Фото: Весна Коловска, Штип

Сите четири амбулантни возила со кои располага ЈЗУ Здравствен дом „Гаврило Гаврилски“ од Свети Николе се донација. И петтото што се најавува да пристигне ќе биде донација од народот на Јапонија, преку проектот за мали грантови.

Од овие четири амбулатни возила, за транспорт може да се смета само на едно, и тоа донација од Јапонија од 2008 година, кое и покрај тоа што има оштетувања од сообраќајка, ги пренесува пациентите од општините Лозово и Свети Николе до Скопје.

Директорката на ЈЗУ Здравствен дом „Гаврило Гаврилски“, Славица Панева на потпишувањето на договорот за новото амбулантно возило зборуваше за проблемите со кои се соочуваат, во обид да се опслужуваат пациенти со возила, од кои дел се стигнати во Свети Николе со веќе поминати меѓу 300.000 – 400.000 километри.

„Многу ни е стар возниот парк. Од четирите со кои располагаме, две се донирани како половни возила со поминати над 300.000 – 400.000 километри кај кои имаме чести дефекти, тешко се наоѓаат делови за тие возила. Додека другите од две возила едното е донирано од Владата со кое имавме тотална сообраќајна незгода, при што беше уништено целото возило, така што после поправките не беше во полна функција, со чести дефекти. И имаме уште едно возило, донација од Јапонија од 2008 година и тоа имаше помала сообраќајка, меѓутоа, до сега на него најмногу се потпираме за транспорт на пациенти“, изјави директорката Панева.

Дополнително оптоварување на застарените ресурси се зачестените сообраќајни незгоди на автопатот Штип – Миладиновци, каде први на повиците излегуваат тимовите на светиниколскиот Здравствен дом.  

„Автопатот од една страна ни го олесни и скрати времето за транспорт, но од друга, се зголеми бројот на сообраќајните незгоди поради пребрзо возење и сл. Со тоа ни се зголеми бројот на интервенците и извлекувањето на пациентите за транспорт до Клиничкиот центар во Скопје“, кажа Панева.  

Свети Николе е една од општините со висок број на заболени од карцином, за чија дијагностика поголем дел од опремата е обезбедена со донации. Јапонска донација е ренгден апарат и друга апаратура за дијагностика на карцином. Бројот на заболените со карцином во Свети Николе, според директорката Панева и натаму останува висок, додека во услови на пандемија успеале да ги спроведуваат превентивните прегледи, а во функција е и имонолошки анализатор со работа на тумор маркери, ЦРП испитувања и други потребни анализи.