Медицинските сестри немаат сигурно работно место дури ни во Итна помош


Скопје, 20 декември, 2018 - 11:45 (META) 

Освен физички напади, персоналот на службата за Итна медицинска помош во Македонија се соочува и со уцени, со проблемот на недостиг на униформи и имаат низок бенефициран стаж. Сите овие случаи, според една медицинска сестра вработена во Здравствен дом – Скопје, чиј идентитет е познат на редакцијата на „Порталб“, се резултат на незадоволство на граѓаните спрема службата од една страна, а од друга страна, недостиг на соодветно почитување и вреднување на нивната работа.

Физичкиот напад врз лекарката во Волково не е единствен случај на напад врз здравствените работници при давање услуги од службата за итна помош. Знаеме и за случајот кога беше нападнат лекар во Тетово, беа нападнати лекар и медицински сестри во Чаир, како и напад врз персоналот во скопска Кисела Вода.

-Да, случајот со тепањето на лекарката не е прв што ни се случува како вработени во оваа служба. Се случувало и пред тоа. Тоа доаѓа како последица на тоа што граѓаните не ја добиваат посакуваната услуга. Често пати доцниме, а ова ее поради расипување на возилата кои се стари – вели за „Порталб“ медицинска сестра вработена во Здравствен дом – Скопје.

Таа вели дека имаат несоодветни униформи, а пак возилата честопати немаат ниту функционални клима уреди, ниту средства за дезинфекција.

– Недостигаат услови, почнувајќи од униформа за терен, која треба да не штити. Услови во внатрешноста на возилото не се соодветни. Во текот на летото и зимата недостасуваат клима уреди, и често се случува ампулите да смрзнат, ја менуваат физичка состојба. Недостасуваат дури и средства за ракавици, маски – продолжува медицинската сестра.

Како илустрација, Хрватска, која исто така е држава на Балканот, но членка на Европската Унија, има возила и униформи какви што ги посакуваат и вработените во службите за Итна помош во Македонија.

Медицинската сестра вели нивниот стаж треба да биде ист како и на лекарите во другите служби, каде 12 месеци работата се вреднуваат како 15 месеци, бидејќи опасноста на работа и стресот што го доживуваат, влијае врз нивната здравствена состојба.

Според податоците на Министерството за труд и социјална политика, Деловникот предвидува:

– На лекар во Итна медицинска помош 12 месеци му се пресметуваат како 15 месеци:

– На медицински техничар (сестра,  техничар, главна сестра), кои и помагаат на сестрата при давање итна медицинска помош, 12 месеци работа им се вреднуваат како 14 месеци стаж.

– На возач 12 месеци на работа му се вреднуваат како 14 месеци стаж.

Иако министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска вети дека ќе се формира комисија за верификација на бенефицираниот стаж, сепак такво нешто не се случило.

„Ќе се формира Комисија за утврдување на бенефицираниот стаж, која според законот требало да се формира во 2012 година. Целта е да се заштитат правата на работниците, кои согласно постојните законски одлуки спаѓаат во опасни професии, но не можеле  да го реализираат тоа“, изјави министерката Царовска во јули 2017 година.

Медицинската сестра со која зборуваше новинарот на „Порталб“ е скептична дека новите возила за Итна помош ќе влезат во функција пред да се реализираат вработувањата за кои министерот за здравство Венко Филипче изјави ќе се реализираат кон средината на 2019 година. Вработувањата според медицинската сестра, се ветуваат веќе 5 години.

Инаку, за зајакнување на услугите на Итна помош, министерот за здравство Венко Филипче најави набавка на 12 амбулантни возила, од кои 6 од се планирани да бидат дистрибуирани во Скопје, а другите 6 во други градови, но тоа се прави врз основа на критериум што не постои.

Да потсетиме, службата за Итна помош се очекува да подлежи на физибилити анализа за наоѓање на подобар начин на функционирање. Анализата се изведува од страна на еден оператор, од три колку што се пријавиле на повикот на Министерството, но имињата не се откриваат.

