!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Французинот Пиер Лом е добитник на наградата за животно дело на „Браќа Манаки“


Скопје, 22 август, 2017 - 14:44 (META) 

Францускиот кинематографер од светски глас Пјер Лом е добитникот на наградата Златна камера 300 за животно дело на годинашното 38. издание на меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Фестивалот ќе се одржи од 23 до 30 септември во Битола, а Лом, иако е во поодминати години, ќе присуствува на фестивалот.

– Пиер Лом е легенда на француската и европската кинематографија, она што е најзначајно и карактеристично во опусот на овој кинематографер е што тој соработувал со значајни и големи имиња на француската кинематографија, а тој со својата вештина да се адаптира на сечиј стил беше еднакво успешен и во соработките со неколкумина странци, како што е на пример, американскиот режисер Џејмс Ајвори, со кого има снимено четири, многу важни  филмови за неговото творештво. Во неговата 40-годишна кариера тој ги има снимено некои од ремек делата на француската кинематографија, вклучувајќи го и филмот „Сирано де Бержерак“. Ние со гордост го очекуваме да биде наш ценет гостин, иако е во поодминати години, тој во својата прва реакција веднаш најави дека ќе биде наш гостин заедно со својата сопруга Рене – изјави директорот на Фестивалот, Благоја Куновски – Доре, на денешната прес конференција во ЕУ Инфо Центарот во Скопје.

На годинашното издание на „Браќа Манаки“ за наградите Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300 на годинашниот фестивал ќе решава петчлено жири, составено од Пол Рене Ростад, кинематографер од  Норвешка и актуелен претседател на ИМАГО, како и Лука Коасин, кинематографер од Италија, Јани-Петери Паси, кинематографер од Финска, Даријан Пејовски, режисер и сценарист од Македонија и Ерол Зубчевиќ, кинематографер од Босна и Херцеговина.


На затворањето на „Браќа Манаки“, водителката ги собу чевлите и ги фрли кон публиката


Битола, 18 септември, 2016 - 12:50 (META) 

На свеченото затворање на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, водителката се качи на сцена и се собу боса, а чевлите ги фрли кон публиката.

По ова, обезбедувањето ја отстрани од сцената.

Девојката што ја отстранија од сцената требаше да учествува во перформансот на Мартин Кочовски за затварањето, чија изведба беше откажана.

Кочовски го обвини фестивалот дека го цензурира, а од управата на фестивалот изјавија дека перформансот е откажан од технички причини бидејќи на сцената требало да се истури смет од овошје, кое не ќе можело бргу да се исчисти за да продолжи церемонијата на доделувањето на наградите.


Раде Шербеџија утре пристигнува на „Браќа Манаки“


Битола, 9 септември, 2016 - 11:41 (META) 

Битола ги прави последните подготовки за утрешното свечено отворање на 37. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Црвениот ќилим пред Центарот за култура се очекува да биде поставен утре, а на него ќе зачекорат светски познати кинематографи, актери и вљубеници во филмот од Македонија и од светот. Оргинизаторите се подготвени да го пречакаат славниот австралиски директор на фотографија Џон Сил, со неговата сопруга, кој ќе ја прими наградата за животно дело „Златна камера 300“.

Утре во градот на браќата Манаки се очекува да пристигне и големиот актер и режисер Раде Шербеџија, кој на гала-отворањето и на премиерата на филмот „Ослободување на Скопје“ ќе дојде со сопругата и со ќерката.

Александра Бубевска, портпарол на фестивалот, вели дека голем дел од гостите на фестивалот пристигнале во Битола, а како ретко кога оваа година „Манаки“ ќе го следат повеќе од стотина новинари од Македонија и од светот.

– Имаме акредитирано голем број домашни и странски новинари што ќе го следат фестивалот. Веќе имаме новинарски екипи и од Словенија, Грција, Франција, БИХ, Србија. Фестивалската атмосфера се чувствува, се работи забрзано и адреналински, бидејќи се прават последните подготовки – вели Бубевска.

Сите гости годинава ќе бидат сместени во хотелите и во помалите сместувачки капацитети во Битола. На располагање помеѓу филмските прокеции ќе бидат ставени вредните музејски поставки во Завод и музеј Битола, како и античкиот локалитет Хераклеја.


