 февруари, 2018 - 13:54 (META) 

Членот на Извршниот одбор на ОО СДСМ, Прилеп, Филип Попоски информираше дека, полицијата до Основното јавно обвинителство поднела кривична пријава против поранешниот директор на „Комуналец“ од Прилеп, Златко Ристески и други лица членови на Управниот одбор на претпријатието, за основано сомнение дека сториле кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

„Според пријавата, Златко Ристески во 2012 година предизвикал сообраќајна несреќа со службеното возило „цитроен Ц4“, која не ја пријавил во полиција. Потоа, самиот организирал подигање и поправка на возилото, а „Комуналец“ добил фактура за набавка на автоделови за оштетеното возило во висина од 250.000 денари. Пријавените членови на Управниот одбор на „Комуналец“ ја одобриле исплатата на фактурата, иако Златко Ристески не дал на увид Налог за користење на службеното возило, или каков било документ, со што може да се потврди дека на денот кога се случила сообраќајката бил на службено патување“, изјави Попоски.

Тој додаде дека, „и актуелниот директор на „Комуналец“, Звонко Јованоски, соопштил дека Златко Ристески го оштетил ова јавно претрпијатие за половина милион евра.“

„Ристески, своеволно и спротивно на законот, им го отпишувал долгот за неплатени сметки за отпад на одредени семејства, со што само по овој основ, го оштетил претпријатието за над 10 милиони денари. Ненаплатените сметки биле во изборните години 2011, 2012 и 2016 година. Спротивно на закон, Ристески не им исплаќал одредени надоместоци на вработените, со што создал долг во висина од 47 милиони денари, од кои 21 милион денари за камати, судски трошоци, адвокати и извршители поврзани со тужби од вработени,“ изјави Попоски.


МЗШВ плати 137.000 евра заостанати долгови за членарини во меѓународни организации


Скопје, 25 декември, 2017 - 14:52 (META) 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) плати 137.000 евра по основ на заостанати долгови, за претходни години, за неплатени членарини во меѓународни организации за земјоделство, информираат од таму.

Станува збор за долгови за членарини во Организацијата за храна и земјоделство при ООН (ФАО), Меѓународната организација за вино (ОИВ) и Европската и медитеранска организација за заштита на растенија (ЕППО).

„Членството во ФАО е од исклучителна важност за Македонија, бидејќи токму преку оваа организација се спроведуваат клучни проекти за македонското земјоделство, како што се проектот за консолидација на земјоделското земјиште, за реонизација на земјиштето според почвените карактеристики, како и поддршка за полесен пристап до меѓународниот финансиски инструмент, Зелен климатски фонд“, се додава во соопштението на МЗШВ.

Податоците покажуваат дека претходната власт, за ФАО, до 2012 година не плаќала ништо. Потоа, следните години се плаќале минимални износи, а реалните долгови само се акумулирале. Цели пет години не се плаќала членарината во ЕППО, а три години не била платена членарината во ОИВ.

„Од централата на ФАО во мај годинава пратија допис до македонското Министерство за надворешни работи со предупредување дека Македонија поради неплатената членарина ќе го изгуби правото на глас“, соопштуваат од МЗШВ.


Заев вети владина помош на општините за враќање на долговите


Струга, 1 декември, 2017 - 21:22 (META) 

Премиерот Зоран Заев најави план за помош на општините во справувањето со долговите кои надминуваат 200 милиони евра, упатувајќи порака до градоначалниците да се воздржат од политизација на администрацијата и да применат креативност во надминувањето на предизвиците.

– Може ќе заминете од функцијата посиромашни, но ќе бидете посреќни – рече Заев на Националниот форум за градоначалници, кој се одржува денеска и вчера во Струга. На форумот организиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа и со Министерството за финансии, 79 градоначалници имаа можност да дискутираат со премиерот и со министрите за приоритетите и за потребите на општините.

– Локалните заедници се срцето на развојот и демократијата. Општината е местото каде се создава квалитетот за животот на граѓаните – рече постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон.