Во меѓувреме, Итната медицинска помош во Македонија функционира со стари и амортизирани возила, а пак нивниот број не кореспондира со бројот на жители во некои градови. Имало случаи кога во нив сме имале и губење на човечки животи. За да се избегнат овие ситуации, Министерството за здравство вети замена на амбулантните возила врз основа на километражата.

Но, со ова не се согласуваат автомеханичарите, бидејќи тие бараат замена на возилата не само врз основните километражата, туку и врз основа на тоа колку се искористени и амортизирани овие возила генерално и  во пократки односи.


Лекарската комора без став за моделот на приватизација на Итната помош


Скопје, 17 декември, 2018 - 10:02 (META) 

Една од најстарите организации и претставник на лекарската фела во Македонија, Лекарската комора нема став за тоа дали е подобро да се приватизира Итната медицински помош, пренесува „Порталб.мк“.

„Прво не знаеме дали ќе се приватизира, затоа и немаме став за ова прашање. Треба да видиме кој ќе ја изврши физибилити студијата, затоа и не се знае дали ќе се приватизира. Откако Министерството ќе обезбеди информации за претпријатието кое ќе ја спроведе анализата, тогаш ќе реагираме“, изјавија кратко од Лекарската комора.

Службата за Итна медицинска помош ќе подлежи на физибилити студија за да се најде подобар начин на функционирање. Анализа ќе ја врши еден од трите оператори колку што се пријавиле на повикот на Министерството, но имињата не се откриваат.

За да се зајакне служба за Итна медицинска помош, министерот за здравство Венко Филипче најави нови 12 амбулантни возила, од кои шест се распределени во Скопје, врз критериум кој што не постои, а останатите шест во други градови. Возилата се уште не се во употреба, а во меѓувреме службата најави 100 вработувања во текот на 2019 година.

Итната медицинска помош во Македонија функционира со стари и амортизирани возила, а нивниот број не кореспондира со бројот на жители во одредени градови. Имало случаи во тие возила да има и губење на човечки животи. За да се избегнат овие ситуации, Министерството за здравство вети замена на амбулантните возила врз основа на километражата, со што не се согласуваат автомеханичарите, бидејќи тие бараат замена на возилата врз основа на километражата во градовите надвор од Скопје, додека во Скопје, тоа треба да се врши врз основа употребливоста.


За набавка на амбулантните возила, Филипче се повикува на стандард кој не постои


Скопје, 30 ноември, 2018 - 9:59 (META) 

Набавката на 12 амбулантни возила за Итната медицинска помош, и дистрибуција на шест од нив само во Скопје, е врз основа на критериумот дека „за 50 илјади жители треба да има едно амбулантно возило“.

За овој критериум, Министерството за здравство и медиумите се повикуваат на Светската здравствена организација (СЗО), но никој не го објави документот од каде е изваден тој стандард, пишува „Порталб.мк“.

Според текстот, Министерството за здравство нема критериум по кој се врши распределба на возилата на Итната медицинска помош.

„Порталб.мк“ веќе подолго време го истражува начинот на функционирање на службата за Итна медицинска помош во Македонија и во други земји, но не наишле на никакви критериуми во врска со распределбата на амбулантни возила по број на жители.

„Според препораките на Светска здравствена организација, на 50.000 луѓе мора да има едно возило на Итна медицинска помош. До сега во Градот Скопје имало шест возила. Со оваа набавка, се обезбедуваат дополнителни шест возила, со што капацитетот на Итната медицинска помош ќе се зголеми за 100 проценти, но, исто така ќе се исполнат и стандардите на СЗО“, рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Од него се бара, јавно да објави дека набавката на 12 амбулантни возила на Итната помош е заснована на критериум што не постои и да одговори дали е направено претходно тестирање од Министерството за здравство за состојбата на службата за Итна медицинска помош, и на кое ниво се забележани пропустите.