Новиот тим на „Браќа Манаки“ се откажува од проблематичната статуетка „Бона Деа“


Битола, 26 август, 2016 - 14:27 (META) 

Новиот тим на фестивалот „Браќа Манаки“ ги укинува наградите што разрешениот директор на фестивалот, Димитар Николовски-Таки, минатата година ги востанови како новина. Годинава се укинува наградата за најдобар кинематограф за нов европски филм, за што беше предвидено доделување на статуетка „Бона Деа“, изработена според оригинална скулптура пронајдена во Хереклеја.

Статуетката „Бона Деа“ лани, уште недоделена, крена прашина откако археолози од Завод и музеј – Битола јавно кажаа дека досега во Македонија не се најдени траги од култот на Бона Деа и дека тоа што фестивалот сака да го додели е машка фигура најдена во Хереклеја, која нема име. Ваквиот пропуст на поранешниот директор медиумите го оценија како скандал, така што на затворањето на фестивалот статуетката, иако беше изработена и новинарите ја фотографираа, сепак не беше доделена.

Сега, актуелниот директор на фестивалот, Благоја Куновски-Доре, вели дека тоа што било идеја на претходниот директор нема да се продолжи бидејќи за тоа немаат соодветна програма.

– Со сиот респект за неговата идеја, но ние нема по инерција да се надоврзуваме на тоа. Секоја чест за „Бона Деа“ како награда – рече Куновски.

Куновски вели дека фестивалот ќе ги доделува само трите награди, „Златна“, „Сребрена“ и „Бронзена камера 300“, во чест на великаните на кинематографијата, браќата Јанаки и Милтон Манаки, како и специјалните награди за животно дело и за придонес во светската кинематографија.


Фестивалот „Браќа Манаки“ не трпи последици од притворот на Талески


Битола, 25 август, 2016 - 15:20 (META) 

Директорот на Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“, Благоја Куновски-Доре, не би сакал да е во кожата на битолскиот градоначалник Владимир Талески, кој трет месец е во куќен притвoр поради сомнежи за малверзации со тендерите за превоз на ученици.

Откако тимот на Куновски се пожали дека имале невозможни услови за работа, новинарите прашаа дали имаат опструкции или какви било последици од Општина Битола поради притворот на Талески. Куновски, револтиран, новинарското прашање го оцени како непријатно и реши да зборува за својата аполитичност.

– Сакам да се надоврзам на симболиката на ова непријатно прашање. Не би сакал никој човек да е во таква ситуација, со сиот респект, јас сум деклариран аполитичар, непоправлив човек на тој план. Ги респектирам сите политички определби. Кога аплицирав за директор, јас кажав дека мене партии не ми требаат, моја партија е филмската уметност – рече Куновски.

Евгенија Теодосиевска, која е од тимот на Куновски и долгогодишен соработник на фестивалот, додаде дека воопшто не почувствувале дали Талески е во притвор бидејќи цело време комуницирале со вработени во Општината.

Сепак, Куновски се пожали дека Фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ – Битола годинава остана со скусен буџет, големите и традиционални спонзори се откажаа од спонзорирањето на 37. издание на оваа престижна филмска манифестациија.

Куновски рече дека годинава „Манаки“ ќе распогала со само 200.000 евра или, за споредба, само со 10 проценти од буџетот на саревскиот филмски фестивал.

Евгенија Бекташ од секторот за култура во Општина Битола, најави дека и годинава Општина Битола ќе го поддржи фестивалот со хотелското сместување.

– Поддршката на Општина Битола е помеѓу 5 и 6 милиони денари и таа се состои во хотелското сместување, кое се прави заедно со јавните претпријатија во градот. Плус 150.000 денари за печатен материјал и 250.000 денари кои ќе одат на сметка на Друштвото на филмски работници – рече Бекташ.


Општински службеник барал по 200 евра од угостители за фестивалот „Браќа Манаки“


Битола, 8 јануари, 2016 - 16:05 (META) 

Општински службеник барал од кафулиња во Битола по 200 евра спонзорство за фестивалот „Браќа Манаки“, обвини советникот Методија Илиевски од СДСМ. Тој покажа и фактура за уплатени 12.300 денари на сметка на 36. издание на фестивалот што се одржа во септември 2015 година.