Самуел Жбогар,  шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, истакна дека патот кон решавање на локалните проблеми е тежок, но води кон подобар живот за граѓаните.

Премиерот Заев најави дека Владата ќе работи заедно со градоначалниците за вистинска децентрализација преку пренесување на надлежностите и обезбедување поголемо финансирање за локалниот развој.

– Не постои причина зошто капиталните инвестиции, на пример, во образованието, да не бидат во рацете на општините или планските региони. Вие подобро знаете каде се потребни парите – рече Заев.


Вработен во Општина Велес им се заканувал на Заев и на Бејли со бесење


Велес, 6 ноември, 2017 - 14:36 (META) 

Новоизбраниот градоначалник на општината, Аце Коцевски  денеска на прес-конференција  обвини дека пратеникот Илија Димовски има личен возач кој бил вработен во Општината и притоа го оштетил буџетот за голема сума пари.

Според пресметките на Коцевски, вкупните долгови на Општина Велес изнесуваат 169.197.606 денари или 2.751.180 евра.

Коцевски истакна дека постојат индиции дека двајца вработени во општинската администрација на 27 април учествувале во крвавиот инцидент во Собранието и додаде дека ќе бидат поведени соодветни постапки доколку се докаже дека тоа е точно.

Меѓу другото, за време на мандатот на претходниот градоначалник Славчо Чадиев, констатирана била превработеност во општинската администрација и работење во корист на политичка партија во работно време, со што биле направени сериозни кривични дела.

– Вработен испраќал екстремни и насилнички пораки како, на пример, „Поздравете си го лидерот од Муртино и тој што пушта паричиња од амбасадата, ама пред да биде Велес двојазичен, и нив и вас ќе ве бесиме на сред маало“… И јас треба сега да работам со оваа личност? – запраша Коцевски.

Сегашниот градоначалник истакна дека општинската зграда и неколку училишта имаат сериозни проблеми со греењето. Училиштата не набавиле дрва затоа што сметките им се блокирани и навреме не поднеле тендерска документација.

– Питијадата досега ги чини граѓаните на Велес 7.101.642 денари. Тоа е преголема сума и со тие пари во сиромашна општина може да се направат многу поважни работи отколку да се потрошат на забава. Мојот став е догодина оваа манифестација да продолжи само доколку нејзината организација ја прифати Стопанската комора, а Општина Велес да биде поддржувач – додаде Коцевски.


Државата има интерес случајот со „Фени“ да се реши во интерес на вработените, рече Заев


Скопје, 1 ноември, 2017 - 15:09 (META) 

Kако држава, немаме удел во „Фени“ и нашиот интерес се граѓаните, производството и работните места, изјави денеска премиерот Зоран Заев на самитот на „Македонија 2025“, одговарајќи на новинарски прашања за работата на „Фени“ по постапката за отворање стечајна постапка.

Како што посочи, претходниот сопственик на „Фени“ договорил купопродажба со бугарската фирма „Енекод“, но, нагласи, тоа веројатно не е доволно затоа што новиот сопственик мора и да ги сервисира и доспеаните долгови.

–  Оставаме на комитентите едни со други да се договорат. Ние сме овде да асистираме, апсолутно штитејќи ја „Фени“ – изјави Заев, додавајќи дека компанијата има перспективи со оглед дека цената на никелот се зголемува.

„Енекод“ треба да ги уплати парите до 13 ноември, врз основа на договорот со банките и со другите доставувачи.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, изјави дека е оптимист дека „Фени“ ќе се рестартира.

– Доверителите почнаа постапка за стечај, но тоа не значи запирање на работата на „Фени“ и нејзино затворање, туку напротив, од она што го имаме како сознание, ќе има брзо решение. Сите  обврски од околу 60 милиони евра на „Фени“, од кои 40 милиони евра кон банките и 20 милиони кон доставувачите, ќе бидат намирени, а компанијата ќе продолжи да работи во својот полн капацитет –  рече Анѓушев.