Министерство за здравство ја испитува можноста за приватизација на Брзата помош


Скопје, 9 ноември, 2018 - 15:11 (META) 

Министерството за здравство со физибилити студијата ќе ја испитува можноста за правење на јавно-приватно партнерство за услугите „Брза помош“ и „Домашна посета“.

„Тендерот кој е распишан од страна на Министерството за здравство е отворен на 3 ноември и прибирањето на понудите трае до 14 ноември. Оваа набавка се однесува на прибирање понуда за изработка на физибилити студија и анализа на можности и капацитети на услугата „Брза помош“ и „Домашна посета“. Физибилити студијата треба да покаже дали воопшто е можен овој модел на јавно приватно партнерство, кој функционира и во други земји, да функционира и кај нас. Информацијата што ја пренесоа дел од медиумите дека е објавен тендер за јавно приватно партнерство не е точна, туку станува збор само за испитување на можноста за неа“, информираат од Министерство за здравство.

Oglas

Од таму велат дека по добиените резултати од анализата, ќе организира јавна дебата, на која ќе бидат презентирани резултатите и заедно со стручната јавност ќе се донесе најдоброто решение по однос на ова прашање.

„Јавното здравство во изминатите години покажа слаби резултати во менаџирање на Итната медицинска помош. Затоа, сега бараме начини како да ја подобриме состојбата и да понудиме подобри услови за граѓаните“, велат од Министерство за здравство.

Од таму објаснуваат дека моделот на јавно приватно партнерство за Брза помош, функционира во Италија

Според „Левица“ аргументот за приватизација на Итната медицинска помош е смешен.

„Ако како аргумент се нуди нефункционалноста на сегментот кој има намера да го приватизира, тогаш тој аргумент е смешен (јавното здравство во последните години покажало слаби резултати во менаџирањето во делот на Итната медицинска помош). Нема некаков пазар на „Брза помош“ па да се тврди дека конкуренцијата ја уништила државната. Со овој аргумент, Владата едноставно признава дека не е способна кадровски и организационо да го оспособи и унапреди овој сегмент на здравствената заштита. А ако не е способна, решение е да си даде оставка, а не да приватизира“, велат од „Левица“.

Професорката Мирјана Најчевска вели дека потребен ни е министер кој ќе го среди системот на здравствена заштита.

„Потребен ни е министер кој ќе го среди системот на здравствена заштита, а не кој ќе го претвори во пазар, кој ќе ја одржи веќе метастазираната корупција и кој ќе го го распрчка и она малку што останало од заштитата на граѓаните. Како може некој приватник кој сака да заработи и да оствари екстра профит да биде подобар давател на услуга“, вели Најчевска.


Автомеханичарите против замената на амбулантните возила според километражата


Скопје, 9 ноември, 2018 - 12:33 (META) 

Со цел да се избегне ситуацијата возилата на Итната медицинска помош (ИМП) во Македонија да се расипуваат секојдневно, Министерството за здравство предвидува нов правилник, според кој овие возила ќе се сервисираат и заменуваат зависно од бројот на поминати километри.  Со овој критериум на Министерството не се согласуваат автомеханичарите, бидејќи според нив, критериум за замена и сервисирање на возилата би требало да биде векот на нивното користење и условите во коишто се возат, пишува „Порталб“.

По случаите на расипување возила на Итна помош, при што пациенти починуваа бидејќи не можело да бидат пренесени в болница, Министерството за здравство (МЗ) соопшти дека планира амбулантните возила да се исфрлаат од употреба и да се заменуваат со нови врз основа на бројот на поминати километри.

„Министерството за здравство во моментов ги разгледува опциите со цел етаблирање како систем со што преку посебен Правилник со кој децидно ќе стои дека возилото за ИМП треба да се замени по помината одредена километража. Само за илустрација имаме стари возила кои имаат и по 600.000 поминати километри“, соопшти неодамна МЗ.

„Порталб“ го посети пунктот на Итна помош во Чаир и утврди дека едното од двете возила кои се во употреба поминало 429.756 километри, а второто 208.100 километри.

Автомеханичарот Игор Трајковски има спротивен став од тој на Министерството за здравство.