фактура-кафич-битола

Илиевски, на последната седница на Советот, го праша и лично градоначалникот Талески, зошто собираат пари од угостители кога културните настани во градот се плаќаат со народни пари, собрани во буџетот на Општината.

Според Илиевски, ветувањата на службеникот биле дека оние кафулиња што ќе платат пари, ќе бидат дел од програмата на фестивалот „Браќа Манаки“, но не давал конкретни предлози кога и како ќе се вклучат во програмата.

– Еден од вашите службеници барал пари од кафулињата на Широк сокак за фестивалот. Пред мене е факурата и во неа описот е следен: спонзорство на 36. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Зарем ова, градоначалниче, не е, со големи зборови кажано, легален рекет? Зарем не се принудени угостителите од општина Битола да го плаќаат тоа што не мора да го плаќаат? – рече Илиевски.

Илиевски ги советувал сопствениците на кафулињата да излезат на прес-конференција и да кажат што им се бара, но тие возвратиле дека се плашат да не им испратат инспекции.

– Луѓето оваа фактура ја платиле од страв, но за возврат не добиле ништо. И покрај 400.000 евра што ние ги трошиме како народни пари, тие (кафулињата) сега плаќаат дополнитени средства – рече Илиевски.

Според она што го кажа советникот Илиевски, Тодор Ивановски, привремено вработен во Агенцијата за привремени вработувања „Зета“, а отстапен на Општина Битола, е службеникот што барал пари од сопствениците.

На ова реагираше претседателката на Советот, Силвана Ангелевска, со сугестија дека советникот требало да го пријави случајот во полиција.

Градоначалникот Талески не даде конкретен одговор за случајот.

Неодамна во одговор за „Мета“, од прес-службата на ИФФК „Браќа Манаки“ одговорија дека Општина Битола го поддржа фестивалот со 3.250.000 денари.

Ивановски вели дека изјвата на Методија Илиевски е неточна и тенденциозна.

– Како координатор на дополнителната програмата на „Браќа Манаки“, доставив лимитирана понуда до 12 кафулиња и до два угостителски објекти во центарот на градот, да бидат дел од програмата. Процесот на анимирање на угостителите траеше четири месеци. Во тој период беше презентиран концептот за учество на локалите со сопствена програма во деновите на фестивалот, како и со поставување нивно лого на веб-страницата на фестивалот и банер на влезот од Центарот за култура – вели Ивановски, потврдувајќи дека котизацијата за учество била 12.300 денари и била на сметка на фестивалот.

А.Б.


Фестивалот „Браќа Манаки“ годинава на вересија


Битола, 16 декември, 2015 - 15:08 (META) 

По режисерот Столе Попов, и новиот тим на ИФФК „Браќа Манаки “ се задолжи до гуша кај битолчани.

Фирми кои за време на фестивалот годинава имале склучено договори за вршење услуги, велат дека останале со куси ракави. По три месеци од завршувањето на 36. издание на фестивалот, не виделе ниту денар за сработеното.

Сакајќи да останат анонимни, дел од фирмите ангажирани за фестивалот велат дека последно им било кажано дека до почетокот на декември конечно ќе бидат исплатени, ама тоа не се случило.

– Фестивалот ни должи по неколку стотици илјади денари, а на некои фирми и повеќе. Контактиравме со сметководството на фестивалот и ни кажаа дека никому не се исплатени парите за извршените услуги и дека се чекаат финансии од Министерството за култура. Ни ветија дека до 1 декември сè ќе биде исплатено, но, еве, помина и половина од овој месец, а нема абер дека парите ќе ги земеме. И ние имаме вработени за плаќање, вака не може – реагираат револтирано од неколку фирми во Битола, кои биле ангажирани за потребите на фестивалот.

Преку прес-тимот на ИФФК „Браќа Манаки“, побаравме одговор од директорот Димитар Николовски-Таки, зошто фестивалот не им префрлил ниту денар на битолски фирми кои соработувале на годинешното издание на „Браќа Манаки“.

– Поголемиот дел од фирмите со кои ИФФК „Браќа Манаки“ соработувал за своето 36. издание се веќе исплатени. Мал дел од нив, според потпишаните договори, ќе бидат исплатени штом Агенцијата за филм ќе ја префрли последната рата од парите одобрени за поддршка на фестивалот за годинава – се вели во писмениот одговор од фестивалската управа.