Тој додаде дека сè уште траат истрагите што во „Фени“ ги спроведуваат финансиската полиција и УЈП и дека тие наскоро ќе излезат со информација.


Првообвинетиот за грабежот во НЛБ тврди дека парите ги украл поради долгови


Скопје, 27 октомври, 2017 - 13:37 (META) 

Бобан Смилевски, првообвинетиот за грабежот во НЛБ, во завршните зборови ја призна вината и рече дека парите ги украл бидејќи имал долгови, а тој и семејство живееле под закани, пренесува „Фокус“.

– Делото не е од лукративна причина и не е за да се оствари имот за себе или за кој било друг. Бев во долгови и во последните два месеци бев под закани, јас и семејството. Губењето самоконтрола ме доведе до ова. За себе можам да кажам дека сум бил пример во приватниот живот, општеството, а до кражбата за себе можам да кажам дека не сум бил криминалец, ниту имам криминален ум – рекол Смилевски во својот завршен збор.

Тој додал дека другите обвинети ненамерно ги вмешал, па затоа побара тој да биде казнет наместо нив.

– Колку е поблага казната и колку побргу се вратам во општество, ќе почнам побргу да придонесувам – рекол Смилевски.

Тој им се извини на своите родители за нанесениот стрес и срам, како и на својата сопруга која ја оставил со две малолетни близначиња.

Објавата на пресудата за овој случај е закажана за 3 ноември.

Претходно, Обвинителството побара највисоки казни за четворицата обвинети во случајот – Бобан Смилевски, неговиот брат Горан Смилевски, Борис Минчевски и Мирослав Каевски.

Според обвинителниот акт, тие се товарат дека од НЛБ украле првин 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра, а потоа уште 2 милиони швајцарски франци и 270.000 евра.


ЕБУ воведува санкции за МРТ која тоне во долгови


Скопје, 26 октомври, 2017 - 9:42 (META) 

Гледачите на „Македонската радио-телевизија“ (МРТ) може наскоро да останат без европски спортски првенства, без „Евровизија“, странски програми, филмови и без странски документарци поради натрупан долг кон Европската радиодифузна унија (ЕБУ). Извор од програмскиот совет на МРТ, кој сакаше да остане анонимен, за ПИНА открива дека долгот надминува 500.000 евра. Ова можеби изгледа ситно во споредба со огромниот долг што националниот сервис го има натрупано низ годиниве, а кој е поголем од вкупните годишни приходи на телевизијата. На крајот на 2016 година, МРТ имала приходи од 19,3 милиони евра, а вкупниот долг натрупан со години кон домашни и странски доверители бил 21,8 милиони евра. И додека доверителите засега не креваат прашина, од ЕБУ не седат со скрстени раце и подготвуваат санкции за телевизијата.

МРТ има долг поради кој се соочува со санкции од трето ниво, потврди Клер Рејнфорд, висока претставничка за односи со јавноста од ЕБУ.

– За жал, „Македонската радио-телевизија“ веќе нема пристап до нашите сервиси сè додека не го плати долгот – вели Рејнфорд, која не ја откри сумата што ја должи националниот сервис.

Долгот кон ЕБУ се однесува за годишната членарина, но и за некои програмски права.

Според т.н. Кодекс за финансии, документ на ЕБУ, воведувањето санкции од трето ниво значи дека долгот е постар од 270 дена.

„Во случај на фактура која не е платена во рок од 270 дена од датумот на издавање, пристапот до сервисот ќе биде прекинат и извршниот одбор автоматски ќе побара препорака од Генералното собрание за целосно исклучување на членката од ЕБУ“, пишува во документот.

Нашиот соговорник од програмскиот совет на МРТ вели дека ваквото сценарио би било катастрофално за националниот сервис бидејќи телевизијата нема да може да емитува програма од ниту една членка на ЕБУ, ниту спортски натпревари, филмови, странски емисии, цртани филмови, ниту документарна програма.

Од генералниот директор на МРТ, Марјан Цветковски, не добивме одговор зошто телевизијата должи.