Вели дека некое возило не треба да се проценува според големиот број изминати километри, туку според неговата механичка состојба. Тој вели, на пример, дека ако едното од двете возила во пунктот во Чаир има поминато релативно малку километри, тоа не значи дека е во состојба да се вози и понатаму, бидејќи веќе е многу амортизирано.

Фото: Portalb.mk

– Има еден услов, зборувам за нови возила, според кој рокот за сервисирање во нормални околности на користење e 15.000 километри во рок од една година, но има и ситуации каде рокот е секои две години. Зборувам за условите во Македонија. Да бевме во Германија, тие ги сервисираат на секои 30 илјади километри, но во какви услови на користење? Ние, на пример, ако одиме од Ѓорче Петров до Автокоманда, ќе заглавиме во Центар… Кочи – тргни – кочи. Тука имаме еден час на искористеност, но не поминуваме километри. Не може километражата да биде услов за замена на возилото – вели Трајковски.

Тој е на ставот дека сервисирањето на возилата треба да се прави на секои 15.000 километри.

– Тие што се користат во оптимални услови треба да се сервисираат еднаш годишно, но ова не значи дека поминатите километри не треба да се земат предвид, бидејќи ако едно возило поминува 40.000 километри во годината, тогаш истото треба да се сервисира два пати годишно. Под сервисирање подразбираме замена на маслото, филтрите, како и контрола. Тоа е редовно сервисирање – рече Трајковски.

Според Здравствен Дом – Скопје, возила за Итна помош последен пат се набавени во 2008 година. Трајковски вели дека тие возила треба да се заменат со нови, а предлага и да има различни возила за урбана средина и за планински терени.

-Условите на користење на повисоки места не се исти како во Центар. Tреба да се има предвид кои возила во какви услови се користат. Едно е возило што патува од Охрид кон Скопје, а друго се возилата што се возат во рурални средини. Сега зборуваме за возила кои се понови, од 2009 година навака. Исто така, треба да има критериум дека возилата за ИМП не смее да бидат постари од 10-15 години. Тука нешто не е во ред. Треба да се постават стандарди, но државата треба да го направи тоа. На пример, по пет години користење, да се купи ново возило. За услугите што се вршат по селата, треба да имаа специјални возила, а не овие што сега се користат – вели Трајковски.


Скопјанец дивеел пред Брза помош во Чаир оти не му се јавувале на телефон


Скопје, 17 ноември, 2017 - 14:32 (META) 

Гневен на лекарот и на сестрата во единицата на Брза помош во поликлиника Чаир, кои не одговориле на телефонските повици, скопјанец вчера дошол пред вратата, удирал по неа, се заканувал на сестрата, а потоа го влечел докторот и му се заканувал дека ќе го убие ако нешто се случи на неговата внука.

Е.С., заедно со неговиот брат, вчера ја донел внуката, која имала грчеви, на преглед на детското одделение во Поликлиниката, при што лекарот рекол дека девојчето со возило на Брза помош мора да биде пренесено на Детската клиника во Скопје. Тогаш било побарано лекарот да телефонира на Брза помош, а откако никој не одговорил на повикот, Е.С., заедно со неговиот брат и со девојчето, отишол до единицата, која е во истиот објект, по што почнал да вика и да удира на стаклената врата. Кога ја забележал сестрата, почнал да ѝ се заканува, а кога излегол лекарот, го нападнал и му се заканил, извести СВР Скопје.


Девојче од Гостиварско починало во возило на брза помош


Гостивар, 12 јуни, 2017 - 13:03 (META) 

Девојче на 15-годишна возраст вчера починало додека со возило на брза помош било пренесувано од Медицинскиот центар во Гостивар кон Ургентен центар во Скопје, соопшти МВР.

При приемот на телото во Ургентен центар била констатирана смрт, а на него немало траги на насилство. Причините за смртта ќе се утврдуваат допрва, информира МВР.

