Добитникот на „Златна камера 300“ на „Браќа Манаки“ , Ентони Дод Ментл со порака до младите: Најважниот објектив е тој во главата

Фото: Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија

„На сите млади луѓе кои посакуваат еден ден да стојат овде на ова место, без разлика дали се занимаваат со фотографија или со кинематографија, би им рекол дека најважниот објектив е оној во главата, а најважното нешто што треба да го кажат треба да дојде од срцето, сето друго е академско. Она што вие автентично го имате е во овие две точки”, рече оскаровецот Ентони Дод Ментл кој вчера на отворањето на 43.издание на фестивалот „Браќа Манаки“ ја прими аградата за животно дело „Златна камера 300“ од претседателот на државата Стево Пендаровски.

На свечениот чин, пред аудиториумот во Битола, Пендаровски го цитираше Брехт според кој уметноста не е огледало во кое се огледува реалноста, туку длето со кое критички се обликува она што не е експлицитно видливо во реалноста и она што често општествените и политичките динамики сакаат да го затскријат.

„Ако основната мисија на филмот е да биде во полемика со светот и неговите аномалии, тогаш фестивалските филмски манифестации треба да бидат јадрата на прогресивноста во естетска и во поширока општествена смисла, а нашиот фестивал на филмска камера ‘Браќа Манаки’ со богата играна и документарна програма и годинава потврдува дека е токму такво јадро во континуитет“, нагласи Пендаровски.

На отворањето се обрати и министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска.

Се радувам, рече Костадиновска – Стојчевска, кога уметноста е прва вест, како што тоа е вечерва во чест на балканските браќа на светлината. Овој фестивал е најстар во светот посветен на умешноста и љубовта кон кинематографијата.

Во името на градот домаќин се обрати градоначалникот Тони Коњановски, а публиката во Битола го поздрави доделувањето на почесната Златна „Камера 300“ на долгогодишниот претседател на ИМАГО, Најџел Волтерс, постхумното признание за Горјан Тозија – Медо, наградата Голема Ѕвезда на македонскиот филм и наградата Златна „Камера 300“ за животно дело која му беше доделена на Ентони Дод Ментл, британско-дански кинематографер.

На големото платно во Центарот за култура вечерва се емитува францускиот игран филм „Мајка и син” во кој кинематограферка е Елен Луварт.

1 КОМЕНТАР

  1. ПОЧИТУВАНИ,

    ВИ БЛАГОДАРАМ ЗА УБАВИОТ МОМЕНТ ВО ДЕНОТ.
    ПРЕКРАСНО НАПРАВИВТЕ ШТО НЕ ДОБЛИЖИВТЕ ДО ФИЛМСКАТА МАНИФЕСТАЦИЈА.

    БЛАГОДАРАМ

Comments are closed.