Неодамна беше укината радиодифузната такса, а Владата реши МРТ да се финансира од државниот буџет.

Повеќе на оваа тема прочитајте  тука.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


МРТ тоне во долгови, ЕБУ воведува санкции и забрани


Скопје, 26 октомври, 2017 - 9:36 (META) 

„Македонската радио-телевизија“ веќе не може да ги користи услугите на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) поради неплатен долг. Ова значи дека во опасност е целата програмска шема на националниот сервис. Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, за ПИНА вели дека не ги знаат вкупните долгови на телевизијата, па затоа е потребно да се направи комплетна ревизија на финансиското работење и ако имало злоупотреби, ќе има одговорност.

Автор: Милена Атанасоска-Манасиева – ПИНА
Визуелизации: Симона Атанасова – „Мета.мк“

Гледачите на „Македонската радио-телевизија“ (МРТ) може наскоро да останат без европски спортски првенства, без „Евровизија“, странски програми, филмови и без странски документарци поради натрупан долг кон Европската радиодифузна унија (ЕБУ). Извор од програмскиот совет на МРТ, кој сакаше да остане анонимен, за  ПИНА открива дека долгот надминува 500.000 евра. Ова можеби изгледа ситно во споредба со огромниот долг што националниот сервис го има натрупано низ годиниве, а кој е поголем од вкупните годишни приходи на телевизијата. На крајот на 2016 година, МРТ имала приходи од 19,3 милиони евра, а вкупниот долг натрупан со години кон домашни и странски доверители бил 21,8 милиони евра. И додека доверителите засега не креваат прашина, од ЕБУ не седат со скрстени раце и подготвуваат санкции за телевизијата.

МРТ има долг поради кој се соочува со санкции од трето ниво, потврди за ПИНА Клер Рејнфорд, висок претставник за односи со јавноста од ЕБУ.

– За жал, „Македонската радио-телевизија“ веќе нема пристап до нашите сервиси сè додека не го плати долгот – вели Рејнфорд, која не ја откри сумата што ја должи националниот сервис.

Безуспешно се обидувавме да добиеме одговори за долгот на МРТ од директорот Марјан Цветковски. Според наши извори, конкретно, долгот кон ЕБУ се однесува за годишната членарина, но и за некои програмски права.

Според т.н. Кодекс за финансии, документ на ЕБУ, воведувањето санкции од трето ниво значи дека долгот е постар од 270 дена.

„Во случај на фактура која не е платена во рок од 270 дена од датумот на издавање, пристапот до сервисот ќе биде прекинат и извршниот одбор автоматски ќе побара препорака од Генералното собрание за целосно исклучување на членката од ЕБУ“, пишува во документот.

Нашиот соговорник од програмскиот совет на МРТ вели дека ваквото сценарио би било катастрофално за националниот сервис.

– Телевизијата нема да може да емитува програма од ниту една членка на ЕБУ, ниту спортски натпревари, филмови, странски емисии, цртани филмови, документарна програма. Ќе бидеме отсечени од светот – вели изворот.

Од генералниот директор на МРТ, Марјан Цветковски, не добивме одговор зошто телевизијата должи. Ваков долг би бил уште поголем проблем токму сега. Имено, неодамна беше укината радиодифузната такса, а Владата реши МРТ да се финансира од државниот буџет, со што националниот сервис секако нема да има поголеми средства отколку во минатото. Нашиот извор од програмскиот совет вели дека долгот е натрупан од 2012 година.

– Лани МРТ зеде кредит од 3 милиони евра за да ги покрие долговите. Требаше да се платат странските и домашните копродукции кои веќе ја тужат телевизијата. Долгот требаше да се врати на три рати, но засега платена е само првата рата. Зошто, никој не знае – вели тој.

Малкумина ги читаат финансиските извештаи на телевизијата, каде нема да го сретнете зборот „долг“, туку тој со фин финансов речник е спакуван како „обврска“. А обврските на МРТ на крајот од минатата година биле тешки 21,8 милиони евра.