Од фестивалот со бројки појаснуваат со колкав буџет располагаат оваа година.

– Буџетот од Агенцијата за филм изнесува 7.700.000 денари (објавено во март 2015, на прес-конференција на тогашниот директор на Агенцијата, Дарко Башески). Општина Битола го поддржа фестивалот со 3.250.000 денари – стои понатаму во одговорот од ИФФК „Браќа Манаки“.

Режисерот Столе Попов, кога го снимаше филмот „До балчак“ во Битола, остана должен кај дузина дуќанџии, кои ги затворија дуќаните за потребите на филмот, но и во неколку фирми и кафеани од каде што биле користени услуги.

Дуќанџиите ги тужеа филмаџиите за да си ги наплатат побарувањата. Без пари останаа и дел од актерите на филмот, иако „До балчак“ доби три милиони евра државни пари.

А.Б.


И Фестивалот „Браќа Манаки“ не ја одмина големата мигрантска криза


Битола, 19 септември, 2015 - 11:56 (META) 

Силен аплауз и топол прием кај публиката, вака помина светската премиера на македонскиот филм „Лазар“, синоќа на свеченото отворање на 36. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.

Коинциденција или не, филмот ја обработува темата за шверцот на мигранти и за криминалот, во кој поради тешката егзистенцијата се втурнуваат македонските граѓани.

– Коинциденцијата е експлозијата на кризатата која се провлекуваше 20 години. Темата е инспирирана од настани пред 10 години, а сега експлодира и ни се случува хуманитарна криза на сите нас во Европа – рече режисерот на филмот, Светозар Ристовски.

Пред публиката беше претставен и голем дел од екипата која работеше на овој филм.

Новата постава на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола, донесе нова енергија, која порачуваше „повеќе слики, а помалку зборување“.

Директорот на фестивалот, Димитар Николов, исплашен да не згреши во зборувањето, призна дека има трема и дека мора да го прочита својот говор, во кој вети дека фестивалот ќе го направи уште поголем во светски рамки.

Особено интересен на сцената беше актерот Алексеј Серебрјаков, добитник на специјалната награда „Златна камера 300“, кој како вистински шоумен ја релаксираше напнатата атмосфера кај домаќините.

– Добро би било во салата да седеше мојата сопруга, бидејќи сè што правам, е за таа да се гордее со мене – рече Серебрјаков и во истиот момент се фати за телефонот и ѝ се јави на сопругата.

– „Ало, срце, јас сум на сцена и имаш поздрав“.

На репликата на рускиот актер се надоврза и вториот лауреат Бруно Ганц, кој се пошегува дека, за жал, тој го оставил телефонот во хотел, па, не може да ѝ се јави на сопругата. Потоа додаде дека поминал прекрасни моменти во Битола, воодушевен од историското и од културното богатство на градот.

– Ми покажаа многу археолошки знаменитости, музеи и имав можност подобро да ја запознаам вашата култура. Мило ми е што се случи тоа – рече Ганц.

Добитникот на наградата за животно дело „Златна камера 300“, Ричард Ленчевски, синоќа беше изненаден дека и тој треба да прими награда.

– Им благодарам на моите учители од филмското училиште, на сите режисери што ми даваат шанса зборовите да ги преточам во слика и на сите сниматели, кинематографери во светот, оти секој снимен филм е една мала лекција – рече Ленчевски.

И „Пецко“ на Дарко Марковиќ, синоќа се појави на големото платно во Битола и тоа со повод. Друштвото на филмските професионалци на Македонија му ја додели наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на Марковиќ, а наградата во негово име ја прими синот Филип, кој ја расположи публиката токму со една шега во стилот на Пецко.

Во целиот овој колорит, вистинска свежина беше изведбата на пејачката Наде Талеска, со музика од филмот „Петтиот елемент“, перформанс на танчерите од „Скопје танцова школа“ предводена од Рисима Рисимкин.


