Скопски „Водовод“ есенва ќе нема акција за плаќање на заостанатите сметки без камата

-

Скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ годинава нема да организира акција за граѓаните и компаниите за плаќање на заостанатите сметки на рати без камата. Вакви акции имало во минатите години, па така во есенскиот период во 2018 и во 2020 година била спроведена оваа можност за да се подмири под поволни услови заостанатиот долг од корисниците.

„Оваа година ЈП „Водовод и канализација“-Скопје имаше една акција за наплата на долговите без пресметана камата. До крај на годината не се планира нова акција“, информираат за Мета.мк од ова јавно претпријатие.

Од скопски „Водовод“ додаваат дека доколку во иднина се спроведува ваква акција, корисниците на нивните услуги навремено ќе бидат информирани за начинот и условите под кои истата би била спроведена.

Ова јавно претпријатие го прашавме и дали се зголемува или опаѓа процентот на наплата на сметките за вода на месечно ниво во изминатиов период поради зголемениот процент на инфлација во земјава и растечките цени на производите и услугите.

„Во моментов наплатата е константна и нема драстични отстапувања и покрај енергетската криза и инфлацијата“, велат од ЈП „Водовод и канализација“-Скопје.

Во текот на оваа акција што се спроведе на почетокот од годинава се склучија 554 договори со физички лица, во износ од 39.130.952 денари и 30 договори со правни лица во износ од 3.244.238 денари.

Инаку, скопското јавно претпријатие за последен пат спроведе акција за наплата на долговите на рати без камата за физички и правни лица во периодот од 1.02.2022 до 15.03.2022 година. Во овој период корисниците кои имаа заостанат долг, имаа можност да го сервисираат истиот, без пресметка на камата за задоцнето плаќање.

Претпријатието тогаш за последен пат им излезе во пресрет на барањата на корисниците, па така физичките лица имаа можност за склучување на договори до најмногу 48 рати, а правните субјекти до 24 рати, во зависност од висината на долгот.

Од оваа мерка во акцијата спроведена на почетокот од годинава беа изземени органите на државната и локалната власт, како и другите државни органи и институции кои вршат дејности од јавен интерес, агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија, основани од државата, општините и Град Скопје.

Инаку, во 2018 година есенската акција за плаќање на заостанатиот долг на рати без камата се спровела во периодот од 15 октомври до 3 ноември. Акција за наплата на долговите без камата за физички и правни лица имало и во 2020 година, во периодот од 2 ноември до 15 декември.

По истекот на периодот на траење на овие акции, оние граѓани и компании кои не успеаа да го платат долгот, мораа да чекаат до наредната одлука што ќе ја донесе ЈП „Водовод и канализација“, а во меѓувреме единствено што им останува на должниците е да стрепат од присилна наплата на долгот или подмирување на заостанатите сметки со вкалкулираната камата поради доцнењето.

Во Скопје нема организирана група која киднапира деца

Вистиномер побара изјава од МВР со цел да разјасниме, дали постои или не организирана група која киданпира деца сред бел ден во Скопје, како што тврди објавата. Портпаролот на...