– На хартија, долговите на МРТ надминуваат 20 милиони евра, но се стравува дека има и скриени долгови. Натрупаниот долг кон ЕБУ едно време достигна и околу 2 милиони евра за неплатени членарини и други обврски, а националниот сервис имаше и голем долг  за одржување на сателитскиот сигнал. Како предупредување, сигналот беше прекинат и дијаспората не можеше да гледа македонска телевизија – открива Драган Секуловски, директор на ЗНМ.

Сумата што ја спомнува Секуловски се потврдува и во финансиските извештаи на телевизијата.

Во рекапитуларите на вкупните обврски, може да се забележи дека на крајот на 2014 и на 2015 година тие надминувале 22 милиони евра, за лани, на крајот од годината, да се намалат за околу 200.000 евра, но секако се повисоки од вкупниот приход што го остварила телевизијата.

Наши извори откриваат дека ситуацијата со минусното салдо на МРТ била толку алармантна што сметките биле блокирани, а Агенцијата за аудио-визуелни услуги (ААВМУ) не можела да наплати казни поради непродуцирање домашна програма. „Македонската радио-телевизија“ е и второ државно претпријатие кое ѝ должи најмногу пари на Управата за јавни приходи (УЈП). Според листата на должници објавена на веб-страницата на Управата, МРТ должи речиси 2,2 милиони евра по основа на разни даноци. Ниту Владата, ниту Собранието немаат податок колкав е вкупниот долг на националниот сервис. Ова ни го потврди министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

– Ние ги гледаме финансиските извештаи како сите други. Не знаеме колкав е целосниот долг на телевизијата. Затоа е потребно да се направи комплетна ревизија на финансиското работење и ако имало злоупотреби, ќе има одговорност – вели Манчевски.

Од следната година, МРТ ќе добива 0,7 проценти од државниот буџет Прашање кое логично се наметнува, ако се знае дека МРТВ е потоната во долгови, е дали ќе успее да се реформира во вистински јавен сервис со новиот начин на финансирање? По укинување на радиодифузната такса, главната дилема беше колкав процент од државниот буџет ќе се одвојува за МРТ: 0,5 отсто или 0,7 отсто годишно. Шпекулациите се засилија откако во септември Собранието ги изгласа промените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во кои стои дека за МРТ ќе се одвојуваат 0,5 отсто од буџетот. Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, објаснува  дека оваа измена важи само до крајот на годината.

– По усвојување на новите предлог-измени во Закон за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, во идните  буџетски проекции, предвидени ќе бидат 0,7 проценти. Овие 0,7  проценти секоја наредна година ќе бидат зголемувани сè до достигнување на лимитот од 1 отсто – вели Бошњаковски.

За Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) неприфатливо е Владата веднаш да не одвојува по 1 процент од државниот буџет. – МРТ има сѐ повеќе обврски, а сѐ помалку пари – вели Секуловски, директорот на ЗНМ. Според него, потребни се од 25 до 30 милиони евра за МРТ да прерасне во квалитетен и независен јавен сервис. –  Ако телевизијата досега функционирала со 15, 16 или 18 милиони евра годишно, а притоа е едно од најзадолжените јавни претпријатија во Македонија, како сега ќе го реши проблемот ако добива исто толку или помалку пари? Факт е дека за да биде независна, мора да има доволно средства и да ги сервисира постојните долгови – објаснува Секуловски. Како за споредба што се случува во регионот, тој го посочува примерот на „Хрватската радио-телевизија“ каде се собираат околу 150 милини евра од радиодифузна такса.

– Таму се плаќа меѓу 45-50 евра по жител на годишно ниво, а во Македонија околу 5-6 евра. Во земјите од Југоисточна Европа, минимумот е во Бугарија, каде се одвојува по 12 евра по жител на годишно ниво за јавниот сервис. Ова значи дека или во Македонија имаме проблем со сфаќање на концептот за важноста на јавниот радиодифузер или, пак, се смета дека може да функционира со многу малку пари, што не е случај. Не можеме да веруваме дека државата нема 30 милиони евра за МРТ – вели Секуловски.

