АНАЛИЗА: „Лична карта“ на јавните претпријатија – долгови и број на вработени

-

Во земјава има 149 јавни прeтпријатија на локално и на централно ниво од различни сектори. Голем дел од нив се потонати во милионски долгови, а поради енергетската криза, јавните комунални претпријатија најавија банкрот – клуч на врата и отпуштање на вработените, пишува Порталб. Во каква финансиска кондиција се јавните претпријатија и колку вработени опфаќаат?

Финансиски сметки во минус, доспеани а неплатени долгови

Од вкупниот број – 149 – јавни претпријатија во целата земја, 109 се јавни комунални претпријатија формирани на локално и на централно ниво, како и од Град Скопје.

Владата е основач на 14 јавни претпријатија и од нив десетина се во минус во првата половина од оваа година. Најголеми загуби во период од јануари до јуни прикажалo ЈП Национални шуми, кое е во минус со 2,7 милиони евра, ЈП МЖ Инфраструктура со 2,1 милион евра и ЈП Стрежево Битола со негативен финансиски резултат од 1,5 милион евра.

Во тешка финансиска кондиција се наоѓаат јавните комунални претпријатија. Од вкупниот број јавни претпријатија, повеќе од 130 се основани од општините и Градот Скопје, а конкретно само во надлежност на Град Скопје се осум јавни претпријатија. Аларм за состојбата вклучија градоначаниците на дел од општините, со предупредување дека се доведуваат во прашање услугите што ги добиваат граѓаните од комуналните претпријатија. Енергетската криза дополнително ја влоши финансиската состојба, со оглед на тоа што голем дел од комуналните претпријатија се наоѓаат на должничка листа – со доспеани, а неплатени обврски по различни основи.

Според долговите на новата листа, на високо второ место е МЖ Инфраструктура со долг од речиси 26 милиони евра.

Доспеани, а неплатени обврски на ЈП и ЈКП (јуни 2022)

МЖ Инфраструктура 25,9 милиони евра

ЈП Колекторски систем Скопје 8,8 милиони евра

ЈП Водовод Куманово 8,2 милиони евра

ЈП Водовод и канализација -Скопје 7,3 милиони евра

ЈКП „Тетово“ 5,4 милиони евра

ЈП Водовод Охрид 5,1 милиони евра

ЈСП Скопје 3,5 милиони евра

На должничката листа се комуналните претпријатија од речиси сите градови, ЈП Чистота – Куманово, ЈСП – Скопје, ЈП Комуналец Струмица, ЈП Комуналец Гостивар, ЈП Водовод Струга, ЈКП Дебар, ЈКП Свети Николе и други.

Во 2021 година 18.146 вработени во јавните претпријатија

Во сите јавни претпријатија според податоците од Министерството за информатичко општество, во 2021 година работеле 18.146 вработени, а според податоците од асоцијацијата на комунални претпријатија АДКОМ, само во комуналните претпријатија работат 15.000 луѓе.

Според бројот на вработени, предничи Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје, кое е под „капата“ на Град Скопје. За финансиската 2021 година прикажало загуба од 3,3 милиони евра, а во него лани биле вработени 1.325 луѓе.

Уште едно ЈП основано од Град Скопје е со голем број вработени – ЈП Комунална хигиена Скопје со 1.321 вработени. Лани ова ЈП прикажало нето-загуба од 700.000 евра.

На трето место со 1.224 вработени е ЈП Водовод и канализација Скопје, ЈП кое котира на должничката листа со милионски доспеани, а неплатени обврски, но и со генерирана загуба од речиси 1,1 милион евра во календарската 2021 година.

Со над 300 вработени се и Јавните комунални претпријатија ЈКП Дервен – Велес, ЈКП Комуналец Прилеп, ЈКП Струмица, ЈКП Комуналец Кавадарци, ЈП Паркови и зеленило.

Јавните претпријатија често се коментираат како „јасли“ за згрижување на партиски кадри, а оние со најголем број вработени во повеќе случѐи покажуваат и најслаба ликвидност. Од АДКОМ подолг период бараат помош и логистика од Владата за да се премости енергетската криза, којѐ резултира со драматично високи сметки. Без помош од централната власт, менаџерите најавија дека ЈП ќе престанат со давање на услуги за граѓаните, а вработените ќе бидат отпуштени.

ИзворПорталб

Петти мировник на ОН е ранет во јужен Либан, САД и Европа ги осудија нападите на Израел врз мировниците

Петти мировник на ОН е ранет во јужен Либан откако бил погоден од огнено оружје, соопштија привремените сили на ОН во Либан (Унифил). Во соопштение, Унифил вели дека мировникот во...