На „Браќа Манаки“ ќе се промовира филмот „Последниот Македонец – патот до истребување“


Битола, 19 септември, 2015 - 10:34 (META) 

По синоќешното свечено отворање на 36. издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, денеска премиерно ќе биде прикажан новиот македонски документарно-игран филм „Последниот Македонец – патот до истребување“, во режија на охриѓанецот Илија Пиперковски.

Мотивите за снимањето на филмот произлегуваат од стогодишнината од потпишувањето на Букурешкиот договор во 1913 година. Мотивите за сценариото на овој филм, според сценаристот Александар Кукулев, потекнуваат од потребата македонската и меѓународната јавност да се запознае со македонската историографија на Букурешкиот договор, затоа што досега македонската јавност се потпирала на бугарската, српската и на грчката верзија на овој договор.

Ова за него е прв играно-документарен филм, кој изобилува со ликови и со настани преку кои се отсликува едно време на неединство и на предавства, создавајќи го патот до истребување.

За режисерот Илија Пиперкоски, сон на секој режисер е да снима епски филм, особено за тема што никој претходно не ја обработил како игран филм.

– Долг беше процесот за да се направи овој филм, за најтешкиот период од македонската историја, филм кој ќе ни покаже зошто и каде сме згрешиле, со порака да не се направат истите грешки – вели Пиперкоски.

Сценариото на филмот е на Александар Кукулев, продуцент е Снежана Лупевска-Созен, кинематографер е Дејан Димески, а монтажата е на Данчо Стевков.

Во филмот, кој е поддржан со средства на Агенцијата за филм на Република Макеоднија, играат Сашко Коцев, Ненад Нацев, Славиша Кајевски, Зоран Љутков, Рубенс Муратовски, Петар Горко, Валентина Грамосли, Билјана Драгичевиќ-Пројковска.

 


Црвениот килим послан да ги дочека ѕвездите на филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола


Битола, 18 септември, 2015 - 15:56 (META) 

Послан е црвениот килим пред Центарот за култура во Битола за да ги дочека филмаџиите од земјава и од светот на 36. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Во градот на браќата Манаки веќе се чувствува „силата“ на филмот и фестивалската атмосфера. Годинава фестивалот е во рацете на новиот директор Димитар Николов и за разлика од минатите години, кога се вложуваше во фестивалската еуфорија, годинава се чувствува помирна и полежерна атмосфера.

Битолчани се нестрпливи да ги видат големите филмски ѕвезди и да уживаат во магијата на филмот. Хотелите ги дочекаа гостите, на Широк сокак е невообичаено раздвижено, кафулињата се полни со гости, а полни раце работа имаат и во бутиците и во фризерниците.

За новинарите и за гостите на фестивалот, денеска особено впечатливо беше претставувањето на актерот Бруно Ганц, добитник на специјалната „Златна камера 300“. Присутните му се восхитуваа на скромноста, а тој срамежливо им се заблагодаруваше, зборувајќи за неговата актерска кариера, особено за филмот „Небото над Берлин“ од Вим Вендерс.

– Кога почнавме да снимаме со Вендерс, многу дијалози во сценариото не беа целосни. Што е ангел, како изгледа, како зборува, како комуницира со другите ангели. Претходно немаше филмови за ангели и немавме друга претстава, освен преку религиозните мотиви и книги. Снимавме по 12 часа, а потоа во вечерните часови продолжувавме со состаноци. Воопшто немавме приватен живот – изјави Бруно Ганц.

На прес-конференцијата се претстави и актерот Алексеј Серебрјаков, кој рече дека би снимил и македонски филм доколку за тоа добие понуда. Не изостана и неговиот впечаток за нашата земја, претставувајќи ја како комбинација од сонце, пејзаж, многу убави луѓе и од вино.

Домаќините на фестивалот го поздравија обраќајќи му се со „господин Левијатан“, поради неговата улога во филмот „Левијатан“, за која актерот зборуваше на прес-конференцијата во Битола.

– Многу тежок филм. Некои кадри се преснимуваа по 20-30 пати. Сепак, оставам сликата да зборува сама за себе и се надевам дека токму преку таа слика нашите поколенија ќе можат да разберат на каква територија живеат – рече актерот.

Отворањето вечерва ќе го одбележи светската премиера на филмот „Лазар“ во режија на Светозар Ристовски и во знакот на 110 години творештво на браќата Манаки.