МРТ планира 2018 година да ја помине со 18 милиони евра Со колку пари досега функционирал јавниот радиодифузер, а со колкави приходи ќе функционира следната година? Како МРТ ќе успее да ги врати долговите, да донесе квалитетна програма, но и да остане надвор од партиско влијание е прашање што, исто така, логично се наметнува. Министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски, вели дека 0,7 проценти од државниот буџет ќе значат дека МРТВ ќе добие повеќе од 19 милиони евра. Но, според Законот, од овој колач за МТВ ќе останат 74,5 отсто, бидејќи остатокот оди за Македонската радиодифузија и за ААВМУ. Во превод, за телевизијата ќе има 15 или 16 милиони евра. Манчевски нема конкретен одговор за прашањето дали овие пари се доволни. – Тоа е засега планот. Буџетот е тој и јавниот радиодифузен сервис ќе мора да функционира со тие пари – кратко вели Манчевски.

„Македонската радио-телевизија“ во Предлог-планот за годишната програма за работа во 2018 година, планира приходи од речиси 18 милиони евра, од кои 16 милиони директно од државниот буџет, како што кажа и Манчевски во изјавата за ПИНА.

Нашите соговорници сметат дека ова воопшто не е доволно за јавниот сервис. ЗНМ останува на ставот дека буџетот за телевизијата треба да биде од 25 до 30 милиони евра. Поранешниот главен и одговорен уредник на првиот програмски сервис, Диме Ратајковски, ни изјави дека јавниот сервис досега на годишно ниво со радиодифузна такса и со средства од Владата, располагал со буџет околу 15-16 милиони евра.

– Ова е премалку за квалитетно функционирање на МРТ, според европски стандарди. Од консултациите што ги направив со одделението за финансии, на телевизијата ѝ се потребни не помалку од 20 милиони евра годишно. Финансии се потребни за производство на програма, исплаќање редовни и застарени долгови, за плати – вели Ратајковски.

Ако се погледнат анализите на AАВМУ добиени од финансиските извештаи на МРТ, таа во 2016 година остварила приход од 19,3 милиони евра, еден од најниските во последните неколку години. Во 2015 година собрала приход од 20,8 милиони евра. Покрај радиодифузната такса, телевизијата добивала и директни дотации од Владата. Од УЈП добивме одговор и колку успевале да наплатат за радиодифузна такса, па кога ќе се собере сè, заклучокот е дека со новиот начин на финансирање, МРТ ќе добие приближно иста сума колкава што и досега добивала.

Дали укинувањето на радиодифузната такса е чекор напред во унапредување на медиумската сфера во земјава или не? Како МРТ ќе стане независна и надвор од контролата на која било партија што е на власт ако парите ги добива директно од државниот буџет? Ова се дилемите за кои се водат битки меѓу новинарите и аналитичарите и на социјалните мрежи. Новинарот Ѕвездан Георгиевски смета дека укинувањето на радиодифузната такса е чекор што, не само што не ја унапредува медиумската сфера во Македонија, туку ја враќа назад. Според него, „Македонската радио-телевизија“ е јавен сервис, а јавниот сервис ѝ припаѓа на јавноста и таа (јавноста) треба да се грижи за него и да му ги обезбеди легитимитетот и независноста. Ако финансирањето го преземе извршна власт, која не е јавност и нејзините интереси неретко се спротивни од јавниот интерес, според Георгиевски, ќе имаме голем проблем.

– Извршната власт, во најдобар случај, може да ги штити интересите на тие што ја избрале, односно на нејзините гласачи, а најчесто ги штити интересите на партијата (партиите) што ја раководат. Можеби можеме утопистички да претпоставиме дека ќе се појави влада (еве и актуелната) која ќе има доблест да ја сочува автономијата и улогата на јавниот сервис, но кој вели дека утре нема да биде заменета со некоја друга влада што ќе има сосема поинакви идеи за функционирањето на МРТ. Познато е: кој ги има парите, тој управува – смета Георгиевски.