Девојчето од гостиварското село Долна Гуновица, кое имало болки во стомакот, било донесено вчера во 4.30 часот во Медицински центар Гостивар. По укажаната помош, бидејќи сериозно му се влошила здравствената состојба, со брза помош било испратено за Скопје и починало на пат.


Надлежната комисија не нашла пропусти во случајот со починатите во брзата помош


Скопје, 30 март, 2017 - 19:23 (META) 

Комисијата за стручен надзор на Министерството за здравство тврди дека немало лекариски пропусти во лекувањето и при транспортот на двајцата пациенти од Крива Паланка, кои, кон средината на овој месец, починаа во возило на брза помош на кое му откажаа сопирачките, пренесува „Телма“. Комисијата беше формирана од Министерството за здравство за да го испита случајот.

Комисијата, повикувајќи се на документацијата што ја добиле, тврди дека по дефектот на возилото на брзата помош, екипа на брза помош од Скопје пристигнала по само 14 минути, откако била повикана, а не по половина часа, како што тврдело семејството на еден од починатите пациенти.

Стручниот надзор, според комисијата, покажал и дека случајот бил навреме пријавен во полиција.

„Известени се и МВР и Центарот за управување со кризи и нивното мислење било дека штом има лекар кој констатирал смрт, нема потреба од нивен увид и од увид на обвинителството – изјавил претседателот на комисијата, д-р Слободан Ристовски.

Комисијата не гледа пропуст ниту во тоа што двајцата тешко болни пациенти биле превезувани во едно амбулатно возило.

Од надлежното јавно обвинителство сè уште нема информација дали ја добило документацијата од МВР и дали ќе отвори постапка за случајот.


Почина 29-годишен затворник во Штип


Штип, 23 март, 2017 - 17:35 (META) 

Затвореник од Штип, на возраст од 29 години, починал во ќелијата, каде бил пренесен откако му се слошило во текот на постројувањето во дворот. Полицијата соопшти дека Ердал Јусинов починал вчера, околу 14.15 часот, во Казнено-поправниот дом – Штип, во креветот од собата. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот било предадено на обдукција.

Како што дознаваме, причина за смртта бил срцев удар. Во моментот кога му се слошило, немало кој да му укаже помош, бидејќи затворскиот лекар е на специјализација. Од затворската управа веднаш повикале брза помош, но кога пристигнала, лекарот од итната медицинска помош само констатирал смрт.

Јусинов во затворот преседел нешто повеќе од еден месец. Во средината на февруари годинава, дошол на издржување казна затвор во траење од една година за тешка кражба. Еден ден пред да почине, му се родило второто дете.


Oбвинителството чека МВР да реагира во случајот со починатите во брзата помош


Скопје, 13 март, 2017 - 17:05 (META) 

Надлежното јавно обвинителство чека официјално известување и документација за целиот случај од Полициската станица во Крива Паланка, па кога тоа ќе стигне, ќе го разгледа случајот, е одговорот што „Мета“ го доби од службата за односи со јавноста на Јавното обвинителство на Република Македонија, на прашањето дали обвинителството по допрен глас ќе го истражува случајот со двајца пациенти што вчера починале во возило на брза помош што од Крива Паланка било упатено кон Скопје.

„Надлежното јавно обвинителство е информирано за настанот и чека да пристигне официјално писмено известување со целокупна документација за целиот случај од Полициската станица во Крива Паланка. По пристигнување на информацијата, обвинителството ќе го разгледа случајот“, гласи одговорот.

Во врска со случајот на двајцата пациенти, од кои едниот по десетина дена од трансплантација на бубрег се јавил во Здравствен дом во Крива Паланка поради болки, а вториот пристигнал непосредно пред заминувањето на возилото на брза помош и бил веднаш качен и транспортиран, во јавноста се појавија многу шпекулации.

Претходно и в.д. директорот на Здравствен дом Крива Паланка за „Мета“ даде образложение за случајот и порача дека е најдобро да се утврдат фактите и да не се суди предвремено. Истрагата на Јавното обвинителство би требало да фрли повеќе светлина на случајот.