Тој додава и дека со вакво системско решение, партизираноста на МРТ не само што не се отстранува, туку се фундаментализира. Тој се согласува дека начинот и опфатот на плаќањето на таксата не е најсреќно решение, но подобро решение би било негово усовршување, а не ваква популистичка и, во основа, штетна мерка.

Ратајковски, пак, смета дека новиот начин на финансирање ќе доведе не само до поголема зависност туку до целосна зависност на јавниот сервис од Владата.

– Ако минатото претставуваше показател за индиректна зависност од владејачките кругови, од различни причини и интереси, а тука во прв план го нагласувам немањето соодветна законска регулатива или лошиот закон за регулирање на јавниот сервис и на медиумската сфера каков што имаме досега, ваквата мерка доведува до директна зависност и до оправдување на епитетот „владина телевизија“ – вели Ратајковски.

Програмскиот совет „си оди“ заедно со новиот закон

Здружението на новинарите ја поддржа одлуката на Владата за укинување на радиодифузната такса, но единствено не се согласува со предвидениот процент од државниот буџет наменет за телевизијата.

Министерот Манчевски објаснува дека претходниот начин на финансирање донел до целосна партизација на јавниот дифузер и дека тоа целосно треба да се избегне со новите измени на Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги.

– Во МРТ беа доведени до целосна политичка зависност бидејќи мораа во Влада да молат за дополнителни пари. Сега ќе добиваат фиксен приход кој нема да зависи од никој и од ништо. Ратите ќе им се исплаќаат без ничија одлука, ако сакаат месечно, на три месеци, како ќе одлучат тие, така ќе биде – вели Манчевски.

Во новите измени се планира и либерализирање на изборот на членовите на програмскиот совет, така што ќе се избираат професионалци од областа кои ќе треба да имаат и поддршка од минимум неколку чинители од областа на медиумите.

– Најважно и ново е тоа што пред да бидат избрани, ќе има сериозна јавна презентација на овие кандидати. Ќе има јавна дебата, јавноста ќе знае кои се тие, а ќе мора и самите да се претстават јавно, со план и со програма за работа – вели Манчевски.

Тој нагласува дека нема да се чека да им помине мандатот на старите членови на програмскиот совет, туку откако ќе се изгласа новиот закон, ќе има комплетно ново раководство во МРТ и нов програмски совет.

И ЗНМ поднело свои барања во врска со законските измени за начинот на кој ќе се избира програмскиот совет во насока на обезбедување на неговата независност.

– Со законот треба да се избегне во советот да седнат луѓе што имаат конфликт на интереси. Според наши сознанија, сега најмалку четири лица не ги исполнуваат критериумите или имаат конфликт на интерес бидејќи се партиски активни. На пример, портпарол на одредена општина, поранешен амбасадор… Притоа, тие се пристрасни при носењето одлуки во однос на програмскиот совет – вели Секуловски.

Oбезбедувањето доволно средства за независно функционирање на МРТ е и едно од клучните барања на Европската Унија, споменато и во извештаите на европскиот експерт Рајнхард Прибе. Зајакнување на независноста и на капацитетот на медиумскиот регулатор и на јавниот радиодифузен сервис е обврска што Владата си ја зададе себеси и со планот „3-6-9“.

Владиниот портпарол Бошњаковски смета дека со новиот предлог за измени и за дополнувања на Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, на транспарентен начин се утврдуваат изборот и именувањата на раководните органи на јавниот радиодифузер. Ова, според него, ќе обезбеди целосна департизација на МРТ, како и назначување на стручни лица на клучните позиции.

Прашања со кои сериозно ќе треба да се занимава новото раководство на јавниот радиодифузер е колкав е и како да се врати долгот што го има телевизијата, дали парите се трошени законски и во согласност со плановите за работа, но и како МРТ да стане сервис на граѓаните, а не на партијата на власт.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.